Во текот на првите години родителството потсетува на видеоигра: се обидуваш, не успеваш, откриваш што треба и преминуваш на наредното ниво. Промена на пелена на бебе што мрда? Ќе го изведеш тоа. Затоплување на шише со едната рака додека го држиш бебето со другата рака? Ќе го изведеш тоа. Одвикнување од пелени? Е, тука не издвојувавме баш голема победа.

Почнавме кога нашата ќерка имаше 20 месеци и почна да покажува јасен интерес за користење нокширче. Според книгата „Сè што треба да знаат модерните родители за користење нокширче“, детето е подготвено да извршува нужда во нокширче тогаш кога ќе може да ја каже азбуката. Според книгата, ова е знак дека детето може да научи нешто социјално, спротивно на нешто што доаѓа природно (како одењето). Уште на првата страница од книгата се вели дека учењето да се користи нокширче е првиот поглед на тоа како вашето дете учи. Без притисок или нешто слично.

Така, почнавме со мал успех. Ќерка ми беше гола во текот на викендот, облечена само во маиче и  ја носевме на нокширче секогаш кога изгледаше дека ѝ се оди. Читаме. Пееме песни. Играме игри и покрај убавото пролетно време надвор. Направивме цел настан кога ги тргнавме пелените и ги воведовме гаќичките.

И продолживме со животот. За жал, тоа беше многу стресно време во нашиот живот, што е спротивно на она што го сакате кога детето се одвикнува. Нашата ќерка наполни 2 години во мај. Во јули се преселивме од Бруклин во Остин, ја отпишавме од градинка и ја оставивме дома шест недели, додека јас и сопругата работевме од дома. Потоа повторно ја запишавме во нова градинка. Незадоволни од неа, повторно ја преместивме по три недели. Таа таму стекна навика да избегнува какање. Беше премногу фокусирана на играта, што ја спречуваше да оди во веце – а нејзините наставници не забележуваа до моментот кога стануваше предоцна.

На почетокот тоа не беше голем проблем. Но, се чинеше дека не оди на подобро. Кога и да ја земевме, во кеса ни ја даваа нејзината извалкана долна облека. Училиштето постојано ни испраќаше фотографии од тоа како таа си поминуваше во текот на денот; ние ја игнориравме секоја активност што таа ја имаше во текот на денот и се фокусиравме на тоа дали ги имаше истите панталони со кои ја испративме на училиште. Постојано читавме и гуглавме за проблемот и си испраќавме контрадикторни статии еден на друг: „Потсетете ја дека какањето е нешто што не сакаме да го задржуваме во телото! Дајте ѝ до знаење дека е нормално човек да кака за да не се плаши од него. Исечете дупка во нејзината пелена и оставете ја да ја носи кога е во веце. Обидете се со минерално масло! Или не обидувајте се со ништо и оставете ја сама да сфати“.

Се чинеше дека не постои причина, ниту шема за откривање. Можевме да патуваме без инцидент, но од друга страна и кратко патување до паркот можеше да вклучува инцидент. Беше фрустрирачки, а сепак се чинеше како нормален детски проблем. Но, кога наполни 3 години, навистина почнавме да се грижиме. Во текот на август одлучивме да ја однесеме на лекар, каде што ѝ го снимија стомакот и ни дадоа дијагноза: запек. Сериозен запек – долгорочен кога столицата се стврднува во телото и исфрлањето станува болно. Оваа болка го тераше детето да се плаши да кака, што го влошуваше проблемот. На крајот, дигестивниот систем се „умртвува“ и помеката столица почнува да протекува без предупредување, нешто што се нарекува фекална инконтиненција или енциклопеза, што пак се поврзува со губење на самодовербата и други проблеми во однесувањето.

Тоа објаснува зошто кога ќе ја прашавме нашата ќерка зошто ѝ се случуваат вакви инциденти, таа велеше дека не знае зошто се случува тоа. Тоа за нас немаше смисла – имаше успех во одење во веце, знаеше кога нејзиното тело ѝ дава сигнал за какање. Излезе дека е во право, а дијагнозата објасни зошто се срами од она што се случува, но е беспомошна.

Ова очигледно е вообичаена ситуација за деца што одат во ново училиште, според Медицинскиот факултет на „Харвард“. Децата се плашат да користат ново веце или да одат сами, па затоа се стегаат, а нивното тело повеќе не го практикува чинот. Ако ова трае доволно долго, некои деца дури и почнуваат да повраќаат.

За нашата ќерка ни дадоа помагало за исфрлање на изметот, проследено со режим за омекнување на столицата и диета полна со влакна.

Требаше да заврши таму. Но, јас и мојата сопруга потценивме колку време ќе трае. Така почна циклусот на успех проследен со регресија. Се срамам да признам дека ја обвинувавме нашата ќерка. Пробавме и со награди. Се обидовме да ја натераме да си чисти по „инцидентите“. Го изгубивме трпението, а полека и нашиот ум.

Се потсетувавме колку долго се обидувавме да живееме без постојан страв дека нашата ќерка пак ќе има „инцидент“. Како што ќе прочитате во која било книга за родители, најдобриот начин е да избегнете да вршите притисок и да бидете конзистентни. Не успеавме на двата фронта. Пораките што ги имам разменето со жена ми го докажуваат тоа: околу 70 пати споменување на зборот „какање“ во текот на изминатата година. Мислам дека секој тантрум на ќерка ми беше поради стегање. Беше брутално.

Сепак, не го гледавме тоа какво што навистина беше: болест со третман. Го гледавме како неуспех – од страна на нашата ќерка, но и од нас. На крајот на краиштата, ако ова беше поглед во тоа како учи нашата ќерка, тогаш колку добро можеме да ја научиме? А сепак таа успеваше на многу други фронтови: броеше до 100 и го пишуваше своето име пред другите деца во нејзиниот клас. Решивме режимот да го одржуваме со месеци наместо со недели. Помина извесно време, па работите одат на подобро.

Во извесна смисла, книгата беше во право. Она што го научивме е дека нашата ќерка е човек и, како и повеќето луѓе, таа не е желна да ги сподели интимните детали за својот дигестивен процес со другите луѓе; ниту е нестрплива да зависи од нас за да ѝ помогнеме во тоа. Неодамна си го скрши прстот на лизгалка. Воопшто не плачеше.

Значи, ова беше нашиот прв поглед во тоа како учи нашето дете. Но, беше поглед и како учиме ние како родители. Повремено, кога и двајцата приготвуваме вечера, а нашата ќерка сака чоколадно млеко СЕГА – мојата сопруга и јас нежно ќе ја потсетиме да ја вежба трпеливоста. Не функционира секогаш, но вреди да се проба. Со одвикнувањето од пелени можеби таа ни го кажуваше истото – да бидеме трпеливи, да слушаме. Ќе добиеме уште една шанса со неа во иднина. А, сега, нејзиното помало братче почнува да ја учи азбуката.

Автор: Пол А. Андервуд



912

X