Училиштата нема да работат до крајот на школската година и наставата ќе продолжи да се одвива на далечина, но тоа не значи дека треба да заборавиме на проблемите со кои се соочуваат и учениците и образовниот кадар, без разлика каде се одвива, дали дома или во училишните клупи. Инклузијата во образованието во услови какви што се нашите не се спроведува преку ноќ, па што и да се случува, не смее да се стави во втор план. Инклузивно училиште е место каде што секој припаѓа, секој е прифатен, поддржува и е поддржан од неговите врсници и другите членови на училишната заедница за да ги задоволи своите образовни потреби, потенцира проф. д-р Поповска-Налевска
Редовните училишта и одделенијата треба да се развијат за да можат да одговорат на образовните и социјални потреби на секој ученик, да бидат место каде што секој ученик ќе биде прифатен и поддржан од соучениците и од членовите на училишната заедница, а родителите во таа средина да станат еднакви партнери на училишната заедница и на нејзините инклузивни тимови. Тоа се постигнува со инклузија во образованието и со воведување инклузивна настава, вели доц. д-р Горица Поповска-Налевска, професорка на Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе и Битола.
Со неа разговаравме за суштината на инклузивното образование, за подготвеноста на нашиот образовен систем за таков процес, како и за местото и улогата на семејствата и наставничкиот кадар во тој систем каде што централно место се учениците. Сето тоа професорката го објаснува и во нејзината книга „Инклузивна настава – современ дидактички концепт“, која деновиве излезе од печат во издание на издавачката куќа на нејзиниот матичен универзитет.
Што всушност претставува инклузијата во образованието? Што подразбира современата дидактика за инклузивна настава?
– Инклузијата во образованието е процес на меѓусебно уважување на различноста на секој ученик и на неговите потреби. Тоа е процес во кој ученикот е во центарот на вниманието, а образовниот систем се справува со предизвиците исправени пред сите ученици. Успешен и квалитет просветен работник мора да знае дека сите деца се различни и значајни во воспитно-образовниот процес и согласно на тоа и да ја приспособува наставата.
Суштина на инклузивната настава е редовните училишта и одделенијата да се развијат на начин кој ќе одговара на образовните и социјални потреби на секој ученик, како и да се оформат во место каде што секој ученик припаѓа, каде што е прифатен и поддржан од соучениците и сите други членови на училишната заедница. Флексибилноста на образовниот систем се рефлектира врз методите и материјалите што се користат за да им се овозможи на сите ученици најефикасен пристап до редовните наставни програми.
Дидактиката треба да одговори на прашањата зошто да се учи (цел, задачи), што да се учи (содржини), како да се учи (наставни методи, постапки), со што да се учи (наставни средства, медиуми). Тргнувајќи од фактот дека инклузивното образование е релативно нов образовен концепт, во многу земји во светот се наметна потребата од проучување на инклузивната настава како дидактички нов, современ модел на организирано поучување и учење кое заедно ги опфаќа, прифаќа и интензивно ги вклучува сите ученици (без разлика на национална и етничка припадност, пол, развојни тешкотии или надареност, социјален статус и сл.) во процесот на учење, според нивните индивидуални потенцијали и интересирања.
Дали со инклузивната настава се става акцентот на учениците со попреченост?
– Суштината на инклузивната настава не е само воспитание и образование на деца со попреченост. Тие, како и сите други ученици, треба да имаат рамноправен третман и соодветно квалитетно приспособување на воспитно-образовниот процес. Клучните елементи на инклузивната настава во чиј центар се сите деца се: овозможување повеќе патишта на учење, поттикнување кооперативно учење, создавање целисходни наставни можности, развивање атрактивни и флексибилни наставни средини, преосмислување на стратегиите за оценување и менување на улогата на наставниците. Сите овие елементи се разработуваат во мојата книга, првенствено наменета за идните наставници, педагози и психолози, но и за сите воспитно-образовни работници кои поради современите трендови за инклузивно образование сè повеќе во својата практика се соочуваат и работат со ученици кои отстапуваат од рамката на просечноста и отстапуваат од примената на вообичаените, традиционални наставни практики. Работата со ученици што имаат различни образовни потреби посебно ја „мобилизира“ потребата од планирање и организирање современа активна настава со висок процент на креативност, непосредност и користење интерактивни наставни модели (техники, методи, средства и материјали) за поттикнување на индивидуалниот развој на поединецот.
Книгата треба да ги поттикне студентите од наставничките факултети, психолозите, педагозите, да размислат во насока на надминување на стереотипите и предрасудите кон одредена категорија ученици, да размислуваат за тоа колку треба да бидат чесни во пристапот кон развојот и учењето на децата и нивните специфични потреби, интереси и можности. Секое поглавје од книгата завршува со пример на микрометодски модел на настава, замислен како работилница со теми и активности за реализација кои ги почитуваат принципите, методите и стратегиите за успешно реализирање на инклузивната настава.
Кои се бариерите за квалитетна образовна инклузија на учениците со посебни образовни потреби?
