Овие луѓе ја користат комуникациската технологија за да си го олеснат својот живот или животот на децата. Производители и дистрибутери, увозници на храна членуваат во нивната група, им одговараат на е-пораките за составите на производите, а некои прават и специјални достави на безлактозни производи за нивните потреби

Каде да нарачаат роденденска торта што ќе може да ја јадат деца што се интолерантни на лактоза, кои јогурти и млека може да ги пијат и дали на македонскиот пазар има сирење и кашкавали за нив, се само дел од дилемите што се расчистуваат во фејсбук-групата Исхрана без лактоза. Овие луѓе ја користат комуникациската технологија за да си го олеснат својот живот или животот на децата, во служба на здравјето. Успеале дури и некои производители да почнат да прават специјални достави на храна за нив.
Групата пред пет месеци ја формирала и ја води лекарката, д-р Елена Цветиновска, чии 2-годишни близначиња имаат интолеранција на лактоза.

 

Д-р Елена Цветиновска

Искуства, информации, истражувања…

– Откако утврдивме дека моите девојчињата се интолерантни на лактоза, пронаоѓањето безлактозни производи ми одеше многу тешко. Сфатив дека е време сите паталци да се организираме на интернет и тогаш ја формирав групата „Исхрана без лактоза“. Целта беше да се соединиме и да си споделиме искуства и информации за производите без лактоза достапни на пазарот во земјава – раскажува Цветиновска.
Во групата се споделуваат искуства и совети, проверени информации, истражувања, факти за производи…

Лактозата не е алерген.

– Овој факт многу често не им се кажува на пациентите, па одат во крајност – целосно исклучување на млекото и млечните производи од исхраната, за што нема потреба. Лактозата не ги оштетува цревата, меѓутоа, симптомите кај оние што имаат проблем со неа влијаат врз квалитетот на животот и секојдневието. Тие се соочуваат со чести дијареи, грчеви, болка во стомакот, дуење. Колку ќе бидат изразени овие симптоми, зависи од индивидуата. Кај некои се јавуваат и при внесување 1 грам лактоза на 100 грама производ, а некои толерираат и 5-6 грама без проблеми – објаснува нашата соговорничка.

Нервоза, плачливост, болки, а не мора да ги има

Така, ќерките на Цветиновска имаат различно ниво на толеранција на лактозата. Мајката забележала дека имаат проблем со овој јаглехидрат кога почнале да воведуваат млечни производи во исхраната – јогурт, кисело млеко, павлака (околу седмиот месец по раѓањето).
– По предлог од матичниот лекар направивме генски тест за интолеранција на лактоза кој укажа дека е можно да постои предиспозиција за проблемот. Откако ја исклучивме од исхраната, за една недела клиничката слика видливо се поправи, исчезнаа стомачните тегоби, заспивањето беше побрзо, а сонот помирен. Така децата стануваат наспани, не се нервозни и плачливи, фокусирани се и играта им е непречена – раскажува нашата соговорничка.

Наоѓањето производи без лактоза одело многу тешко. Пред околу две години на нашиот пазар имало адаптирано млеко без лактоза и почнал увоз на едно полномасно безлактозно млеко само од една фирма.

– Дома сама им правев кисело млеко. За другите производи не знаев дека ги има, ниту знаев да ги читам правилно декларациите. Децата дојдоа и на возраст кога колку и да не дозволував, едноставно имаше ситуации во кои бараа да пробаат или да јадат продукти кои потенцијално може да содржат многу лактоза, како слатки. Особено беше тешко со роденденските торти. Сепак, најголем проблем ми беше исхраната на децата кога тргнаа во градинка. Во јасли менито беше 90% млечно, а и сега е во голема мера млечно иако се во голема група. Освен ручекот, кујната не доставуваше безмлечен оброк за нив, ниту пак ми дозволуваа да внесувам зготвена храна. Компромисот го најдовме со тоа што јас носев готови купени кашички, освен за ручекот, фабрички затворени, со што трошоците во градинката ми одеа и до 10.000 денари месечно. Потоа се смени раководството, па може да се каже дека сме на добар пат да го изменаџираме овој проблем, но сепак и понатаму секој ден им носам фабрички спакувам безлактозен јогурт. Имаме среќа што негувателката е исклучително посветена и безмалку ја обучивме за овој тип исхрана и секојдневно им ја менаџира исхраната – раскажува мајката.

Елена со ќеркичките

На исто место на интернет – за полесен живот

Кога почнало да се зголемува членството во нивната фејсбук-група, работите почнале побрзо да се менуваат. Вели дека откако членови споделиле информација оти сите видови кашкавали гауда и едамер се по состав безлактозни, а белите сирења главно содржат 1-2% лактоза, со љубезна продавачка во продавница ги исчитале сите декларации на сите кашкавали и направиле листа со производи што може да ги користат луѓе кои се интолерантни на лактоза.

– За да заклучиш дали производот има лактоза, треба да знаеш да читаш меѓу редови зашто производителите не се обврзани да ја наведат во декларацијата. Почнавме да пишуваме е-пораки до сите поголеми производители на слатки за да ни пратат листа со производи што не содржат лактоза. Преку таа електронска комуникација на интернет откривме дека има и широк асортиман и на слатки работи што дотогаш им ги забранувавме на децата, а всушност биле безбедни. На пример: крем банани, одредени наполитанки, чоколади, кекси, хопла и сл. – вели Елена.

Смета дека најголемо олеснување имало кога во нивната група на „Фејсбук“ се зачлениле и претставници на некои дистрибутери и компании кои, откако активно се вклучиле во нивната електронска комуникација, почнале да им излегуваат во пресрет и да им носат безлактозни производи.
– На нашиот пазар најмногу недостига и најмногу ни беше потребен течен безлактозен јогурт и веќе полека воспоставивме редовен ритам на негова нарачка и достава. Иако групата постои од октомври, функционира одлично и на добар пат сме да покажеме дека овој проблем е чест и дека пазарот навистина има потреба од вакви производи – додава докторката.

Ирма Дума, исто така членка на групата чие дете е интолерантно на лактоза, вели дека ѝ е жал што не постоела кога детето ѝ било толку мало.

– Можеби полесно ќе заклучевме со што се соочува, една година ни беше потребна за дијагноза. Одлично сме организирани, имаме достави на производи, споделуваме каде што може да се најде, како и информации кои се значајни за сите нас – вели Дума.
Членовите на групата се ангажирале и да расчистат за тоа дали децата интолерантни на лактоза може да примат МРП-вакцина. Дилеми се појавија со информациите дека во нејзиниот состав има лактоза.

– Во вакцината има лактоза и беше дилема дали смеат децата да се вакцинираат или не. Имунолозите ни потврдија дека нема никаков проблем да се вакцинираат децата затоа што вакцината се дава интрамускулно, а лактозата прави проблем орално – додава Цветиновска.



912

X