Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 10 години и заврши четврто одделение. Ме загрижува многу неговото однесување, секогаш кога ќе му кажам нешто или ќе му укажам, на пример, не однесувај се така или не се вели така, тој многу бурно реагира, плаче хистерично и најмногу ме боли зашто мисли дека помалку го сакам. Сакам да останам смирена и се трудам, но тој не прекинува и од неговото однесување се создава голема тензија во семејството бидејќи сме загрижени што му е. Кога ќе се смири, го прашувам зошто така се однесувал, а тој ми вели дека се плашел да не му викам. Тој е многу паметно дете, но и во училиште знае да се занесе и да ме излаже дека нема домашна, да не пишува, што некогаш ме вади од такт. Секогаш треба да сум достапна на телефон, ако не сум, плаче многу како да нема некоја сигурност. Мислам дека тоа е од презаштитничкиот однос од страна на баба му, која секојдневно му кажува што да прави и да внимава на сѐ, нема доволна поврзаност со татко му, кој е затворен тип и цело време е на телефон. Тоа го има попримено и самото дете и не знам како да му помогнам.

ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост и потребата да го видите вашето дете како умее да се справува со ситуациите со кои се соочува. Во вашиот исказ го опишувате како паметно дете кое понекогаш пропушта да ви каже што има за домашна и што се работело на училиште, што вам многу ви пречи и предизвикува бура од силни емоции.

Од вашиот исказ разбирам и дека кај него постои страв да не му викате и затоа кога се обидувате да му укажете како не треба или како не е во ред да се однесува, тој силно плаче и помислува дека помалку го сакате. Ваквиот емоционален одговор од негова страна се должи на високиот интензитет на емоции кои се јавуваат кај вас во ситуации кога тој прави нешто што не е во согласност со вашите воспитни критериуми и очекувања. Во тој случај кога сакате нешто да му укажете, вашите насоки се обоени од нерегулирани емоции и мисли кои укажувањето го претвораат во критички став упатувајќи ТИ пораки кои содржат негација како: не така, немој, не. Таквиот пристап и порака ја активира егоцентричната содржина кај детето и тој се чувствува искритикуван, што ја ослабнува сликата за себе со чувство на недоволност кое се манифестира како чувство на помала вредност, што потоа го тера да помисли дека е помалку сакан.

Обидете се да почнете да комуницирате преку ЈАС пораки искажувајќи ги и вашите чувства како: Јас мислам… Мене ми треба… Мене ми е непријатно кога… Зборувајте за ситуациите од аспект на причина и последица, на пример, која е последицата од самото однесување или што е причина за одредено однесување и барајте да открива решенија што би можел да направи нареден пат кога ќе се најде во иста ситуација. Пофалете го секое добро однесување потенцирајќи ја позитивната карактерната особина што во моментот ја гледате. Разговарајте за убедувањата што ги учи или применува од страна на баба му и колку се тие нејзини, а колку негови. Обидете се преку разговор со татко му да пронајдете една заедничка активност која тие сами ќе ја прават со цел да ја возобноват нивната поврзаност, која е исклучително важна за понатамошниот личен развој на вашето дете.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X