Врската меѓу родителите и децата е посебна и создава темел за други односи во животот на детето. Затоа е клучно создавањето меѓусебна доверба. Но, кога родителот сурово се шегува со детето, ја уништува таа доверба

„Јутјуб“ и интернетот се преплавени со ситуации снимени со скриени камери, проекти кои не одат по план или со застрашување на децата. Многу родители се пошегувале со своите деца, можеби дури и пресурово.

Познатиот предизвик на популарниот американски комичар Џими Кимел за Ноќта на вештерките исто така спаѓа во таа категорија. Снимени се и многу реакции на деца како лутење, тага, солзи и неверување, кога родителите им велат дека ги изеле сите колачи, а тоа им е смешно единствено ним.
Таквите ситуации можат негативно да влијаат врз детето. Така смета и психологот Стефани Зерва, асистент на Универзитетот во Северна Каролина.

–  Врската меѓу родителите и децата е посебна и создава темел за други односи во животот на детето. Затоа е клучно создавањето меѓусебна доверба. Но, кога родителот сурово се шегува со детето, ја уништува таа доверба. На тој начин се праќа порака дека луѓето што ни се најблиски и најважни можат да бидат непредвидливи и сурови – објаснува таа.

Наместо симпатично видео, резултатот е срцепарателна снимка на тажно дете. На сличен начин се пошегувале и сопрузите Лебрант, јутјубери, кои на својата шестгодишна ќерка ѝ кажале дека кучето Карл ќе мора да си замине од нивното семејство, а девојчето се расплакало. Поставеното видео на „Јутјуб“ предизвикало лавина од критички коментари, по што родителите го избришале видеото. Во новото видео тие им се извиниле на сите, свесни дека погрешиле не само со несолената шега туку и со јавното објавување на видеото.

И други родители направиле слични грешки, на пример, цел ден се преправале дека нивната 11-годишна ќерка е невидлива за нив, или пак пред синот уништувале „иксбокс“ за кој тој сметал дека е неговиот. Таткото и мајката по инцидентот биле прогласени за виновни поради занемарување на детето, а го изгубиле и старателството над двете деца.

– Шегите во себе содржат едно ниво на родителска агресија кон детето – истакнува Ејлен Кенеди-Мур, психолог и автор на книга за самодоверба на децата. Сепак, тоа не значи дека родителите не смеат да се шегуваат со своите деца, но за тоа постојат многу подобри начини.

Многу стручњаци велат дека домот не треба да биде место без шеги и дека смеењето е посакувано. Меѓутоа, детето не смее да биде во фокусот на шегата.

– Шегите во кои родителот е цел се сосема во ред. Помалите деца мислат дека е смешно ако чорапите ги ставите на ушите и тоа е нивото на шегување кон кое треба да се стремите – вели Ејми Мекреди, автор на книга за воспитување деца и основач на курс за родители.

Децата полека ја развиваат смислата за хумор, па меѓу втората и седмата година смешни им се „slapstick“-комедиите. Подоцна, меѓу седмата и единаесеттата година почнуваат да ја разбираат сатирата, но чести се и случаите, како и кај возрасните, кога нема секое дете добро да ја прифати шегата.

„Клучно е да знаете каква реакција може да очекувате од своето дете. Ако не сте сигурни, тогаш не шегувајте се со него“, истакнува Мекреди.

Друго ниво е самото објавување на видеото. „Не знам кој на свои триесет години би сакал да има онлајн-видео од себе додека плаче во детската соба“, вели Кенеди-Мур, штитејќи ја детската приватност. Децата се мали луѓе чии чувства многу лесно се повредуваат. „Една од најважните задачи за нас како родители е децата да се научат какви односи да создаваат со другите луѓе“, објаснува таа.

Како што ние постапуваме кон нив, еден ден така тие ќе постапуваат кон луѓето од својата околина, а попатната суровост, дури и во шега, не звучи толку добро, зарем не?



912

X