Стомачниот вирус во текот на бременоста бара посебно внимание поради можните ризици за мајката и за бебето. За вирусните инфекции на желудникот во бременоста, нивните можни последици и мерките на претпазливост што бремените жени можат да ги преземат за да го заштитат своето здравје и благосостојбата на нероденото дете, како и за тоа кои се ризиците и кога е време трудницата да се обрати на лекар, зборува д-р Милош Илиќ, специјалист по гинекологија и акушерство во КБЦ „Д-р Драгиша Мишовиќ“, Србија.
„Вирусните стомачни инфекции, познати како вирусен гастроентеритис или стомачен грип, се предизвикани од различни типови вируси, како што се норовирус, ротавирус и аденовирус. Бременоста е трансформативен период во животот на жената, кој со себе носи зголемена подложност на одредени здравствени проблеми, вклучително и вирусни стомачни инфекции кои можат да претставуваат посебен ризик за мајката и за нероденото дете“, вели докторот.
Симптоми и потенцијални ризици
Според него, овие инфекции главно го зафаќаат гастроинтестиналниот тракт, предизвикувајќи симптоми како гадење, повраќање, дијареја, болки во стомакот, а понекогаш и треска.
-За време на бременоста овие симптоми можат да бидат особено непријатни и можат да имаат посериозни последици. Иако вирусните инфекции на желудникот обично се самоограничуваат и поминуваат во рок од неколку дена, бремените жени се поподложни на развој на посериозни симптоми и компликации, за кои може да биде потребна медицинска помош поради промените во имунолошкиот систем, нивото на хормоните и приспособувањето на телото на бременоста – вели д-р Илиќ и ги наведува ризиците од вирусните стомачни инфекции за бременоста.
Некои потенцијални ризици поврзани со вирусните стомачни инфекции за време на бременоста се:
-дехидратација, која, според д-р Илиќ може да предизвика мала количина на плодова вода и намален проток на крв низ плацентата, што може да доведе до забавен раст на фетусот;
-хранливи недостатоци може да се појават поради несоодветна апсорпција на хранливи материи за време на инфекција на желудникот, што може да влијае врз исхраната на мајката и потенцијално да влијае врз развојот на фетусот, како и да доведе до мала родилна тежина кај новороденчето;
-во некои случаи, вирусните стомачни инфекции може да го зголемат ризикот од предвремено породување. Ова може да се случи поради активирање на имунолошкиот систем на мајката како одговор на инфекцијата, што може да предизвика контракции на матката и предвремено отворање на грлото на матката;
-инфекциите и дехидратацијата кај трудницата може да доведат до намалени движења на фетусот. Ова бара внимателно следење и може да биде знак за намален проток на крв низ плацентата, па следствено на тоа и намалена оксигенација на фетусот. Намалените движења на фетусот може да бидат показател за нарушено здравје на фетусот и бараат дополнителна медицинска евалуација.
Превенција од стомачна вирусна инфекција
Најдобрата терапија за вирусните стомачни инфекции е превенцијата. Соодветната превенција е клучна за намалување на ризикот од стомачни вирусни инфекции за време на бременоста и вклучува:
-избегнување на контаминирана храна или вода, морска храна, непастеризирани млечни производи и непреработени изворски води;
-често и темелно миење на рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди, особено пред јадење или подготовка на храна и по користење на тоалетот или менување пелени;
-следете ги правилата за безбедност на храната преку темелно миење на овошјето и зеленчукот, избегнувајте недоволно варено или сирово месо и правилно складирајте ја храната и термички обработете ја;
-избегнувајте близок контакт со луѓе кои имаат вирусни инфекции и поттикнувајте правилни хигиенски навики меѓу членовите на семејството и блиските контакти;
-често дезинфицирајте ги површините што ги допирате, како што се кваките на вратите, работните површини и телефоните, за да го намалите ширењето на вирусите.

Кога треба да се обратите на лекар
Д-р Илиќ наведува во кои случаи трудницата со стомачна вирусна инфекција треба да побара соодветна лекарска помош:
-ако има неможност да задржи течност повеќе од 24 часа
-ако ја губи свеста
-ако има изразено чувство на слабост
-во случај трудницата да не ги чувствува движењата на плодот.
Здравствените работници можат да ја проценат сериозноста на симптомите, да дадат соодветни насоки и да обезбедат потребна грижа за мајката и за бебето, во форма на мониторинг на фетусот, соодветна рехидратација и корекција на киселинско-базниот статус. Вирусните стомачни инфекции може да бидат предизвик за секого, но тие бараат посебно внимание за време на бременоста поради можните ризици за мајката и за бебето. Со примена на превентивни мерки, трудниците можат да ги намалат шансите за добивање вирусни стомачни инфекции. Барањето лекарска помош е клучно за да се обезбеди соодветен третман и да се минимизираат потенцијалните компликации. Со ставање приоритет на своето здравје, бремените жени можат побезбедно да го поминат овој чувствителен период.
Автор: Б.Гајиќ