До првите 6 месеци бебињата генерално не се плашат од вода, туку уживаат во неа бидејќи сè уште имаат сеќавање како лебдат во плодовата вода, но може да се чувствувате несигурни затоа што се кревки и мали.

Доколку сте новопечен родител и не сте сигурни како да постапите со вашето бебе, побарајте помош од поискусен родител или замолете ја патронажната сестра да ви помогне при првото капење.

Бидејќи телото на новороденчињата сè уште нема способност да ја регулира телесната температура, важно е водата да биде доволно топла, како и температурата во просторијата каде што го капите бебето.

Наместо да ви кажуваат што треба да правите, можеби е подобро да се фокусирате на тоа што не треба да правите кога го капете вашето бебе и кои се најчестите грешки што ги прават родителите во оваа активност.

Не брзајте со првото капење

Како што сите знаеме, бебињата се раѓаат со верникс, природен биофилм кој ја штити кожата и потребно е да се почека таа да се ресорбира по раѓањето.

Имено, витаминот Е и меланинот во верниксот имаат антиоксидантна функција, а некои научници веруваат дека верниксот содржи феромони кои влијаат на врската помеѓу мајката и детето. Затоа, не само што треба да чекате папочната врвца да се исуши и да падне, туку и верниксот да се апсорбира во кожата. Додека тоа не се случи, бришете го само лицето на бебето и интимните делови од телото со влажна памучна газа.

Бебињата не работат во рудник, не треба премногу често да се капат

Кожата на бебето е потенка и почувствителна од кожата на возрасните, па честото капење може само да ја исуши и да ги измие природните масла кои се наменети да ја заштитат. Доволно е детето да се капе трипати неделно, а до првиот роденден сè повеќе од тоа е премногу.

Без премногу производи за нега

Бидејќи детската кожа е чувствителна, хемикалиите и мирисите присутни во производите за бебиња може да ја иритираат. Доколку не можете да се воздржите од користење детска козметика, одберете ја онаа со природна основа. Педијатрите препорачуваат да додадете само малку маслиново или бадемово масло во водата за капење во првите неколку месеци.

Не претерувајте со високата температура на водата

Водата не треба да биде премногу топла или премногу ладна. Она што вие го сметате за идеална температура секако не е идеална за новороденчето. Не двоумете се да земете термометар за да се уверите дека температурата на водата треба да биде помеѓу 35 и 37 степени и температурата на воздухот околу 23 или 24 степени.

Не оставајте ги работите што ви се потребни во друга просторија

Барем додека детето не наполни три години, никогаш не оставајте го без надзор во кадата. Подгответе го сето она што ви треба за капење да ви биде при рака. Особено е важно да имате крпа во која ќе го завиткате бебето бидејќи, како што веќе рековме, поради неможноста да се регулира телесната температура, бебињата се осетливи на промени.

Извор



912

X