Кога вашето дете не може да спие, може да биде примамливо да му дозволите да се припие до вас во вашиот кревет, додека не заспие. Статистиката покажува дека повеќето родители во западните земји спијат со своето дете додека тоа не наполни две или три години.
Индискиот здравствен гуру Мики Мехта тврди дека оваа практика е неопходна за децата и смета дека блиската врска помеѓу родителот и детето е многу корисна. Но, колку долго треба да спие детето со своите родители?
„До седумгодишна возраст, детските огледални неврони активно работат. Тогаш детето потсвесно учи дури и додека спие“, изјавил Мехта.
Огледалните неврони се едно од најважните невронаучни откритија во последната деценија и се клучни за тоа како ние учиме да комуницираме со луѓето. Сепак, нема докази за поддршка на тоа дека огледалните неврони учат потсвесно и за време на спиењето.
„Има уште една придобивка од заедничкото спиење. Ако мајката е покрај детето додека плаче, го смирува и му помага неговото неправилно чукање на срцето да се врати во нормален ритам“, додал Мехта.
Педијатар: „Самостојното спиење може да биде подобро и за детето и за родителот“
Но и тоа не може да се поткрепи со докази. Иако една студија од 2019 година покажала дека луѓето што заедно спијат имаат синхронизирани срцеви ритми подолг временски период, нема докази дека тоа е неопходно за развојот на детето.
Треба да знаете и дека Мехта не е доктор или научник, туку животен тренер („лајф коуч“) и бизнисмен. Педијатарот Мона Амин не се согласува со неговите тврдења.

„Тој инсинуира дека децата мократ в кревет поради траума, страв и одвоеност, што не е точно. Мокрењето в кревет е вообичаено кај многу деца поради незрелоста на мочниот меур, а не поради анксиозност. Децата немаат потреба да спијат со својата мајка седум години за да се чувствуваат поврзани. Независното спиење е можно, тоа е типично развојно и всушност може да значи подобар сон за детето и за родителот“, тврди таа.
Треба да се знае дека заедничкото спиење или споделувањето кревет со новороденче е една од причините за ненадејна смрт на доенчиња. Во 2020 година 905 бебиња во Америка починале од „случајно задушување в кревет“, според податоците од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).