Епидемиологот д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје објаснува дали е опасно бремена да се зарази со мали сипаници

Трудница од штипскиот регион го загубила бебето во шестиот месец од бременоста бидејќи заболела од морбили. Таа пред околу две недели била примена на Клиниката за гинекологија и акушерство, каде што ја породиле со мртов плод. По интервенцијата пациентката продолжила со лекување на Клиниката за инфективни болести.

Морбилите се опасни за бремените жени, вели епидемиологот д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје. Можеби се сметаат за помалку опасни за плодот отколку рубеолата, на пример, но може да се опасни и за него.

Фото: Википедија

– Се сметаат за поопасни за бремените жени отколку за плодот, зашто за нив има ризик да ги прележат во тешки форми. Во Србија имаше смртен случај на бремена жена која се заразила со мали сипаници. Меѓутоа, може да предизвикаат предвремено породување, ниска родилна тежина на бебето, спонтан абортус – вели д-р Микиќ.

Во најризичната група бремени жени се оние што не се вакцинирани за морбили, а потоа оние што се нецелосно вакцинирани, со една доза.

Вакцината против морбили, според податоците на Институтот за јавно здравје, почнала да се дава во 1971 година, а во 1972 година е воведена како редовна кај децата од 13-месечна возраст. Во 1983 година била воведена една доза од комбинираната МРП-вакцина (против морбили, рубеола и паротитис), исто така на 13-месечна возраст. Во 1987 била воведена ревакцина на седумгодишна возраст само со вакцина за морбили, а во 1997 година била воведена ревакцина со МРП.

Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации. Се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Кај 20 отсто од случаите, според епидемиолозите, настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција.

За да има колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, лекарите велат дека треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина.
За една недела, во периодот од 6 до 12 април годинава, во Институтот за јавно здравје лекарите пријавиле за 126 случаи на мали сипаници, морбили, информираат оттаму. Од вкупниот број новопријавени заболени 57 случаи се од Скопје, а 70% од нив се нецелосно вакцинирани, невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Останатите 69 заболени се од Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Велес, Прилеп, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Охрид.

Денес Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство ќе одлучува дали ќе прогласи епидемија на ниво на цела држава.



912

X