Дали може слепо да им веруваме на јавните даватели на видеоуслуги? Дури и ако продуцентите на видеа за учење ги објаснуваат темите јасно и на сликовит начин што е погоден за учениците, гледачот не секогаш знае дали тие навистина се стручни во таа сфера

Дали институциите се подготвени да се соочат со предизвикот?

Целта на успешната настава е наставникот и најкомплексните наставни содржини да успее да ги направи разбирливи за учениците. Од таа причина во последно време дигиталните медиуми почнуваат да играат значајна улога во наставата. За таа намена наставниците користат дигитални медиуми за време на часот, но и учениците за учење користат канали кои објавуваат наставни содржини на интернет. Но, за жал, не секое видео е соодветно за учење.

Дигитализацијата, сосема разбирливо, поради експанзијата на дигиталните медиуми, зазема сè поголем простор во нашето секојдневие. Наместо да го вклучуваме телевизорот, серии и филмови може да гледаме преку т.н. стриминг-услуги. Наместо да одиме во супермаркет или ресторан, храната може да ја нарачаме, да ни ја донесат дома со само еден клик. Оваа секојдневна навика неминовно стигнува и до училницата: наставниците и учениците се обидуваат меѓусебно да си помогнат со помош на интернет. Интернет-содржините се користат во подготовката на часовите, како поддршка во наставниот процес, и се разбира при дигитално туторство.

Уште пред повеќе од три години околу 70 отсто од наставниците се изјасниле дека дигитализацијата ќе ја направи наставата поинтересна и попривлечна за учениците. 80 отсто од учениците потврдуваат дека се поактивни и поконцентрирани преку учење со примена на дигитални содржини, истражување по интернет или презентации. И наставниците и учениците сакаат да им се даде можност за употреба на дигиталните медиуми во наставата. Под успешна употреба на дигитални содржини во наставата се подразбира полесно совладување на наставната материја.

Како може да помогнат дигиталните содржини?

Постојат различни типови ученици: некои полесно учат визуелно, а други преку говор. Дигиталните содржини што ги надополнуваат класичните материјали може да им помогнат на двата типа ученици. Особено во ситуацијата во која се наоѓаме, кога наставата и учењето се одвиваат на далечина и преку „учење од дома“, примената на дигиталните содржини во наставата добива значење.

Постојат многу провајдери кои поставуваат илјадници видеа за учење на платформи како што е „Јутјуб“. Од историја, биологија, физика, природни науки, математика, па сè до информатика: повеќето теми од наставната програма може релативно лесно да ги најдеме на интернет. Со нивна помош учениците се доближуваат и до најтешките содржини на релаксиран и практичен начин. Дури и најкомплексните наставни содржини не само што може јасно да се доближат до потребите на учениците преку видео, туку и темпото на учење исто така може да се индивидуализира подобро преку запирање, враќање и повторно гледање на снимката.

Но, дали може слепо да им веруваме на јавните даватели на видеоуслуги? Дури и ако продуцентите на видеа за учење ги објаснуваат темите јасно и на сликовит начин што е погоден за учениците, гледачот не секогаш знае дали тие навистина се стручни во таа сфера. Големиот број различни видеа на „Јутјуб“ ни го отежнуваат одлучувањето околу доверливоста на изворот.
Така, на пример, ако погледнеме неколку видеа на иста тема, често забележуваме дека може да има големи разлики во однос на содржината и јазикот. Експертите подолго време укажуваат на тоа дека повеќето материјали достапни на интернет не подлежат на никаква контрола на квалитетот. Во некои случаи, ваквите видеа дури содржат и реклами.

Како можеме да разликуваме релевантен од нерелевантен извор?

Најважно е во овој случај да се обидеме колку што можеме повеќе да дознаеме за продуцентот на видеото. Со помош на истражување на интернет може однапред да провериме дали имаме работа со наставник, научник или универзитетски професор. На „Јутјуб“ може да се најдат видеа од телевизиски програми. Во случај на „Јутјуб“, каде што не даваат ништо за нивната научна обука, не е можно да се провери дали нивната содржина е технички добра.
Втор проблем: типовите видеа се разликуваат. На пример, еден јутубер само зборува, вториот објаснува класично пред табла, следниот канал работи комбинирано со анимации и глас. Но, кој е соодветниот тип на видео за која наставна цел и за кој ученик?

View of the interior of elementary school.

Многу наставници од искуство знаат дека не секој тип на презентација е соодветен за секоја тема. Сепак, понудената разновидност на наставни содржини и методи им дава на учениците можност да се здобијат со индивидуално знаење според нивните способности за учење и видовите на учење. Затоа не секогаш има смисла да се избираат лекции преку видеосодржини. Но, користењето на понудите за дигитално учење како дополнителна поддршка во наставата и учењето може да биде полезно, се разбира под услов таквите содржини да се точни и да се потпираат на факти.

Креирањето сопствени наставни видеа налага совладување на темата, но бара и соодветна дидактичка подготовка така што содржината ќе се објасни на начин разбирлив за гледачите.

Мотото е да создаваме наместо да гледаме. Во денешно време постојат соодветни апликации што може да ги користиме за да создадеме свои видеа за учење. За оваа цел, на пример, клипчиња може да се снимаат со мобилниот телефон.
Се разбира, потребата од примена на дигитални содржини е едно, а подготвеноста на институциите за нејзина практична примена во наставата друго прашање. Потребна е сеопфатна стратегија на Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука во оваа сфера. Корона-кризата безусловно ја наметнува дигитализацијата во образованието. Во овој случај, подготвеноста на институциите да се соочат со предизвикот и на тој начин да ја уважат и испочитуваат посветеноста на наставниците ќе игра значајна улога во новата учебна година.

Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност



912

X