Која е целта на ова прашање, зошто тукутака ги ставаме децата во ситуација да избираат меѓу двајцата родители? Во интервјуто ги опфаќаме децата до 7 години

Кого повеќе го сакаш, мама или тато? Навидум секојдневно, безболно прашање кое го слушате на гости, во парк, од блиски роднини. Го ловите погледот на детето, изразот на лицето, да видите реакција, да се обидете да откриете низ што поминува во миговите додека треба да избере и да одговори.

Проф. д-р Марија Котевска-Димовска

Со проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог/психотерапевт од Битола, разговараме како ова прашање влијае врз децата во нивната најрана возраст? Која е целта на ова прашање, зошто тукутака ги ставаме децата во ситуација да избираат меѓу двајцата родители? Во интервјуто ги опфаќаме децата до 7 години.

Како ова прашање влијае врз детето, во каква позиција го става?

– Нема подобар подарок од родителството. Радоста и среќата се неизмерни, но овој прекрасен подарок е завиткан во многубројни предизвици. Во процесот на детското растење и созревање има многу дилеми во врска со тоа како правилно да се воспитува своето дете? Една навидум незначајна, но многу честа појава која бара свое образложение е контактот со љубопитни личности кои ќе му го постават прашањето на вашето дете веднаш штом ќе проговори: „Кого повеќе го сакаш, мама или тато?“ Парадоксално прашање на кое ниту возрасен човек нема задоволувачки одговор. Дали детето повеќе ја сака мама или тато е тешко да се квантификува на рана возраст, кога најчесто го прашуваат детето. А подоцна, кога ќе порасне, никој веќе не прашува вакви работи.

Од аспект на детската психа, ова прашање го става детето во многу непријатна ситуација. Не знае што да прави, како и да одговори ќе се чувствува непријатно. Детето е збунето и фрустрирано, за него тоа е невозможен избор. За да станеме свесни како се чувствува едно невино искрено суштество од оваа наметната дилема, доволно е да ја разбереме мотивацијата на „прашувачот“. Што постигнува со тоа што го става детето пред вакви избори, бидејќи информациите содржани во одговорот навистина не се од значење ниту за оној што прашува ниту за некој друг. Оние што прашуваат често не се свесни за тоа, што не ги амнестира од одговорноста. А има и такви што се непристојни, дури и злонамерни. Има ситуации кога прашањето е дизајнирано да ја потенцира емотивната незрелост на детето зашто возраста на која се поставува не е зрела да ја разбере „духовитоста“, т.е. неадекватноста и бесцелноста на ова прашање кое е еден вид забава за возрасните на сметка на детето.

Ова и слични прашања потекнуваат од времето кога не се знаеше доволно за детската природа и психа, која е богатство од чувства, желби и потреби. Дека станува збор за базично незнаење и несвесност говори и фактот што во развиените земји не постои вакво прашање. Непристојно е да го постават самите родители, а камоли некој друг.

Какви чувства може да предизвика кај децата што се во период на интензивен развој?

– Ако се чести и интензивни провокациите од ваков вид, може да се пречка за балансот на раниот емоционален детски развој, кој е тежок процес на усогласување на изворните детски потреби и чувства со очекувањата на околината од која тоа зависи. Децата имаат силни автентични чувства и многу ограничена способност да ѝ ги соопштат на својата околина. Во период од 2 до 6 години кај детето се развиени речиси сите видови емоции: лутина, страв, љубов и љубомора, проследени со радост и ретко тага, а во предучилишниот период има развиено чувство за лична чест и срамежливост.

Околината, т.е. родителите треба да им овозможат сигурна, спокојна и стимулирачка средина за безбеден и непречен развој и созревање на децата. Секоја непотребна провокација што има негативен ефект врз развојот на детето треба да се минимизира. Во тој контекст е и провокацијата со прашањето за преферирање на еден родител, која како изолиран инцидент нема некоја преголема важност. Но, ако е често и континуирано однесување и показател на недоволно почитување на детската личност, тоа ќе се манифестира и во други неадекватни однесувања кон детето. Во такви случаи може да доведе до фрустрација и попречување на развојот на детската личност, појава на негативни чувства, несигурност, повлеченост, страв, тага, срам, повреденост. Детските чувства се неговата суштина, а родителите и другите возрасни треба да придонесат во детската душа да царуваат радоста, среќата и љубовта…

Објаснете ни го развојот до 7 години (кај деца со редовен психолошки развој) и нивниот вроден однос кон мајката и таткото.

