Да се биде родител, кај повеќето возрасни и зрели луѓе предизвикува пријатни асоцијации за среќа, задоволство, обострана љубов и задоволување на длабоки човечки потреби за давање и примање внимание и љубов. Бидејќи односот помеѓу детето и родителот е силно емоционално искуство. Меѓутоа, родителството е и една од најтешките улоги во животот. Во воспитувачкиот стил често се испреплетуваат различни начини на воспитување и не постојат родители кои во секоја ситуација применуваат идеален родителски стил. Ако е доследен во поставувањето граници, што на многу од денешните зафатени родители им недостига, тогаш детето добива јасна порака и развива доверба кон светот и луѓето што го опкружуваат.
Децата на родители чие однесување не е доследно (во една ситуација го казнуваат детето поради однесување кое вообичаено не го казнуваат, а другпат му дозволуваат сè што сака бидејќи се изморени) не знаат што смеат, а што не смеат, збунети се, несигурни и се сомневаат во родителската љубов.
Родителски воспитувачки стилови – кој е вашиот?
Постојат 4 типа родителски стилови (По Булјан Фландер и Карловиќ, 2004):
1. Поттикнувачки родители
Родителите ги прифаќаат своите деца такви какви што се и тоа е всушност идеален стил. Поттикнуваат индивидуалност и му помагаат на детето да развие самодоверба и мотивација. Своите очекувања ги усогласуваат со потенцијалите на детето, па го насочуваат кон она за кое е способно и за кое покажува интерес.
2. Критички родители
Постојано ги нагласуваат неуспесите на детето и му ја уништуваат мотивацијата, а со негативните коментари му ги нарушуваат самодовербата и желбата за успех. Детето се чувствува како да не е вредно за љубов и почит и мисли дека ништо не прави добро. На родителите им е поважно што ќе кажат другите отколку како се чувствува детето.
3. Родители што премногу бараат
Го вклучуваат детето во многу воннаставни активности. Тоа може да стане фрустрирано и незадоволно ако не успее да ги задоволи сите барања. Почнува да мисли дека не ја заслужува љубовта на своите родители зашто е неспособно, па расте со чувство на вина. Родителите испраќаат порака дека нивната љубов не е безусловна, туку поставува високи услови. Не ги гледаат вистинските можности на детето, туку сликата за него ја создаваат преку училишниот успех и оценките. Тоа, со други зборови, значи дека не го прифаќаат детето како личност, туку само неговите успеси.
4. Перфекционистички родители
Не толерираат недостатоци бидејќи го мешаат својот и идентитетот на детето. Ако тие се совршени, мора да бидат и нивните деца. Со тоа им ја нарушуваат самодовербата, па предизвикуваат чувство на лутина кај децата и неуспех.
Каде правите грешка?
Неефикасните однесувања на родителите на долг рок го расипуваат односот со децата бидејќи во основа се присилувачки. А сето тоа кај детето може да предизвика отпор и идно бунтовништво.
1. Додевање – „Кога веќе ќе ја средиш собата“, „Ти реков веќе пет пати“, „Дали денес ќе почнеш да учиш“.
2. Проповедање – „Ти реков дека ќе добиеш единица, се срамам од тебе…“
3. Обвинување – „Ти не разбираш колку јас се жртвувам за тебе, заради тебе немам време за своите обврски“.
4. Закани – „Ако не почнеш да учиш, ќе добиеш казна“, „Ако не добиеш добра оценка, ќе добиеш казна“.
5. Споредување – „Со твојот брат немавме никогаш такви проблеми“, „Угледај се на сестра ти“.
6. Грижа – „Во кое училиште ќе се запишеш ти со такви оценки“.
7. Викање
8. Критикување – „Ти си навистина мрзлив/а! Не можеш ни да гледаш од мрза“.
9. Казнување – „Не смееш да гледаш ТВ до крајот на учебната година затоа што си толку слаб/а на училиште!“
Кое е решението?
Потребно е да сопрете на момент, да седнете со детето и да го наведете на разговор со давање информации за она што сака да го знае. Потоа, треба да го поттикнувате во ситуации кога му оди добро, но и кога му оди лошо, да му покажете дека забележувате и мали работи во кои успеало и кога добро ги направило. Понатаму, детето некогаш треба само внимателно да го сослушате, па да го охрабрите дека другиот пат ќе биде подобро и на тој начин да му помогнете да ја развие самодовербата и вербата во себе, објаснува социјалниот работник Андреја Радиќ од Наставниот завод за јавно здравство, „Д-р Андрија Штампар“, Служба за ментално здравје и превенција од зависности.
Покажете грижа за училишните обврски на детето, секојдневните активности и структурата на слободното време – бидете заинтересирани за обврските што ги има детето на училиште и информирајте се за училишните содржини и проблеми, па обезбедете му на детето можности за учење и образование. Помогнете му да ги испланира своите секојдневни и семејни обврски и да се придржува до планот.
Автор: Ана Вукашиновиќ
Извор: www.24sata.hr