Една од најважните мерки за поддршка на болно дете е внесувањето течности! Постојано се истакнува потребата на болното дете да му се нудат течности, што понекогаш изгледа како претерување, но не е така!

Повеќето деца се нападнати од есенските и зимските вируси, а респираторните инфекции се убедливо најчести. Се јавуваат и инфекции на органите за варење (гастроинтестинални инфекции) кои се придружени со проливи и повраќање, така што навистина многу деца страдаат во овој период.
За повеќето вируси нема лек, туку детето мора само да се избори со нив, а задача на родителите (заедно со лекарите) е да му помогнат во оваа „микровојна“.

Една од најважните мерки за поддршка на болно дете е внесувањето течности! Постојано се истакнува потребата на болното дете да му се нудат течности, што понекогаш изгледа како претерување, но не е така! Водата е од непроценливо значење и за здравите деца (се разбира – и за возрасните), а за болното дете таа понекогаш е поважна и од лековите!

Зошто болното дете мора да пие многу течности

Течноста е неопходна за да се надомести губењето на телесната вода при болеста, особено во текот на студените денови! Вирусите на разни начини ја „истиснуваат“ водата од организмот на детето, но и ја зголемуваат потрошувачката на вода во организмот. Еве како:
– Високата температура, која често се јавува при есенските и зимските инфекции, го зголемува „испарувањето“ на водата од телото, но истовремено и го забрзува метаболизмот, што предизвикува зголемена потрошувачка на „внатрешна“ вода.
– Болното дете често има мал апетит, така што нема потреба од јадење и пиење, па внесот на вода е значително намален. Кога ова ќе се здружи со зголеменото губење вода, станува јасно колку е важно внесувањето течности!
– Кај децата што имаат инфекции на органите за варење, губењето вода е драстично, па внесувањето течности всушност е најважната терапевтска цел.

Кој пијалак е најважен за болното дете?

Водата – без дилеми!

Добрата вода е најдобриот пијалак, а ова особено важи за дете што закачило некој од актуелните респираторни вируси. Избегнувајте газирана вода, а на детето давајте му умерено разладена вода и нудете го да пие што е можно почесто!
Ако не го потсетувате дека треба да се напие вода, речиси сигурно ќе внесе помалку отколку што му треба.

А лимонада?

Лимонадата е кисел пијалак, а многу деца што се инфицирани со вирус имаат оштетен желудник (гастритис), па не им треба дополнително закиселување. Од друга страна, лимонадата нема толку многу витамин Ц како што се смета! Портокалот и мандарината се далеку побогати со овој витамин, но ни со нив не треба да се претерува кај вирозно дете.

Дали детето може да се „предозира“ со вода?

Не може!
Вишокот вода детето го исфрла преку бубрезите, па не е можно да се „предозира“ со вода. Ако се случи детето да поврати, немојте веднаш да го терате да испие поголемо количество вода. Прво дајте му само неколку голтки, па кога убаво ќе се смири, продолжете според правилото „почесто по малку“.

Дали треба детето да се тера да пие течности кога има покачена температура?

Токму тогаш треба да пие!
Високата телесна температура го зголемува губењето вода, но ја зголемува и потрошувачката на вода во организмот. Кога детето ќе „гори“, треба да се „гаси“ со вода!
Се подразбира дека високата температура на детето треба да се снижува со лекови (антипиретици) како и со разладување, но внесувањето вода е од непроценлива важност за дете со зголемена телесна температура.

А топли чаеви?

Не сме против чаевите, но дете со покачена телесна температура и со болно грло (повеќето вируси прво ги напаѓаат грлото и носот) НЕ Е за топли пијалаци! Тоа е како да додавате „масло на оган“ и со тоа се зголемува не само непријатноста во грлото, туку и не му помага на детето со покачена температура! Напротив, топлиот пијалак ја зголемува внатрешната температура на телото, а тоа не е целта – бидејќи детето треба да се разлади! Заблуда е дека студените денови задолжително бараат топли пијалаци – тоа не важи за дете што „гори“ или има вцрвенето и болно грло!
Затоа водата е „закон“ – со неа сигурно нема да погрешите!

Автор: д-р Горан Вукмановиќ



912

X