Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“

Исплашени да не се заразат со коксаки-вирус, родители не ги пуштаат децата во градинка кога ќе слушнат дека таму или во близина имало сомнеж за болно дете. Па, месециве, на периоди, редовно се празни понекоја градинка. Не паничете, паниката е контрапродуктивна, велат лекарите. Но, секако, внимавајте на хигиената и на имунитетот на децата, а бидете одговорни болно дете да не мешате со друго. Точно е дека заразата со коксаки може да се искомплицира, но најчесто поминува лесно.
Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку измет и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или измет во кој ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.


За коксаки-вирусите лекарите немаат обврска да пријавуваат дека има заболени во центрите за јавно здравје, освен доколку не забележат поголем број заразени. Епидемиолозите објаснуваат дека не се пријавува ниту во развиените земји.
Д-р Ана Арсевска, матичен лекар, вели дека во моментов има две деца заразени со вирусот, а за во населбата во која работи родителите ѝ кажале дека има десетина болни.
– Родителите во принцип паничат, а паниката е непотребна. Мојот совет е да се внимава на хигиената, да се јаде здрава храна и доволно овошје и зеленчук, а болните да мируваат – вели докторката.
Поради можна појава на коксаки во уште една градинка во Скопје, вчера реагирале и лекарите од Центарот за јавно здравје.
Валентина Божиновска, директорка на градинката „Весели цветови“ во скопска Кисела Вода, вели дека неодамна се испразнила половина градинка кога родители разбрале дека некое дете можеби има коксаки. Излегло дека детето е исфрлано поради алергија.
– Ги известивме родителите за резултатот од анализите на детето, дека станува збор за алергија. Во меѓувреме кај другите беа направени брисеви. Родителите се паничари – вели Божиновска.
Паника има и во Македонски Брод каде што лекарите се сомневаат за коксаки кај неколку деца што одат во градинка.
– Сè уште не е утврдено дека станува збор за коксаки. Како и да е, ние имавме посета од Центарот за јавно здравје во Прилеп, а денес попладне ќе се прави дезинфекција – вели директорката Силвана Стојкоска.

Фото: Колектиф прес

Kоксаки-вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида од овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи ако се искомплицира инфекцијата, може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика дополнителна инфекција со тешки и долготрајни последици.
Но, инфекции од овие вируси предизвикуваат менингитис, миокардитис и перикардитис. Тие може да се развијат кај 5 до 10 отсто од заразените. Кај 5 до 10 отсто може да се развие и т.н. неспецифично долготрајна супфербилна состојба, односно состојба со благо покачена телесна температура (37-38 Целзиусови степени).
За да се заштитиме од коксаки, мора да внимаваме на хигиената. Плус треба и да се прави дезинфекција на (потенцијално) контаминирани предмети и површини. Меѓутоа, треба да се прави и почесто проветрување на просториите.
Болеста се смета за многу заразна и за неа нема ниту вакцина ниту лек, се чека самата да помине, а се третираат симптомите.



912

X