Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Не знам како да се справам со ќерка ми, која има 4 години, нормален раст и развој, дружељубива е, весела, креативна. Понекогаш добива напади на бес. Особено кога ќе намисли нешто да направи и тера инает додека не го оствари тоа. На пример, кога сме надвор и кога треба да си одиме дома, таа почнува да плаче, тоа завршува со дерење, легнување на под, удирање со нозете и рацете по подот. Тоа сѐ почесто се повторува, па почнува да ме загрижува таквото однесување. Сум пробала со игнорирање, со казна, со гушкање. Казните помагаат, но тоа трае неколку дена и пак истото се случува. Како да се справам со ова?

ОДГОВОР: Ме радува што вашето девојче добро се развива, што е дружељубиво и креативно, весело. На нејзина возраст се јавува еден голем спектар на емоции, но за неа не се толку разбирливи за да знае како да се справи. Кога е во прашање лутината, децата често викаат, протестираат, плачат, удираат. Ние, родителите, сме тука да ги научиме како и на кој начин да ги регулираат и да ги искажат чувствата. Бидејќи лутината е многу интензивна емоција, доста тешко е да се исконтролира однесувањето, а особено кога си многу мал. Честопати во одговарањето на прашањата зборуваме за рефлектирањето на чувствата, т.е. за емпатично рефлектирање. Како во случаи: „Ти се налути бидејќи…“, „Се натажи…“, „Тешко ти е што требаше да…“, „Толку си тажна и лута што мора да одиме…“, „Жал ми што не може да се нишаш цел ден, време е за вечера…“ итн.
Поради вашата емпатија, вашата ќерка ќе научи дека навистина се грижите за неа, а истовремено ќе чувствува дека вашите граници се цврсти, па тоа ќе прави да чувствува сигурност.

Секое однесувањето што следува по емоцијата може да не е прифатливо, но самата емоција е во ред! Кога ја прифаќаме емоцијата, ја поттикнуваме емоционалната саморегулација кај детето и му даваме до знаење дека го разбираме. Затоа, кога ќе помине тантрумот, можете да зборувате мирно, да кажете дека ја разбирате зошто се лути, но не е добро да се удира од земја, да вреска и да лупа со рацете и нозете. Тогаш на детето му праќаме порака: те прифаќам, разбирам, но твоето однесување не е во ред.

Децата треба и да ги тестираат границите кај родителите за да знаат дали тие навистина постојат или не. Што значи дека постојано ќе пробуваат да ги пробиваат, менуваат.

Бидејќи не сакаат да им се наруши играта, пробуваат до каде можат да одат со попустливоста на родителот и да ги игнорираат неговите барањата. Една од главните задачи кај малите деца е да ја потврдат својата независност од нивните родители. Тие сакаат да видат што ќе се случи кога ќе им се спротивстават на возрасните.

Бидејќи често се случуваат овие тантруми кога треба да ја прекине забавата и да си оди дома, би требало претходно да:

– Одите до неа, приближно 10 минути пред да си одите, да бидете околу неа, вашата близина ќе ѝ помогне потоа полесно да је прифати транзицијата од играта кон одењето дома.

– Известувајте ја дека за неколку минути ќе си одите дома и секако држете се до вашиот збор. 2-3 минути пред одењето пак известете ја и замолете ја да го привршува она што го започнала.

– Не менувајте ја својата одлука и на преговарајте за останување уште неколку минути повеќе.

– Смислете игра додека одите кон дома, одењето да биде забавно, смејте се и зборувајте што ја очекува дома.

– Доколку ѝ е многу тешко напуштањето на играта, разговарајте кога е смирена за тоа, дали има некоја идеја како да си одите дома поинаку, без плачење и удирање, и што можете да направите во врска со тоа.

За жал, не можеме да спречиме децата да бидат преоптоварени, фрустрирани и лути и понекогаш бесно да ги изразуваат своите чувства. Овие однесувања се дел од детскиот развој. Многу често се случува едно да зборуваме, а друго да правиме и децата го учат тоа. Ако научила дека ваквото однесување кај вас предизвикува промена во вашите одлуки, нема зошто да престане да се однесува на тој начин. Поради тоа, многу е важно да останете доследни на вашите одлуки и барања, да не попуштате. На децата им се потребни многу љубов и разбирање, но и цврсти граници.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X