– Постојат фази во развојот на детето базирани на процесот на врзување, на кој се припишува предноста на еден родител пред другиот. Добро е родителите да бидат свесни за овие фази. Врзувањето е важен сегмент во процесот на развој и учење на детето, чија цел е детето да најде возрасен кој постојано му обезбедува поддршка, внимание, нежност и покрај кој се чувствува безбедно и заштитено. Додека детето поминува низ овие фази, еден родител или старател може повремено да биде фаворизиран, а другиот запоставен. Ова може да варира и важи прво за таткото, па за мајката, во зависност од потребите или идентификацијата во текот на различните фази на развој. Вообичаено е децата на најрана возраст во прво време да бидат повеќе свртени кон својата мајка, која ги исполнува сите нивни потреби во текот на поголемиот дел од денот и е поврзана со чувство на сигурност и емоционална топлина. Подоцна тоа се менува, па следува период кога се фаворизира таткото. Не треба да се занемари влијанието на ниту еден родител, секој е потребен и значаен за детето. Најдобро е кога родителите се согласуваат како партнери, тогаш имаат најубаво и најдобро влијание врз своите деца.

Една од работите што силните родители треба да ја постигнат е да ја контролираат желбата да бидат фаворизиран родител. Желбата да се биде претпочитан пред некој друг е нормална, но кога станува збор за своето дете, подобро е оваа желба да се остане непроверена. Прашањата за фаворизиран родител се непријатни и предизвикуваат децата да се чувствуваат помалку вредни, збунети, а понекогаш и да се сомневаат во врска со родителската љубов. Улогата на децата не е да ги афирмираат возрасните. Среќата на родителите е да подигнат ментално и емоционално силно дете, а за тоа треба да се обезбеди семејната хармонија со безусловна љубов, чувство на безбедност, прифатеност и разбраност.

 Како да реагираат родителите (или тој што во моментот го чува детето) кога ќе чујат вакво прашање упатено кон детето?

– Иако постојат различни креативни пристапи со кои родителите можат да се справат со непријатни соговорници, важно е да се знае дека во секоја ситуација и интерперсонална врска децата ги покажуваат своите емоции отворено, што овозможува полесен увид во начинот на кој ја доживуваат ситуацијата. Не е потребна посебна едукација, секој родител ги знае основните начини на реагирање што треба да ја исклучат прекумерната заштита со тоа што нагло ќе се „извлече“ од непријатната ситуација. Но на тој начин родителите не му одат во прилог на детето, туку ја избегнуваат сопствена непријатност или страв.

Она што родителите треба да го избегнуваат е чест контакт со лица што не знаат да ја почитуваат детската личност и ги тормозат со бесмислени и збунувачки прашања, како она за преферирање на еден од родителите, бабите, дедовците и слично. На секое дете му треба контакт со личност која е позитивна и заинтересирана за неговиот внатрешен свет, која е подготвена да ги сподели своите сопствени искуства и очекувања со детето, истовремено јасно поставувајќи ги границите на дозволеното однесување.

Сепак, треба да се биде свесен дека не е можно, ниту е препорачливо да го заштитат своето дете од сите животни предизвици. Повредените чувства, тага и вознемиреност се дел од животот и им даваат можност на децата да вежбаат толерирање на непријатност. Она што е потребно е да им се обезбедат насоки и поддршка за да се справат со непријатностите, за да стекнат доверба во нивната способност да се справат со неизбежните тешкотии во животот и да го постигнат својот целосен потенцијал.

Детската душа е креативен извор со магична моќ кој може да го трансформира непријатното во духовито, што може да се согледа од следните оригинални одговори на едно претшколско дете: Мама е изгрејсонце, тато е зајдисонце…  Ако нема зајдисонце во вечерните часови, тогаш нема изгрејсонце следното утро… Ако нема изгрејсонце наутро, тогаш нема зајдисонце во вечерните часови.



912

X