– Како активист во НВО-секторот и ангажирана како регионален координатор на здружението „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“ (www.resursencentar.mk), имам спроведено низа активности на полето на социјалната и образовна инклузија на децата со попреченост. Една од нив беше истражување за детектирање на факторите што претставуваат бариери за квалитетна образовна инклузија на учениците со попреченост во основните училишта во земјава. Тоа покажа дека создавање кадровски и технички услови за подобрување на квалитетот на инклузивно образование е една од постојните бариери за квалитетно инклузивно образование. Имено, тие се практично предуслов за самото инклузивно образование и преку институциите на државата истото требаше да биде решено системски и пред самото започнување на инклузивните процеси.
Така, формирањето инклузивни тимови во сите училишта (вклучително и вработување на специјални едукатори и рехабилитатори), намалувањето на бројот на ученици во одделенија каде што наставата ја следи и ученик со попреченост, обезбедувањето дидактички материјали и асистивна технологија, решавањето на пристапноста и обезбедувањето образовен и/или личен асистент за секое дете со попреченост според индивидуалната потреба, односно системскиот пристап во обезбедување на сè што е наведено погоре е единствениот начин на кој може да се пристапи кон вистинското започнување на инклузијата во образованието.
Втора бариера за квалитетно инклузивно образование е потребата од едукација, обуки и мотивација на наставниот кадар и психолошко-педагошката служба во училиштата.
Третата бариера укажува на потребата од едукации на родителите на деца со типичен развој за подигнување на свеста за правата на децата со попреченост, како рамноправни членови на општеството, нивно прифаќање и надминување на предрасудите, стереотипите и дискриминацијата. Исто така, потребна е и едукација на родителите на деца со попреченост за нивните права, правата на нивните деца од областа на образованието, како и со процедурите и механизмите за остварување на своите права.
Детектираните бариери се само еден од показателите за тоа колку нашиот образовен систем е подготвен за квалитетна имплементација на моделот на целосна инклузија на учениците со попреченост во редовниот образовен систем.
Колку нашиот образовен систем овозможува квалитетно инклузивно образование?
– Во книгата се елаборирани слабостите на реалниот воспитно-образовен систем, посебно апостофирајќи ја потребата од создавање кадровски и технички услови (соодветна опрема, наставни средства и посебно адаптиран простор) за подобрување на квалитетот на инклузивно образование, како и потребата од континуирано, професионално усовршување на наставниците и на стручниот тим во училиштата, за развивање стручни компетенции и стекнување нови знаења потребни за работа со ученици со попреченост, но и надарените ученици, односно избалансиран пристап кој ќе овозможи квалитетно приспособување на попреченоста наспроти високите способности на учениците. Посебно се потенцира важноста и улогата на училишниот инклузивен тим, со посебно акцентирање на улогата на наставникот при реализација на инклузивната настава, и степенот на развиеност на неговите социјални вештини, морални и етички вредности, кои пак сами по себе би претставувале позитивен модел за сите ученици. Работата со ученици што имаат различни образовни потреби посебно ја „мобилизира“ потребата од планирање и организирање современа активна настава со висок процент на креативност, непосредност и користење интерактивни наставни модели (техники, методи, средства и материјали) за поттикнување на индивидуалниот развој на поединецот. Изработувањето на индивидуален образовен план за учениците со попреченост, но и за надарените ученици бара континуиран и квалитет развој на стручни, дидактичко-методски, морално-етички компетенции на наставниците и стручните соработници во училиштата.
Која е улогата на родителите во инклузивниот образовен процес?
– Новата визија за вклучувањето на родителите во училиштето подразбира градење партнерски односи меѓу училиштето и семејството. Развивањето партнерство бара од двете страни да си дадат еднаков статус. Често пати родителите не се чувствуваат дека се „еднакви“ партнери. Тоа може да се промени ако се запомни дека знаењето и мислењето на родителите се корисни. Единствено родителите имаат опсежна, долгорочна, секојдневна врска со детето. Кога ќе ги сфатиме различните улоги на партнерите (родители и училишниот персонал), улогата на секој „партнер“ ќе влијае врз одговорите. Особено сензитивна е комуникацијата и соработката со родителите на ученик со попреченост. Родителите мора да бидат дел од инклузивниот тим на училиштето и да бидат вклучени во изработката на индивидуалниот образовен план на нивните деца. Затоа е важно наставниците да го забележуваат и да го соопштуваат напредокот на детето, дури и кога тоа се случува во многу мали чекори. Секако, на родителите треба да им се посочи каде ученикот сè уште има тешкотии, да предложат што би можело да се направи за тоа да се надмине и заедно да се договорат и изберат начини кои би помогнале за намалување на тешкотиите. За крај можеме да резимираме дека кога родителите се партнери со училиштето, тие не го помагаат само процесот на учење на нивните деца, туку во средината за учење внесуваат животна реалност која на учењето му ја дава потребната смисла. Градењето партнерски односи меѓу родителите и наставниците, за децата, идни граѓани, претставува модел на демократско однесување, модел на инклузивно општество.
912