Ништо не го зајакнува авторитетот како молчењето – ова се зборови на славниот ренесансен уметник Леонардо да Винчи, додека за големиот научник Алберт Ајнштајн: „Непромисленото слушање авторитети е најголемиот непријател на вистината“.
Дали силата на авторитетот е во ненаметливоста или во демонстрирањето моќ? Некогаш без приговор се слушало и почитувало она што ќе го кажеле родителите, учителите, постарите, надредените на работа… Што се променило, зошто денес се разнишани авторитетите? Кому му се восхитуваме, на кого сакаме да се угледаме, па дури и да го надминеме? Пред кого стоиме мирно и кој, жаргонски кажано, станал „закон“?
Психологот Милица Зарин истакнува дека малите деца, благодарение на најразличните содржини на интернет, откриле нови видици и идоли:
– Децата преку интернет се информираат за инфлуенсери, блогери, јутјубери и слични личности од кои некои им стануваат авторитет. Не треба да им се забранува да гледаат такви содржини, туку е важно рационално и добронамерно да се разговара со нив и да им се објасни зошто некој го прави тоа. Детето треба да учи да развива критичко мислење, да не верува во сè што ќе види, туку да размислува со своја глава. Треба да му се укажува на опасноста и на начините како да се заштити… Тоа е една од причините зошто авторитетите се разнишани. Друга причина е таканареченото „израмнето“ општество, мешање на границите помеѓу родителите и децата. Родителите денес често велат: „Не му можам ништо, немам влијание“. Тоа е позиција на немоќ. Не постои хиерархија и вертикален ред, туку хоризонтална ориентација, во стилот – децата и родителите околу сè се договараат. Тоа не е добро. Возрасните се тие што проценуваат што е добро за детето.
Психологот потсетува дека семејството е местото каде што се гради авторитетот и од каде што почнува сè. Семејството е основа и парадигма на животот. Во семејството стекнуваме основа, темел за идните искуства, па почитувањето се учи во детството.
Неколку збора за (не)воспитувањето и збунетите родители
– Родителите денес имаат проблем со својата грешка. Има сè повеќе деца што се однесуваат насилнички кон околината и кон родителите, чии идоли се таканаречените „опасни“ момци, сакаат лесен живот и брзо заработени пари. Тоа е лошо и поразително, а корективниот фактор е секогаш првин семејството. Не треба да чекаме државата да ни ги решава проблемите со децата, мораме сами да го направиме тоа. Да поедноставиме – како феномен е убаво да се гледа пропагирањето на брендираните работи и гардеробата, убавите девојки и забавата, но на децата треба некој да им објасни дека така не се живее, можеби само некој и понекогаш, на пример, кога се снима спот. Треба да им се каже дека мора многу да се работи за да се живее нормално. Таканаречениот попустлив стил на воспитување доведува до тоа децата и во триесеттите и четириесеттите години да не се осамостоени, туку живеат со родителите, на нивна, а не на сопствена сметка.
Медиуми
Но, родителите не се единствените виновници. Освен семејството, потфрлило и општеството, а голема одговорност имаат и медиумите.
– Сите сме одговорни. Медиумите денес свесно паѓаат сè пониско. Падот на вредностите и на моралот заради тираж никогаш не бил поизразен. Но, на тоа можеме да влијаеме само ние, мораме да разговараме со децата (во семејството, во училиште, во соседството), да воспоставиме ред, хиерархија и да ги учиме на вистински вредности што ќе им бидат корисни. Големо влијание имаат и реалните шоуа и ѕвездите од таквите содржини. Не бранете им на децата да гледаат, бидејќи така повеќе ќе ги привлекуваат содржините, туку објаснете им дека на нив се заработуваат пари и барајте алтернатива помеѓу други познати личности. Поентата е децата да научат критички да размислуваат наместо да прифатат сè што им се сервира.
Кога се вели авторитет, прво се помислува на влијание и моќ. Овој поим се користи и за да ја означи силата која е заснована на стручност, знаење, социјална положба или морални доблести. Често под авторитет подразбираме влијание на другите заради основни или вештини кои некоја личност ги поседува и обично кон неа чувствуваме восхит и почит. Првиот авторитет за децата во повеќето случаи се родителите или старателите во примарното семејство, потоа воспитувачите, наставниците, тренерите, значајни возрасни лица од околината (баби, дедовци, вујни, тетки, соседи), пријателите… А чие мислење и став подоцна во животот најмногу ги почитуваме?
– Најмногу ни значи мислењето на личноста што нè почитува. Тоа е некој со особини и квалитети кои високо ги цениме и сакаме да ги усвоиме и развиеме. Таквата личност често ни е пример, сакаме да бидеме како неа, дури и да постигнеме повеќе од неа. На тој начин авторитетот е поврзан со желбата поединецот да напредува. Авторитетот подразбира позитивен однос кон некоја личност, додека страхопочитта е негативен однос кон некој што е авторитет. Во овој друг случај се однесуваме како нешто да почитуваме бидејќи се плашиме.
Кризата во општеството предизвикала и криза на авторитетот, па овој поим често е дискутабилен и во бизнис-опкружувањето. Милица Зарин смета дека кризата на авторитетот мора да се поправа прво во семејството, потоа во градинка, на училиште, на работното место…
– Често клиентите на психотерапија велат дека имаат проблем со авторитетот на работа, а тоа некогаш се согледува во тоа што ние не проценуваме дали надредениот поседува одредено знаење и стручност за да биде на тоа место. Немаме проблем со авторитетот и личноста за која сметаме дека е вредна за почит, туку затоа што мислиме дека не треба да биде хиерархиски на таа позиција. Авторитетот подразбира постоење на најмалку две лица. Едно, кое е предмет на почитување, и друго, кое го почитува првото лице. Она што некоја личност ја прави авторитетна е тоа што другите ја почитуваат. Секој може да се смета себеси за заслужен, способен или лице со извонредни квалитети, но тоа мора другите да го потврдат. Поимот авторитет е поврзан со општествената вертикала бидејќи претпоставува дека е почитувана личност, авторитет, во однос на некоја вредност на повисоко ниво, а дека личноста што почитува е на пониско ниво.
Подреденост и понизност
Психологот Милица Зарин во практика се уверила дека луѓето често не прават разлика помеѓу подреденоста и понизноста:
– Доброто функционирање на која било група на луѓе подразбира вертикална уреденост, а во таа смисла и подредување. Проблем е кога поголем број членови на заедницата ја мешаат подреденоста со понизност, со ароганција, а барањето за подредување со понижување. Тогаш вертикалниот ред е оневозможен и се воспоставува дисфункционално, таканаречено „израмнето“ општество – без вредности и без почитување, кое не е добро за поединците во него.
Воспитни стилови
Често се зборува за воспитните стилови на родителите, таканареченото посакувано авторитативно и непосакуваното авторитативно.
– Кај авторитативното воспитување родителот зазема јасен хиерархиски однос во кој тој е „горе“, а детето „долу“, потоа од таа позиција го поддржува, го води и го одгледува детето. Што значи, му дава љубов и бара дисциплина. Родителот кој авторитарно го воспитува детето постојано бара дисциплина и послушност без љубов и поддршка. Но, во различни контексти и периоди од животот, се наоѓаме во различни улоги, па некогаш ние сме му авторитет некому, а некогаш имаме авторитет – вели Зарин.
Автор: Славица Добросављевиќ