Постарите генерации растеле со убедувањето дека „ќотекот излегол од рајот“, а потоа, како што се менувале времињата, сè поретко се применувало физичкото казнување на децата. Меѓутоа, и меѓу младите родители има личности што сметаат дека ова е прифатлива метода во воспитувањето непослушни деца.

Ќотекот дава само моментални резултати во корекцијата на однесувањето, па дури ни тоа, но затоа може многу сериозно да се одрази врз емоционалниот развој на детето. Знаеме дека трпението на родителите, без разлика на љубовта што ја чувствуваат кон детето, има свои граници, дека децата знаат да бидат непослушни, невозможни, да ни ги тестираат нервите, но ни тогаш не треба да се применува физичко казнување. За да го промени своето однесување и да се поправи, детето мора да знае зошто го барате тоа од него, а ќотекот нема ништо да му разјасни.

Родителите прво почнуваат со удари и со текот на времето ја зголемуваат казната, што може да остави сериозни последици врз психичкиот развој на детето, да го насочи кон анксиозност и депресија.

Децата што се физички казнувани го усвојуваат тепањето како легитимен метод за комуникација и решавање на проблемите, па подоцна и самите го применуваат. Тие ќе го прават тоа секогаш кога нема да знаат да го решат проблемот на друг начин и во однос со врсниците и во возрасна доба, во своето семејство, со партнерот и децата.

Децата што се физички казнувани се изложени на зголемен ризик од појава на депресија, не само во возрасниот период, туку и во детството, особено ако физичката казна е применувана во најраното детство. Тие во родителите гледаат потпора и очекуваат љубов, колку и да се немирни и непослушни, па ќотекот го доживуваат како доказ за нетрпеливоста и потврда дека на мама и на тато не им се важни. Во екстремни случаи кај децата што по природа се чувствителни, а доколку физичкото казнување трае, се нарушува и нивниот имунитет, па со самото тоа може да имаат и здравствени проблеми.

Доколку детето е луто, немирно и не го слуша она што ќе му се каже, физичката казна само ќе долее масло на огнот. Обидете се да бидете прецизни кога нешто барате од него. Немојте само да му кажете: „Биди добар“, туку бидете прецизни: „Престани да го удираш брат ти, тоа го боли“.

Важно е да воспоставите и контакт со очите, и колку и да звучи невозможно, да се обидете да го намалите тонот со кој се обраќате бидејќи викањето никогаш не го дава очекуваниот резултат. Децата ќе ве чујат само доколку зборувате со мирен тон. Детето треба да го оддалечите од играта или ситуацијата во која моментално се наоѓа и да му објасните зошто неговото однесување е недозволиво. Би требало да се смири неколку минути пред да се врати на активноста или играта со други деца.

Доколку, пак, детето е постаро и ги игнорира вашите совети и барања, па и разговорите не помагаат, дозволете му да погреши, се разбира, доколку тоа нема сериозно да му наштети. Кога ќе ги согледа последиците од своето лошо однесување, најлесно ќе може да научи што е погрешно, а што може да е дозволено.



912

X