Воспитување

Колку време им е потребно на децата и бебињата за игра

Омилениот водител на ТВ-шоу за деца во САД, господин Роџерс, од секогаш бил познат по тоа што играта ја нарекувал „работата на детството“. И навистина е така! Повеќе од забава, играта е начинот на кој бебињата и малите деца учат и комуницираат со светот околу нив. Па така, им треба многу време за да го прават тоа – секој ден.

Еве зошто играта е толку важна за вашето дете, како и колку време од денот треба да биде посветен само на забава.

Придобивките од играта за бебињата и малите деца

Времето за игра е забавно за вашето мало дете, но исто така е важен дел од неговото целокупно здравје и благосостојба. Всушност, редовното време за игра треба да е составен дел од секојдневието за да им се помогне на малите деца да растат и да се развиваат соодветно – и физички и психички.

Според Американската академија за педијатрија (ААП), играњето:

-Поттикнува емоционален развој и издржливост, вклучително и помагање на децата да се справат со тешките чувства.
-Ја зголемува самодовербата.
-Промовира физичка умешност и сила.
-Негува имагинација и креативно размислување, како и решавање проблеми.
-Нуди шанса да истражувате нови улоги, вклучително и вежбање улоги за возрасни.
-Промовира социјален развој, помагајќи им на децата да научат како да работат во групи, да споделуваат, преговараат и решаваат конфликти.
-Ги учи децата како да се залагаат за себе.
-Ги подготвува децата за учење на училиште.

Играта е, исто така, важен начин за поврзување на родителите и децата. Можеби ќе ја видите првата насмевка на вашето бебе додека играте „криенка“ или пеете некоја смешна песна. Како што бебето расте, играњето заедно со вас служи како шанса да му помогнете да научи вредни лекции и да најде ефективни начини за комуникација.

Што е најважно, ако му го дадете целосното внимание на вашето дете за време на играњето, со тоа му испраќате порака дека е важно и дека е сакано.

Колку време за игра им треба на бебињата?

Бебињата треба да имаат можност да играат секој ден. Американската академија за педијатрија препорачува родителите да ја користат играта за да помогнат во задоволувањето на здравствените и развојните потреби на нивното дете почнувајќи уште од раѓањето.
Кога станува збор за активната игра – размислете да дозволите вашето дете да игра или слободно да се движи на подот со внимателен надзор.

– Колку повеќе време поминато во игра, толку подобро – вели Светската здравствена организација (СЗО). Дури и малите бебиња треба да добиваат две или три сесии за играње дневно, легнати на стомачето, секоја сесија во времетраење од три до пет минути.

Играњето не мора да значи да го забавувате вашето бебе со играчки цел ден. Додека играта со доенчиња може да вклучи истражување на нови предмети, на пример, кадифените животни, има и многу други начини за заедничка интеракција и забава. Имитирањето на звуците што ги прави вашето бебе, пеењето песни, користењето огледало за истражување на изразите на лицето или дури и само давање простор на вашето бебе да истражи како се движи неговото тело се сметаат за вредни форми на играње.

Колку време за игра им треба на малите деца?

Малите деца треба да имаат можност да играат секој ден, велат од ААП. Многу експерти препорачуваат да им се даде на малите најмалку еден час дневно неструктурирана (но сепак надгледувана) игра, каде што децата можат да истражуваат што ги интересира, и најмалку 30 минути активна, структурирана игра предводена од возрасни. Упатете се и кон игралиште за детето да трча и да скока… Користете едноставни предмети низ куќата како мали кутии или чинии за да поттикнете имагинативна игра. Креирајте уметност или музика. Направете собир и со други деца и семејства за вашето дете да има шанса да се социјализира.

Идеи за игра за бебињата и малите деца

Играта може да има многу различни форми – и сè додека вашето дете се забавува и е безбедно, нема правилен или погрешен начин да се примени играта. Ако барате некакво водство, овие идеи можат да ви помогнат да започнете.

Обезбедете различни можности за играње. Активната игра, имагинативната игра, креативната игра (како користење боја со прсти или боички), сетилната игра (како играње со вода или песок) и музичката игра го стимулираат вашето дете на различни начини.

Плус, повеќе разновидност значи повеќе забава!

Дозволете вашето дете да биде лидер. Вклучете се кога вашето дете си игра, но одолејте на нагонот да го натерате да ги прави работите на одреден начин. Играта служи за истражување и експериментирање и не постои правилен или погрешен начин да се забавувате. (Се разбира, сè додека никој не е изложен на ризик да се повреди.)

Играјте игри и пејте песни. Играњето игри како криенка, пеење песни со рими и слично се сметаат за забавни игри и тие се еден од најдобрите начини да се вклучите во комуникација со малите деца.

Изберете играчки што можат да се користат на различни начини. Изберете играчки што можат да се користат на различни начини, како коцки или кукли, наместо играчки што имаат само една намена или не бараат многу користење на имагинација.

Оставете ги екраните настрана. Одржувањето на играта без користење екран му дава на вашето дете шанса да биде креативно, да размислува. Исто така, исклучете го телефонот кога си играте со вашето дете за да покажете дека му го посветувате целото внимание.

Одете во игротека. Интеракцијата со други бебиња и мали деца му дава на вашето дете (и на вас) шанса да се дружи, а тоа додава друга димензија во играњето.

Користете материјали што ги имате дома. Понекогаш наједноставните предмети стануваат најзабавни. Претворете мала картонска кутија во игротека или чамец, создавајте музика со тенџериња и тави или правете сенки на ѕидот со батериски ламби.

Излезете надвор. Малите деца никогаш не се заморуваат од трчање, скокање и качување во локалното игралиште или парк. Дури и малите бебиња сакаат да ги гледаат глетките, да ги слушаат звуците и да ги почувствуваат мирисите на природниот свет – само понесете ќебе за да седнат или да легнат на земја.

Играта со бебиња и мали деца може да се случи на секакви начини, од пеење песни, преправање, излегување надвор и движење наоколу. Само погрижете се тоа да се случува секој ден – и оставете го вашето малечко да го води процесот!

Автор: Џесил Пажајампалил

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top