За квалитетот на чајот, но и за неговите придобивки да бидат најмногу изразени, многу е важно да се знае во кој облик се купува чајот и како и каде се складира, но и како се сервира.

Зошто се добри чаевите?

Покрај тоа што различните билки имаат одредена корист за различните системи на органите, чаевите може да бидат здрава замена за различни сокови, шејкови и други нездрави напивки. Може да бидат и дел од некоја заедничка рутина кога вие и вашето дете поминувате време заедно. Чаевите може да помогнат во отстранување на болките во грлото, да ја намалат кашлицата, но и да ве затоплат и хидрираат. Покрај тоа, тие може да се консумираат и студени, кога освежуваат и ги заменуваат другите помалку здрави напивки.

Како да се одбере вистинскиот чај?


Доколку сакате од вашиот чај да го извлечете најдоброто, тогаш препорака е да купите чај во листови, а не во кесички. Обично чаевите во кесичките или таканаречените филтер-кесички се направени од чајна прашина, па со самото тоа нивниот вкус е поблаг, а придобивки има помалку. Овие готови чаеви често содржат и дополнителни адитиви, за подолго да траат и да останат свежи. Кога купувате чај во листови, немојте да купувате преголема количина, за чајот секогаш да ви биде свеж. Исто така, обрнете внимание на продавницата во која купувате и дали чајот се чува во чиста и сува средина. Важно е чајот да се чува на суво и мрачно место, најдобро во кутии од алуминиум кои можат добро да се затворат.

Кога најрано можете да му дадете чај на дете?

Чаевите можат да се воведат во исхраната на децата веќе од втората недела на животот, кога најпрво се користат чаеви што го регулираат варењето, но и грчевите. Тоа се најчесто комбинирани чаеви кои содржат камилица, анасон.

Кои чаеви не треба да им се даваат на деца?


Одредена група чаеви што содржат кофеин – тие може да предизвикаат проблеми со спиењето, нервоза, дури и анксиозност, а кај децата може да доведат до дехидратација и нарушен електролитен статус. Затоа чаевите од видовите: црни, бели, зелени – не се препорачуваат за деца помали од 12 години. Исто така, посебни чајни комбинации што се користат за регулација на телесната маса, но и за контрола на варењето, не треба да им се даваат на деца на своја рака. Посебно внимание треба да се посвети кога на детето првпат му давате одреден чај, бидејќи постојат деца што може да развијат алергија на одредени билки.

Кои чаеви се најдобри за вашето дете?

Децата може да пијат билни чаеви, и тоа најмногу нане, камилица, анасон, маточина, жалфија.

Чај од камилица

Камилицата одамна се смета за растение кое опушта и смирува, но покрај тоа има и антивоспалителни и антиспазмолитички својства. Камилицата има благ, цветен вкус, кој одговара на детските сетила. Ова е еден од најчесто консумираните чаеви на светот, а се препорачува неколку часа пред спиење,за да се овозможи мирен сон. Камилицата ги смирува и проблемите со стомакот, ги намалува гасовите, а често е дел од комбинираните мешавини кои се даваат за нервозни, надуени црева или колики.

Чај од нане

Нането има многубројни придобивки, особено за дигестивниот систем. Особено добро дејствува при настинки, назална конгестија, но и кашлица. Благиот, ароматичен вкус ги потсетува децата на бонбони, па секогаш со задоволство го пијат.

Чај од анасон

Традиционално се користи за различни гастроинтестинални проблеми, како киселини, гасови и колики. Често е дел од чајните мешавини што им се даваат на деца од најрана возраст за да им ги олеснат стомачните проблеми. Има одредени придобивки и за горниот респираторен тракт, па ги олеснува симптомите од настинка. Облогите од овој чај може да се користат и за конјунктивитис. Децата главно не го сакаат вкусот, па затоа е добро да се комбинира со други растенија.

Чај од маточина

Го има во повеќе комбинации, а има вкус на лимон. Ги подобрува проблемите со спиење и нервозата, а поседува и одредени антивирусни карактеристики, па се препорачува во сезоната на настинки. Често се комбинира со валеријана за проблеми со сонот и анксиозноста.

Чај од жалфија

Жалфијата е позната по своите антивоспалителни својства. Покрај тоа што го смирува системот за варење, многу е добра и при различни настинки. Се користи и за миење на усната шуплина и грлото, а облогите од жалфија влијаат смирувачки при различни воспалителни процеси на кожата.

Откако водата ќе почне да врие, ставете една лажица чај во шолја од 2 децилитри. Доколку забележите дека чајот е премногу ароматичен за вашето дете, додајте уште малку вода. Оставете 5 минути, потоа исцедете. Билните чаеви не се комбинираат со млеко, но можете да им додадете малку мед и лимон за да го подобрите вкусот. Доколку додадете лимон, почекајте чајот малку да се излади, па потоа додајте го за да го зачувате витаминот Ц од лимонот. Можете да додадете и некое друго овошје за вкусот да се приспособи на детето, на пример, праска или јаболко. Важно е чајот да не биде топол, туку млак, за да спречите вашето дете да се изгори, но и да нема проблеми со стомакот. Не претерувајте во количината на чаеви. Три шолји дневно се сосема доволни за дете.

Направете го пиењето чај заедничка авантура – време кога ќе се дружите и ќе зборувате со вашето дете.

Автор: д-р Јована Мајсторовиќ

Извор



912

X