– На почетокот ми се чинеше како контраинтуитивно – зошто да го прегрнувам детето додека ми вреска в лице? Но, токму таа поврзаност го трансформира однесувањето на моето дете – и моето лично однесување – ја почнува својата приказна 32-годишната Маја од Риека, Хрватска.
Секој ден прегратката е првиот чекор во нејзината дисциплина. Некогаш не било така, па го правела спротивното – својот хаос обично само го придружувала на оној од детето.
– Секојпат кога некој немаше да ме послуша, сносеше последици. Тие последици доведуваа до посилни викања, солзи и долготрајни негативни чувства. Однесувањето никогаш не се подобруваше. И мојата родителска фрустрација и страв само растеа. Колку погласно викав и колку повеќе казнував, толку полоши стануваа работите. Ми беше јасно дека морам нешто да променам, па одлучив да преземам нешто, што за мене е радикално. Нема веќе викање или казнување. Само поврзување. Следниот пат кога мојата ќерка имаше една таква „епизода“, дотрчав до неа и ја прегрнав. И требаа само неколку минути да се смири, но се смири. Порано тоа не се случувало без последици. Го повторував ова секојпат кога ќе се најдевме во некоја ситуација која ни беше предизвик и со текот на времето тие прегратки станаа најмоќен дел од мојата родителска дисциплина. Прегратките нѐ смирија и нѐ поврзаа. Нѐ сместија во ист тим за решавање проблеми. Кога бевме поврзани, можевме да разрешиме што било – раскажува Маја, мајка на 5-годишната Стела.
Како да се користат прегратките во дисциплината?
Иако не сакаат сите деца прегратки или физички допир кога се вознемирени, „прво поврзи се“ функционира кај повеќето деца. Ако вашето дете не сака физички допир, пронајдете друг начин за да се поврзете веднаш – седнете покрај него, клекнете пред него, држете го за рака или што било друго што знаете дека ќе ви го дозволи.
Трикот во користењето на прегратките е во тоа што морате да дејствувате брзо. Ако предолго чекате, веројатно ќе бидете уште пофрустрирани, па нема да сакате физички да се поврзувате. Тоа е нормално – следниот пат само обидете се да дојдете побрзо.
Напнатата ситуација не е време за морализирање или критикување. Единствено треба да се фокусирате на поврзување со детето. Подгответе ги лекциите за подоцна. Само прегрнете го. И почувствувајте ја смиреноста – тоа е прекрасен дел. Подолго прегрнувајте го. Ќе забележите како рамената му слегнуваат. Можеби ќе ги стави рацете околу вас. Дури по таа фаза доаѓа време за разговор. Кога и двајцата ќе бидете мирни, разговарајте за тоа што се случило. Ако ова е ново за вас, дајте си време. Не чувствувајте се лошо ако не сакате секогаш да се прегрнете. Но, бидете упорни. Овој поврзувачки облик на родителство, ако му дадете шанса, ќе стане ваш прв чекор во дисциплината.
Примерот на поврзување го опишала на својот инстаграм-профил едукаторот за родители Тања Хрватин-Шимичиќ.
– Вчера имав прекрасен пример на поврзување пред корекцијата на однесување. Утрото почна совршено. Ѝ намачкав намаз на лепчето. Седеше во своето столче за хранење. Па ѝ го исеков лебот на два дела, па врескаше дека не сака така итн. Се воздржав и ги набљудував своите реакции. Прво полунесвесно велев – намазот можеш да го јадеш само на леб и така поставив граници и ја уверував. Потоа се сетив на поврзувањето, па ѝ реков: „Љубов моја, јас го исеков лебот на пола бидејќи мислев дека тоа ќе ти се допаѓа. Сакав да бидеш среќна. Жал ми е, не знаев дека не го сакаш тоа“. Во истиот момент малку се смири, но само малку. Потоа седнав до неа и тогаш се чувствував подобро, а сега ќе ви кажам зошто. Главно полудуваме кога се чувствуваме беспомошно. Не нѐ слушаат, па ја губиме земјата под нозете, сакаме да бидеме посилни. Детето не заслужува да се истуриме на него. Затоа ја прегрнав и се галевме, па ѝ реков дека ја сакам. Потоа, како ништо да не се случило – раскажува Тања.
За воспитување без казна и ултиматуми пишувале и Џесика Џоел Александер и Ибен Дисинг Сандал, авторки на книгата „Данско воспитување деца“. Според нив, најважно е секогаш да се одвои однесувањето од детето: не постои лошо дете, само лошо однесување.
Секое дете сака да биде добро, но воспитувањето се состои од тоа детето да го научиме на самоконтрола и почитување на правилата
Децата треба да ги испитуваат границите и да ги тестираат правилата, што значи дека не се манипулативни, туку не треба да бидат казнувани. Треба да се биде внимателен со зборовите, бидејќи тие имаат голема моќ. Истражувањата покажале дека еден авторитативен родител кој е во состојба да остане стабилен може да направи голема разлика во животот на детето. Авторите ги советуваат родителите да ги преиспитаат своите ултиматуми и да размислат за начините на кои би можеле да постигнат позитивно влијание. Секогаш имајте ја на ум и возраста на детето – нереално е од нив да се очекува да се снајдат во секоја ситуација. Не заборавајте и дека протестот секогаш е реакција на нешто. Понекогаш е мудро да се стави лошото однесување во контекст и да се запрашате дали се случуваат некакви промени во животот на детето кои би можеле да предизвикаат промени во однесувањето.
На својот блог „Оринџ Рино“, мајка на 4 момчиња напишала дека си задала задача цела година да не им вика на своите деца, па наместо тоа правела склекови, дувала балони, зборувала како робот, ги прегрнувала своите деца, удирала по лонци, викала во орман и слично. Сите тие идеи ги ставила во 6 категории: забавни, „ќе изгледам како лудак“, „ќе ме сметаат за лош родител“, превентивни и слатки и сериозни алтернативи. По 365 дена без викање ги споделила своите искуства – заклучила дека викањето на децата нема ефект и не може да се контролираат децата, но можете да се контролирате себеси.
Децата не се лоши по природа, туку секогаш имаат причина за тоа. Можеби се изморени или им треба внимание. Секое дете сака да биде добро, но воспитувањето се состои од тоа детето да го научиме на самоконтрола и почитување на правилата.