Кому уште му е потребна книга? Можеби мојот пристап кон оваа тема е премногу личен, меѓутоа, преголемиот број деца со кои секојдневно се среќавам во практиката разбудија во мене голема загриженост, а исто така и должност да им укажам на родителите на грешката што доведува до трајно и тешко коригирање на проблемите кај децата. Доколку ви изгледа дека вашето дете избегнува читање и дека тоа за него претставува апсолутно неинтересна активност, ова е текст за вас.

Забележувате дека вашето дете најголем дел од времето го поминува во играње игри, слушање музика или гледање цртани филмови. Во почетокот тоа било интересно – „Леле, гледај го како ракува со телефонот, па сѐ со прстите сам!“, а потоа доаѓате до моментот кога забележувате дека вашето дете послабо комуницира, послабо учи и послабо постигнува успех во доменот на училишните вештини (читање, пишување, сметање). Не сте единствени. Голем број семејства се среќаваат со овој проблем и сѐ повеќе деца се повлекуваат во овој свет каде што стануваат сѐ помолчеливи и пасивно агресивни. Се поставува прашањето кога и зошто книгата е заменета со таблети и телефони?

Користење телефон

Бидејќи децата користат телефони и максималните движења на нивните прсти е таканареченото „скролање“, детските прсти се апсолутно неподготвени за одење на училиште. Каде се игрите со џамлии, редење бисери, вртење сликовници и книги? Сите тие активности значително придонесуваат за развој на графомоториката и сите тие денес изостануваат на глобално ниво. Кај децата во голема мера се евидентира и проблемот на усвојување и репродукција на гласови, како и читање. Корисно е да се знае дека проблемот со читањето не претставува знак за низок коефициент на интелигенција. Понекогаш е резултат на тешкотии во развојот, а она што е денес почест случај: изостанок на вежби и навики. На детето изложувано на стимулите од медиумите, мноштвото силни бои, звуци и ефекти, му е логички поинтересен екранот од белата хартија. Кон тие звуци и бои детето се однесува како зависник од наркотик, колку и да звучи грубо тоа. Така детето во свои раце добило оружје за манипулација, но и кочење на својот напредок.

Влијанието на медиумите врз развојот на децата

Многу истражувања говорат за многу лошото влијание што врз децата го врши зачестеното користење на медиумите, како гледањето насилство, непримерни сексуалности и слушање навредлив јазик. Во ред е во некои тинејџерски години постапно да се воведува компјутер заради стекнување информатички знаења, како и одење во чекор со технологијата. Тука никој нема да задоцни. Многу поголем проблем настанува при премногу рано и интензивно изложување. На Универзитетот „Тохоку“ во Јапонија во 2013 година беше спроведено истражување кое ги испитувало ефектите од влијанието на медиумите врз мозокот на 276 деца. Податоците говорат за високи нивоа на агресија кои се јавиле кај децата, но и некои физиолошки аспекти, како што се здебелување на челниот регион, кои се манифестирале преку намалување на вербалното заклучување. Овие негативни ефекти врз мозокот се случиле без разлика на староста на детето, полот и економското потекло.

Времето поминато пред екран

Овде би се надоврзала на голем број деца чии родители ни се јавуваат нам, на дефектолозите, со грижа бидејќи детето има 3, 4 или 5 години, а сѐ уште не зборува. По земање анамнестички податоци, во голема мера се изведува заклучок дека овие деца поминуваат голем број часови пред телефоните, телевизорите, таблетите. Кај овие деца не само што изостанува вербалното заклучување, туку и вербалното изразување воопшто. Освен тоа, се заклучува дека родителите многу малку време посветуваат на читање бајки на своите деца, од рана возраст.

Ефектот на читањето

Во чекор со оваа студија се јавуваат голем број истражувања со тема ефект на читањето врз развојот на детскиот мозок. Експериментална група добила како задача читање на една книга која се однесувала на моменталната состојба предизвикана со ерупција на вулкан во Италија. По извршената задача, сите деца што учествувале покажале зголемена активност во деловите на мозокот кои биле поврзани со говорот и јазикот. Освен говорниот аспект, кај оваа група биле зголемени реакциите и активностите во сензорната моторна кора на фронталниот регион – овие деца читајќи, доживувале сензации, имагинации, што со гледањето медиуми е исклучено бидејќи сето тоа е дадено – и звук и слика. Кога читаме, ги замислуваме нашите ликови и го збогатуваме нашето искуство.

Често се случува кога ќе гледаме филм на некоја тема од книга што сме ја прочитале да се разочараме бидејќи филмот ни дава перцепција на една личност и тоа целосно го гаси креативниот потенцијал, додека читањето го буди. Ефектите на читањето не се само краткорочни. Како дефектолог, често инсистирам на читање, претежно поради долгорочните ефекти од читањето книги. Читањето го одржува буден детскиот ум и ги исклучува нарушувањето и пропаѓањето на когнитивните способности. Истражувањата говорат и за позитивната поврзаност на луѓето кои читаат и изостанокот на Алцхајмеровата болест.

Заедничко читање книги

Што уште ни говори науката, од некој психолошки аспект. Гледањето телевизија резултира со недостиг на контакт со очите и нарушен квалитет на комуникацијата помеѓу мајката и детето. Од друга страна, заедничкото читање книги на мајката и детето покажало добра комуникација помеѓу нив, како и поотворен и пољубопитен пристап на детето. Исто така, заедничкото читање доведува до зголемување на нивното на комуникација. Мајките почесто му поставувале на детето прашања, одговарале на изјавите на детето и подетално ги објаснувале концептите.

Книгите како интерактивен облик на забава и учење

Клучот на оваа тема е природата на активностите за кои говориме, а кои суштински се разликуваат. Телевизијата е дизајнирана да биде пасивна. Кога ќе заврши една емисија или цртан филм кој му се допаѓа на детето, тоа е во состојба само да седи и немо да набљудува и да чека. Во оваа ситуација нема потреба ниту за размислување ниту за претпоставки. Книгите се интерактивен облик на забава и учење. Детето се фокусира и се внесува во дијалозите, монолозите и содржината. Книгите нѐ поттикнуваат да ја користиме фантазијата за да ги пополниме намерните празнини. Постои уште едно прашање кое се наметнува, а тоа е појавата на е-книги и дали е добро децата да ги читаат, бидејќи и тоа се книги. Моја препорака е секогаш тоа да се опипливите книги од хартија. Таквата содржина полесно се помни. Кога се говори за нарушувањата на сонот, познати се студиите за ефектите кои светлосните екрани ги оставаат врз оние што ги користат и тоа е уште една причина да се користат хартиени книги, кои го поттикнуваат сонот.

„Да се остане рамнодушен кон книга, значи лекомислено да се осиромаши својот живот“ – Иво Андриќ.

„Кој е свиткан над книга, исправено оди.“

Автор: Сања Вуковиќ/дефектолог

Извор



912

X