однесување Прашај психолог

Кога ќе му речеме „не“, буквално ’ржи, вреска и доаѓа да нѐ удри… Како да постапиме?

Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ми треба совет околу однесувањето на моето 16-месечно дете. Тој сега е во фаза кога самостојно оди и осознава сѐ околу него, па така прави некои работи кои не би смеел да ги прави или фаќа. Во моментот кога ќе му се каже не или „Не смееш тоа/Не е добро тоа“, тој веднаш почнува да вреска и да плаче, ги собира рацете во тупаници и буквално ’ржи, доаѓа и нѐ удира, нѐ гризе и кубе… Исто така, многу е самостоен во поглед на играње, знае како да се заигра и кога има други деца, тој повторно претежно сам игра. Кога е многу заигран или пак  прави нешто што не би смеел да го прави, ако го викнеш по име не се врти веднаш. Гледам дека има пожив темперамент и претежно е ваму-таму и сѐ го интересира, но не знам како да постапам со горенаведеното. Ако може некакво мислење и совет од ваша страна?

ОДГОВОР: Нормално е и природно на оваа возраст вашето дете да се однесува како што опишавте, да почнува да истражува, тестира и допира, да зграпчи и вкуси сѐ. И самите рековте дека е во фаза кога самостојно сака да осознава сѐ околу него. Тој е љубопитен кон надворешниот свет и сѐ што го опкружува, а истовремено добива нова независност и големи емоции.

И нема друг начин како да научи што е меко, што е гласно, што е негово и што е надвор од границите. Во вашата порака неколку пати споменувате „не смее, не смеел“, но ова ние возрасните го знаеме, а вашето дете „не знае“ и сѐ уште учи, без разлика колку пати сте повториле. А и да знае, сака да испробува и да ги поместува границите за да види до каде може да оди. Не заборавајте, тој е во фаза од развојот каде што го освојува светот и кога ќе се вклучите за да го водите, неговата фрустрација има совршена смисла, тој се лути, удира, гризе итн.

Кога е исполнет со безгранична љубопитност, но нема зборови и способност да го изрази она што го сака, се појавуваат вакви испади на агресија.

Понекогаш на децата, особено на помладите, им е тешко да разберат некои објаснувања бидејќи во тој момент се фокусирани на сопствените потреби и ниедно објаснување не им е доволно добро, всушност, некои од нив можат само дополнително да ги збунат и налутат.

Веројатно ваквото негово однесување ве фрустрира и ве лути, но потрудете се да ја разберете неговата позиција и да останете смирени. Кога фаќа или бара да земе нешто што „не смее“, а почнува да се лути, клекнете на негово ниво и кажете му: „Ти се налути што мама не ти ја даде вазната, таа не е за играње, ајде да најдеме нешто со што можеш да играш“. „Се налути што не го фати кабелот, ајде да удриме со стапчињата на перницата“. Именувајте ги неговите чувства.

Кога пробува да ве удри: „Ти се налути, но мама и тато не треба да се удираат, тоа боли.“ Потрудете се да не се повреди и постојано пренасочувајте го.

Што се однесува до играњето сам, тоа е и нормално, децата на оваа возраст играат сами. А кога истражува и игра, често се случува да биде и исклучен од сѐ околу себе, па поради тоа веројатно и не се врти понекогаш кога ќе го викнете. Не плашете се кога плаче и се лути, тоа е добар начин да ја искажува својата фрустрација, на тој начин ќе учи што смее, а што не.

Тој ќе истражува, а вие ќе управувате со однесувањето. Пренасочувајте, поддржете го и бидете тука за да го подигнете секогаш кога ќе падне, за да продолжи понатаму. Бидете креативни, играјте со него, употребувајте хумор и насмевки за оваа фаза да помине лесно и за него и за сите вас заедно.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top