Можете да бидете великодушни со комплименти, но дали ги кажувате правилните работи? Експертите објаснуваат како малите промени во однос на комплиментите што им ги упатувате на децата може да имаат големо влијание врз нивната самодоверба.

1. „Одлична работа!“

Откако вашето дете ќе добие добра оценка на училиште, медал на натпреварување или некое слично остварување, можеби ќе ви биде тешко да го контролирате воодушевувањето велејќи му „Толку си неверојатно паметен!“, „Фантастичен си!“ и слично. Но, употребата на силни атрибути всушност може да има негативно влијание врз децата, вели клиничкиот психолог Николас Вестерс.

– На децата со ниска самодоверба таквите изјави им прават притисок за совршеност во некои ситуации, па тие може да почнат да ги избегнуваат задачите што им се чинат претешки – вели тој. Затоа е најдобро да се насочите кон конкретната работа што ја пофалувате, односно да се даде комплимент за направеното, на пример: „Браво, одлично го направи тоа“.

2. „Навистина даде сè од себе“

Ти си најдобар/а, најпаметен/а, најубав/а – се примери на воздигнати комплименти кои не се добри, без разлика дали му ги кажувате на дете кое е несигурно во себе или, пак, е премногу сигурно во себе. Нивната порака на крајот е „вредам ако ги исполнам очекувањата“. Многу е подобро да се упати пофалба кон самиот процес, на пример: „Гледам колку се трудиш“, бидејќи со тоа му се дава заслуга на детето, но не се поставуваат нереални очекувања.

3. „Го освоивте шампионатот! Само еден од 12 тима може да го каже тоа!“

На ниедно дете не треба да му се дадат повеќе пофалби од заслуженото. „Надуените пофалби се гледа дека едноставно се – претерување. Тоа може да доведе до ситуација децата или да не веруваат или да се сомневаат во она што го зборуваме како родители“, вели Ерин Клабоу, автор и доктор на науки. Кога дете со ниска самодоверба прави нешто добро, упатете му прецизна пофалба, но поттикнете го на тој начин што ќе коментирате како надворешниот свет гледа на тоа: „Го освоивте шампионатот од фудбалската лига! Само еден од 12 тима може да го каже тоа!“

4. „Доби многу удари на голот!“

Дури и во најтешките ситуации нешто секогаш е добро, вели д-р Клабоу. Наместо да се троши време на она што се погрешило, гледајте на позитивната страна и упатете му комплимент на детето за она што го направило добро. „Пофалете ги елементите на акција што сакате повторно да ги видите кај детето без разлика дали победило или изгубило“, вели таа. Тимот можеби ја изгубил играта, но одлично е да се гледа детето како се бори на голот кога другите му упатуваат повеќе удари.

5. „Одлично е што даваш сè од себе во учењето“

„Одлично е што си ги поправил/а оценките и доби 4, но знам дека можеш да добиеш и 5 ако работиш повеќе следниот пат“. Ви звучи познато? „Пофалбите ја губат ефективноста кога се придружени со коментари што ја негираат пораката“, вели Мајра Мендез, доктор по науки. „Коментари од типот – подобро отколку минатиот пат… следниот пат ќе биде подобро… или обиди се да победиш следен пат…- сето ова го поткопува коментарот упатен како пофалба и ја компромитира способноста на детето за позитивно да ја процесира ситуацијата и доброто чувство за себе“, објаснува таа. Наместо тоа, обидете се со: „Одлично е што даваш сè од себе во учењето“.

6. „Треба да се гордееш со себе“

„Постои разлика помеѓу тоа некому да кажете дека завршил добра работа и да кажете дека е гениј“, вели психологот Саба Харуни Лури. Според неа, ова е најдобар вид пофалба бидејќи поттикнува чувство на самовредност кај детето, не му создава лажна слика и го поттикнува секогаш да се труди, без разлика што резултатот од тој труд не зависи само од него, бидејќи тоа е ситуација со која често ќе се среќава во животот.

7. „Ми помагаш дома“

Можеби ќерката ви помага во празнење на машината за перење, или синот со правосмукалката – но понекогаш е важно да се биде креативен со пофалбите што влијаат мотивирачки. Ваквите комплименти го зајакнуваат чувството на детето дека е дел од заедница, го поттикнуваат да го прави тоа и понатаму и создаваат чувство дека работата во домот е и негова одговорност.

8. Пофалете ги послушноста и почитта

Лесно е да се западне во ситуација во која го забележуваме само лошото однесување на нашите деца. Наместо да очекувате непослушност и непочитување, обидете се да го забележите она што вашите деца го прават добро.

9. Пофалете ги неговите пријатели

Ова направете го само кога можете да бидете целосно искрени. Во секој случај детето ќе биде задоволно доколку искажете доверба во неговиот избор на пријатели и луѓе со кои го поминува слободното време. Не двоумете се да ги истакнете пријателите за кои мислите дека позитивно влијаат врз вашето дете.

10. „Те сакам без разлика на сè“

Родителите треба постојано да им кажуваат на своите деца дека ги сакаат. Но, родителите треба да бидат внимателни кога ја искажуваат својата љубов „на начин на кој покажуваат дека нивната љубов е безусловна и не е поврзана со тоа што прави или не нивното дете“, вели д-р Вестерс. Децата треба да знаат дека се сакани и третирани со нежност и љубезност, без разлика на нивниот изглед, однесување или достигнувања.

Автор: Пиџеј Фајнстин

Извор

Подготвил: Маја Пероска



912

X