Студија објавена во списанието на Американската медицинска асоцијација, базирана на 150 илјади бремености во Канада од 2004 до 2014 година, заклучува дека ако помине помалку од една година помеѓу бременостите се зголемуваат ризиците, без разлика на возраста на жената. По една година, сепак, има помала шанса за ризици.

– Пораката од студијата е дека бременостите во пократок период ги изложуваат на ризици жените на сите возрасти. Откривме дека ризиците за мајката се присутни само за жени на 35 и повеќе години, а не за помладите жени, додека ризиците се на високо ниво за бебето кај жени и помеѓу 20 и 34, но и кај жени од 35 години и повеќе – вели Лора Шумерс од Универзитетот на Британска Колумбија.
Ризиците се слични помеѓу 12 и 24 месеци, а ние согледавме многу мала понатамошна редукција помеѓу 12 и 18 месеци, истакнала Шумерс. Интервалот помеѓу бременостите е пресметан како време помеѓу раѓањето на едно дете и зачнувањето на следното дете. За жените над 35 години, ризикот од компликации кај мајката е највисок за бременостите што почнуваат на 3, 6 или 9 месеци по претходното раѓање.

За бебињата, ризикот е присутен кај блиските бремености без разлика на возраста на мајката. Како ризици тука се вклучени доенечка смртност, смрт во првата година од животот, ниска маса при раѓање и прерано раѓање – ризици кои биле опфатени кај 2 проценти од новороденчињата во студијата. Кога бременоста почнува 6 месеци по породувањето, ризикот за прерано породување расте за 59 проценти, во споредба со бременостите што започнуваат 18 месеци по породувањето.

Лекарите во САД вообичаено ги советуваат жените да почекаат барем 18 месеци пред да забременат со друго дете. Светската здравствена организација препорачува барем 24 месеци.

– Нашите откритија посочуваат на пократок оптимален интервал од претходното сфаќање (12-24 месеци) за жени на сите возрасти, се заклучува во студијата. Ова откритие може да биде смирувачко, особено за постарите жени кои мораат да ги измерат конкурентските ризици од повисоката мајчината возраст со подолгите интервали на бременост (вклучително и неплодност и хромозомски аномалии) наспроти ризиците од кратки интервали меѓу бременостите.

Извор



912

X