Според традицијата, за овој празник се водиме од народната поговорка – кај и да си, пред Божиќ зад Божиќ дома да си
Втора година по ред наместо бадникови поворки и директно учество на неколку илјади деца, големи хуманитарни акции на плоштадите во Македонија

Коледе леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.

Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зелје
да месите пита
да јадете сите.

Коледееееееееее…

Пеејќи ја оваа песна, децата-коледарчиња ова утро ги посетуваат домовите на православните верници.


Според обичаите, гласот на коледарите ја соопштува веста за раѓањето на Исус Христос.
Домаќините ги отвораат вратите и на децата им даваат различни подароци, како парички, слатки, јаболка, ореви и разно овошје.
Вечер е Бадник, кога семејството се собира и се подготвува за прослава на еден од најрадосните христијански празници – Божиќ. Со овој празник завршуваат божиќните пости.
Бадник е празник кој традиционално се прославува во кругот на семејството.
Според традицијата, за овој празник се водиме од народната поговорка – кај и да си, пред Божиќ зад Божиќ дома да си.

Целото семејство се собира околу посната бадниковата трпеза. Се приготвуваат тавче-гравче, риба, посна сарма, се меси лепче и други посни јадења.
Лепчето се крши и им се разделува на членовите на семејството, едно парче за Господ и за куќата. Кај кого ќе се падне паричката, тој ќе има среќа таа година.
По завршената вечера храната останува нераскрената затоа што се верува дека и Господ ќе вечера.

Втора година по ред бадниковите поворки на радост, кои вообичаено вклучуваат директно учество на неколку илјади деца, ќе бидат заменети со големи хуманитарни акции на плоштадите во Македонија.

Идејата е насловена „Црвен тепих на хуманоста“ и лесно е препознатлива по божиќната пештера која е поставена на плоштадите.

Коледарските песни настанале со празнична еуфорија

Дали коледарските песни се изворни или се обичаи кои се одомаќиле во Македонија? Зошто во некои од тие песни нема ништо за Бог, а има други и невкусни зборови?

Етнологот Даворин Трпески, професор и раководител на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, вели дека во минатото, и покрај тешкиот пост, не било реткост во некои предели во Македонија коледарите да испечат и месо. Вели дека тие консумирале и алкохол, со што уште повеќе се „разгорувала“ атмосферата околу огнот и во таква екстаза биле извикувани „песни – реденици“, при што не се водело сметка за мелодичноста на песните, туку само за силината на скандирањето и на викањето.

Даворин Трпески

– Овие песни во некои предели уште се наречени „мрсни, гнасни, коледарски или безобразни песни“. Кажувањето „гнасни“ песни било во функција да се влијае врз принципот на плодноста, односно да се поттикне плодноста кај луѓето, но и кај животинскиот и растителниот свет. Во тие пригоди биле уривани секојдневните табуа и тие добивале статус на дозволено – објаснува етнологот.

Според него, од многу понов датум се песните кои во последниве години ги форсира црквата.

– Се работи за песни кои во Македонија биле практикувани од крајот на 19 и почетокот на 20 век, под влијание на некои источноевропски цркви. Главно биле изведувани во поголемите градови Битола, Скопје, Охрид. Денес, кога се вели дека се обновуваат овие песни, се мисли на обновување на нешто за што се знае дека било увезено, се практикувало прилично кратко и не така масовно и тоа пред околу сто години. Културата отсекогаш била флуидна. Таква и ќе остане и секогаш ќе биде подложна на измени -додава Трпески.

Црквата ги возобновува старите коледарски песни

Според отец Бобан Митевски од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, достапните податоци говорат дека песната „Коледе леде“ најверојатно е воведена некаде во 70-80 години од минатиот век.

Отец Бобан Митевски

– Иако вистинската традиција продолжила да постои паралелно, па така по одредени краишта од Македонија се пееле божиќни каланди (песни) кои имале побожна и христијанска содржина. Значи песната „Коледе леде“ со својата содржина не го изразува карактерот на празникот, дури и содржи некоја морбидност која не е својствена за децата. Не знаеме од кои причини се вовела, но се појавува во период кога не се знаело многу за верата. Затоа денес МПЦ се обидува, преку иницијативата на Бигорскиот манастир, а со трудот на нашите познати забавни и народни пејачи, да се возобноват традиционалните божиќни каланди, како: „Вечниот Бог“, „Небо и земја“, „Дева денес“ и сл. – додава отец Митевски.



912

X