Воспитување

Кога треба да го вложите и последниот денар во своето дете за да успее во спортот?

Ѕвездите веќе се појавија, а вашето дете сè уште дрибла со топката или стои под обрачот, оди на пливање и кога надвор е ветровито, го удира тениското топче на ѕидот – ова се најсилните показатели дека детето сака да успее во спортот со кој се занимава. Но, како и во сите други работи, така и во спортот е потврдено дека талентот претставува само 5 проценти од успехот. Останатите проценти се посветена работа, дисциплина, одрекување, факторот на среќа, истакнува Ивана Обрадовиќ, некогашна јуниорска првенка во тенис, а сега професионален тренер.

Упорноста прави шампиони од децата

Кога ќе завршат големите спортски натпреварувања, кога се нижат успеси, радувања, дочекувања – тогаш одреден спорт се наоѓа во својот зенит, децата масовно се запишуваат во спортски школи со желба да станат фудбалери, тенисери, ватерполисти…
Сепак, не успеваат сите во тие намери.
Обрадовиќ признава дека кај децата талентот и моториката можат да се забележат многу брзо, веќе при првото фрлање на топката. Но, она што ги определува и ги издвојува некои деца се упорноста и подготвеноста за голема работа.
Тоа е она што од децата прави шампиони. А родителите? Често и нивните амбиции се покажуваат како „камен на сопнување“, па децата многу рано почнуваат да се занимаваат со спорт, „прегоруваат“ во својата работа и сè им здосадува пред време.

Во тој расчекор се пропуштаат многу шанси.
– Мора да се работи за да се успее. Ана Ивановиќ, на пример, е вистински пример за посветена работа, а малку талент. Денес се чини дека родителите имаат поголеми желби од децата, а голем проблем е и што децата тренираат по неколку спортови истовремено – вели таа, не криејќи дека и самата „во своето време“ била многу успешна, талентирана, но не и доволно вредна.
– Имав техника, талент, но изостануваа труд и работа. За себе често велам дека сум мрзлива, а моите родители немаа многу. Ретки се оние што ќе влезат во приказната дека би продале сè заради успехот на нивното дете. Тоа е голем ризик. Бев иста генерација со Моника Селеш, ја победував, но нејзе коцкичките ѝ се наредија за да постигне таков успех – раскажува Обрадовиќ, која сега со уживање работи со деца, но и со возрасни што сакаат да ги научат тајните на „белиот спорт“.
Интересно е што практиката често покажува дека многу родители од желба нивното дете да биде успешен спортист, не ги гледаат ограничувањата кај него, а од друга страна некои родители не го увидуваат талентот кај своето дете.

Изборот на спортот треба да му се препушти на детето

– За да го засака спортот, да изгради здрави навики и добар однос кон него, изборот на спортот треба да му се препушти на детето. Родителот е тука за да насочува, да посоветува, да понуди избор… Родителите можат да имаат желба детето да се занимава со одреден спорт, но тоа ќе биде успешно и среќно во спортот само ако е негова желба. Ништо не може насила – вели Весна Милиќ, гешталт-терапевт.

За да се развие потенцијалот на детето, потребно е тренерот и родителите да се надополнуваат и да имаат меѓусебна доверба.
– Тренерите како најкомпетентни лица можат да проценат кое дете има талент за спорт и кое дете треба да се форсира. Затоа родителите треба да имаат максимална доверба во стручноста на тренерот – советува Милиќ.
Таа вели дека зборовите кажани во вистински момент се доволен поттик, но секако дека треба да се избегнува форсирање и поместување на границите на можностите.
– Тоа никогаш не е добро. Сепак, доколку тренерот и родителите проценат дека детето е талентирано, дека има смисла и желба да се занимава со одреден спорт, понекогаш се потребни и одрекувања, посета на експерти, спортски психолози или советници, во смисла на поддршка за изборот. Доколку процената е дека станува збор за исклучителен талент, тогаш навистина вредат сите натамошни одрекувања, и материјални и нематеријални од страна на родителите – вели Милиќ.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top