ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на девојче од 3,5 години. Проблемот е што премногу експресивно изразува емоции, кога е радост, како родители убаво ни е на душата, но кога е нешто негативно, тогаш е доста вознемирувачко. На пример, кога одиме да си игра со другарчиња, многу им се радува, текот на играта е сосема нормален, но кога треба да се раздели од нив настанува проблем, како премногу да се врзува, па плаче и ѝ треба многу време за да се смири. Ја оставам, не ја форсирам, а потоа ѝ зборувам, но се прашувам дали можам да ѝ помогнам на друг начин. Да напоменам дека детето зборува.
ОДГОВОР: Од она што го опишавте се чини дека вашето девојче длабоко ги доживува односите и врските со другите. На оваа возраст децата влегуваат во фаза каде што почнуваат да ги препознаваат емоциите, но сѐ уште немаат способности, т.е. механизми за да ги обработат и изразат на соодветен начин. За нас, возрасните, тоа е бура од емоции… во еден момент детето се смее, а во следниот плаче, вреска, понекогаш удира итн. Детето препознава дека чувствува нешто (но често не знае точно што), потоа реагира со целото тело на фрустрацијата или на тага, среќа итн. и тогаш бара сигурност и утеха преку блискост и контакт со родителот.
За нејзината возраст, тоа е сосема нормално.
Ние возрасните често можеме да кажеме дека тоа е „несоодветно однесување“, но тоа е само начин на кој детето знае да го изрази она што го чувствува во одреден момент или ситуација.
Поради тоа, тука сме ние родителите да помогнеме и да ги учиме како на соодветен начин да се изразуваат. Во вакви ситуации би било добро да ги именувате и рефлектирате нејзините емоции.
На пример: „Знам дека ти е тешко и дека си (тажна, лута…) што мора да си одиме, но утре пак ќе си играш со другарчињата.“ Поради овие причини, би било добро да ѝ најавите дека наскоро ќе треба да си одите дома. Прво на 15 мин., а потоа на 5 мин. пред да одите. Не очекувајте таа сама да знае како да се смири или потивко да се справува со емоциите, потрудете се вие да бидете смирени и да не реагирате бурно, да не се вознемирувате, лутите или убедувате или, пак, да ја сожалувате, бидејќи таа учи преку вас, преку вашиот глас, вашето лице, вашето движење.

Вашата смиреност и трпеливост ќе ја научат и таа со текот на времето да се однесува така.
Дома можете да играте игри и активности бидејќи на оваа возраст детето може да ги учи емоциите преку приказни, но најмногу преку игра и искуства во телото.
Можете заедно да застанете пред огледало и да направите тажна, лута, уплашена гримаса, а таа да ве следи, па потоа да ја прашате: „Како се чувствува оваа личност?“ и помогнете ѝ во објаснувањето. Што прави кога е лута, тажна, среќна..
Можете да ги цртате емоциите со бои. Прашајте ја прво кои се боите, како црвена, жолта, сина, а потоа можете да играте и да ѝ дадете да одбира прашувајќи ја: Која боја е твојата среќа? Кога си тажна, со која боја сакаш да ја нацртаме тагата?
Читајте приказни и играјте со кукли, понекогаш со куклата направете сцена како што таа се однесува, па видете на кој начин ќе ја смири „куклата која многу плаче“. Гушкајте се и играјте без притисок, забавувајте се заедно.
На детето најмногу му е потребен присутен родител, оној што не бега или игнорира кога емоциите и ситуациите стануваат преголеми или тешки. Во тие моменти, кога детето е премногу тажно, премногу среќно, премногу чувствително, улогата на родителот е да биде сигурно место за детето, а вие сте со вашата свесност и барање други начини како да ѝ помогнете кога е „премногу“
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com