Воспитување

Кога таткото е интроверт, мајката екстроверт, а детето хиперсензитивно

Во едно семејство таткото секоја вечер седи во тишина, чита книга и не сака премногу разговори. Мајката во тоа време ѝ се јавува на сестра си, па на пријателката, па коментира настани од работа и зборува живо дури и додека мие садови. Нивниот осумгодишен син сето тоа го впива.

Кога мајката ќе го крене тонот затоа што е возбудена, детето се стресува иако таа не е лута. Кога таткото трет ден по ред молчи за време на вечерата, детето мисли дека направило нешто погрешно.

Таткото сака ред и тишина. Мајката сака спонтаност и луѓе. Детето не знае каде припаѓа бидејќи ги чувствува и едното и другото, и често се обидува да ги израмни разликите, да ја подобри атмосферата, да се смири себеси за да му биде пријатно на таткото, или да биде весело за да ја следи мајката. А всушност, детето само се обидува да се снајде во свет во кој сите се различни.

Затоа е важно родителите да му признаат на детето дека се различни и дека тоа не е страшно. Напнатоста не треба да се претвора во шепот и молк затоа што хиперсензитивното дете го чувствува и тоа што не е кажано. Треба гласно да се каже: „Тато денес молчи затоа што е уморен, не затоа што е лут“, или: „Мама е гласна затоа што е среќна, но ако ти пречи, ќе зборуваме потивко.“

Различноста во семејството е прекрасна, ако сите имаат право да бидат она што се. Но може да биде и опасна ако некој од членовите се обидува да го наметне својот начин како единствено исправен.

Во таа тишина и бучава, детето учи дека светот не е црно-бел, туку шарен, богат и сложен. Ако му дозволиме.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top