Можеби сте го гледале филмот „Капетан Фантастичен“, во кој Виго Мортенсен живее во шума со своите шест деца? Ако сте го гледале, сигурно ве трогнал и ве импресионирал – особено е импресивен начинот на кој Мортенсен ги одгледувал и образовал своите деца. Сигурно, како и мене, низ глава ви поминала мислата: „ А што би било кога и јас би постапил така?“

Да се живее во согласност со природата, всушност, на сите треба да ни биде цел, но малкумина од нас се осмелуваат да тргнат по тој пат. Исто така, малкумина од нас имаат време да одгледуваат деца онака како што мислат дека навистина треба. Ние сме на работа, децата се во градинка или на училиште – најголемиот дел од денот не сме заедно. А и оние неколку часа кога сме повторно секој се занимава со своите работи…

А потоа се појави – корона.

Одеднаш (присилно) добивме можност да ги поминуваме деновите (неделите, месеците) заедно. Одеднаш имавме време да се дружиме. Да бидеме заедно.

Со децата качени на глава

И какво е искуството? Дали сте благодарни што ви се даде таа можност? Дали сте среќни со вашите деца? Или ви се качија на глава?

Морам да признаам, по една недела извршување обврски од дома и истовремено соживот со две деца, морам да ја ставам раката на срце и да признаам – не сум капетан Фантастичен. Ни одблиску. Една работа морам да ви ја признаам: ги обожавам моите деца, сакам сè да правам со нив, нема тема на која не можеме да разговараме, се трудам да ги слушам, играм со нив, се смееме, дури не ги ни сокривам солзите ако нешто ме трогне… Значи, мислам дека имаме добар однос, ги доживувам како мали луѓе, луѓе со сопствени чувства, нагони, размислувања, а не како мои продолжетоци или битија кои безусловно мора да ме слушаат. Но, 24 часа дневно со нив, кога работодавецот очекува од вас дополнителен напор, а истовремено морате да се занимавате и со наставна училишна програма и сите дневни потреби на едно дете од претшколска возраст… тоа е нешто на кое човек мора да се научи. И тоа постапно.

Кога денот е прекраток

Уште една работа што морате да ја знаете: разведен сум и децата се една недела кај мајката, а една кај мене. Мојата поранешна жена и јас си помагаме колку што можеме, си се наоѓаме еден на друг кога треба, но неделата кога сме сами со децата секогаш е голем предизвик (да, знам капетан фантастичен беше сам со 6 деца. Секоја чест. Но, тоа е само лик од филм). Со самото тоа и работата од дома е голем предизвик. Бидејќи често состаноците преку видео што траат неколку часа не им се баш омилени на моите деца – морав да ги исклучувам сликата и тонот бидејќи принцезата мораше во тоалет, а на принцот баш тогаш му се јадеше. Или на двајцата ќе им станеше здодевно. Или додека трае состанокот ќе се искараа и расплачеа. Колешките и колегите се смееја кога на екранот преку мојот лик ќе се појавеше некое раче или ноже.

А додека работите, морате да размислувате и за тоа што ќе им подготвите за ручек. И да ги измиете чиниите по ручекот. И да ставите алиштата за перење. И да ги ставите да се сушат. И нонстоп да ги миете садовите, да ги дезинфицирате работите што ќе ги донесете од продавница, да се погрижите сè да биде чисто и уредно…

Барем за трошка подобри

Мојата приказна не е посебна, би рекол дека е слична на сите други. Дали во тие два месеца станавме капетан Фантастичен за нашите деца? Дали бевме духовно поприсутни отколку пред короната? Дали ја искористивме можноста за да научиме нешто ново? Нешто корисно за животот? Дали им одговоривме на сите прашања што претходно не се осмелиле да ни ги постават? Дали станавме подобри родители поради короната? Барем за трошка? Капетан Фантастичен е, како што напишав, само лик од филм. Не морате да се преселите во некое далечно место, да се бањате со децата и во импровизирана куќарка да им читате филозофски дела за тие навистина да ве доживеат како капетан Фантастичен. Иако никому не му е лесно, овие два месеца можеа да послужат како добра можност да уживаме со своите деца, да ги научиме на некои социјални вештини врзани за семејната динамика, кои претходно не сме можеле да ги вежбаме (освен-можеби-на-оние-недела-две заедничко дружење во текот на годишниот одмор). Добивме можност да живееме како вистинско семејство, да решаваме проблеми како вистинско семејство. Добивме можност да учиме да бидеме трпеливи, присутни, да се слушаме едни со други – и да се доживееме едни со други.

Добивме можност да станеме барем Капетан Малку Помалку Фантастичен.

Автор: Крешимир Шего

Извор



912

X