Стручната дефиниција за дисграфијата е дека тоа е неспособност на детето да ја совлада вештината на пишување (според правописот на одреден јазик), а се забележува кај бројни, трајни и типични грешки и тие се константни без разлика на коефициентот на интелигенција, говорот на детето, развиениот слух и редовното образование.
Одредени статистички податоци покажуваат дека нарушувањата во пишувањето се почести кај учениците од основните училишта отколку нарушувањата во читањето.
Самата дисграфија има сложена психо-невролошка основа и не треба да се сфаќа несериозно, како нешто што детето може да го надмине самостојно. Самиот развој на говорот и јазикот игра улога во развојот и појавата на дисграфијата и може да има различни форми. Не постои единствена причина за дисграфија, туку се работи за влијание на различни фактори. За разлика од дисграфијата, аграфијата е целосна неспособност за пишување, која е придружена со сериозни специфични тешкотии во учењето на почетното пишување (учењето на буквите).
Кои се најчестите грешки во пишувањето кај дисграфијата?
Грешките што се јавуваат се специфични, но можеби на прв поглед изгледаат нормални, а она што ги разликува од грешките направени поради брзината на пишување е тоа што се константни, истите грешки се случуваат постојано и секогаш на истото место.
На пример:
Грешките на ниво на букви и слогови може да се во смисла на изоставување („пс“ наместо „пас“), да се преместат („кеск“ наместо „кекс“), да се додадат („светкло“ наместо „светло“), да се заменат буквите при пишување зборови чии гласови се изговараат слично („магазим“ наместо „магазин“). Грешките на ниво на збор значат пишување делови од ист збор одделно или пишување неколку зборови заедно по ред. Тие често се јавуваат кај деца кои имаат проблеми во развојот на говорот (јазикот) или интелектуална попреченост.
Грешките на ниво на реченица се однесуваат на грешки во поврзувањето на зборовите во реченицата, како и на неточни интерпункциски знаци.
Дали вашето дете има проблем со пишувањето?
(горенаведените прашања се од ориентациона природа, не се користат за дијагностицирање, туку како насоки на што да внимавате доколку се сомневате дека вашето дете има проблем со пишувањето и се наменети за деца од основно училиште)
-Дали детето правилно го држи моливот?
-Дали детето може да ги препознае и именува сите букви од азбуката (и на визуелен модел)?
-Дали детето знае да ги напише/препише сите букви од азбуката за да бидат препознатливи буквите?
-Дали детето ја разбира целта на редовите во тетратката и дали може да пишува за генерално да не ја премине линијата?
-Дали детето може да опише каде се наоѓа буквата на линијата (на пр., која буква е напишана голема и ја зафаќа целата линија, која буква „паѓа под линијата“, кои букви се мали и го зафаќаат просторот помеѓу редовите до средината)?
-Дали детето може да каже каде е почетокот и крајот на зборот и која буква е на почетокот, а која на крајот на зборот?
-Дали детето може да го подели зборот на слогови?
-Дали детето правилно ги изговара зборовите?
-Дали детето ги разликува сите звуци и може правилно да ги повторува?
Како можете да работите дома за да го стимулирате развојот на вештините за пишување? (ако мислите дека детето има дисграфија, ве советуваме да контактирате со дефектолог или логопед за евалуација)
-Можете да работите на стимулирање на развојот на вештините за пишување дома преку стимулирање на развојот на фините моторни вештини, како и графомоторните вештини.
-Обидете се да го мотивирате детето да се заинтересира за некоја активност како што е цртање, сликање, но и сечкање и манипулирање со мали предмети. Обрнете внимание на тоа дали детето има правилно држење на телото кога седи и приспособете ги бирото и столчето така што на детето да му биде удобно, а ‘рбетот да му биде исправен.
-Започнете со усогласување на буквите и предметите што почнуваат на одредена буква, а потоа пишувајте букви со слики од зборовите кои почнуваат на зададената буква. Одете постепено од едноставни до сложени зборови. Обидете се да пишувате букви и линии во песок користејќи четка, стап и прсти.
Погрижете се сите активности да бидат пријатни за детето бидејќи доколку детето е под стрес додека ја врши активноста, поверојатно е дека стимулативната цел нема да се постигне.
912