Здравје

Кога е вистинско време детето да почне да носи забна протеза

Родителите често се интересираат дали нивното дете треба да носи протеза на забите и кога е идеално време да се поправат неправилностите на забите. Правилното распоредување на забите и односот на вилиците се важни – и тоа не само од естетски причини, туку овозможува и полесно одржување на хигиената, а со тоа и зачувување на здравјето на забите и на непцата. Ортодонтските неправилности, доколку постојат, можат да доведат до низа други проблеми: во говорот, џвакањето, потоа може да ја намалуваат можноста за чистење на забите на соодветен начин, лошо да влијаат врз здравјето на непцата, растот на вилицата, како и на изгледот. Стоматологот Наташа Пејчиќ од Србија одговора на сите најважни прашања за детските протези.

Неправилно поставените заби и вилица се многу чести орални заболувања. Најподложни се децата кои имаат наследна предиспозиција, но и лошите навики можат значително да влијаат врз развојот на овие неправилности. Една од најчестите лоши навики е цицање на палецот, потоа дишење преку уста, цицање предмети, притискање на јазикот до забите, долгорочна употреба на цуцла.
Родителите или старателите треба да работат на тоа да ги одвикнат децата од лошите навики доколку постојат, за забите да се развиваат нормално. Исто така, џвакањето цврста храна е важно за правилен развој на забите и вилиците.

Ортодонцијата е гранка на стоматологијата која се занимава со корекција на неправилностите на вилиците и забите. Ортодонтската терапија се спроведува со помош на ортодонтски апарати. Станува збор за специјално и конкретно планирани помагала со кои се коригираат неправилностите на вилиците и забите.

Какви протези има, кога се ставаат и колку долго

Зацврстувањето на забите може да се направи со мобилни протези, фиксирани протези или фолии. Вистинското време за започнување на ортодонтската терапија е кога стоматологот ќе процени, во зависност од видот на неправилноста. Додека мобилните протези најчесто се резервирани за помалите деца, со мешовита дентиција, а се поставуваат најмногу на возраст од 7 до 9 години години, фиксните протези обично се поставуваат на подоцнежна возраст, кога е завршена промената на забите, по никнувањето на седумките, главно по 12-тата година.

Практично нема старосна граница за терапија со фиксна протеза, доколку има индикации за тоа. Забите може да се поправаат и во подоцнежните години од животот. Фиксните апарати обично се носат една и пол до две години, па должината на терапијата ја проценува ортодонтот. Во текот на лекувањето, родителите го носат детето на редовни контроли и приспособување на апаратот, во динамика што ја одредува лекарот ортодонт, најчесто еднаш месечно.

Важно е родителите и детето да бидат добро упатени за одржување на оралната хигиена, за време на терапијата, односно храната и наслагите да не се задржуваат на деловите од фиксниот апарат.
Најдобро би било ортодонтските неправилности да се забележат навреме, при редовен стоматолошки преглед, бидејќи додека детето расте и развојот на вилиците продолжува, па превентивното и терапевтското дејствување може да биде многу поефикасно. Сепак, дури и подоцна во животот може да се дејствува со терапија и правилно да се насочи положбата на забите и развојот на вилиците. Денеска има сè повеќе возрасни пациенти кои успешно ги решиле своите ортодонтски неправилности со фиксни протези или, доколку е индицирано, со терапија со фолија.

Исправувањето на забите со фолии вклучува употреба на низа проѕирни фолии кои се носат преку забите. Фолиите се менуваат приближно секој месец. Можат да се носат и ноќе и дење. Сепак, со оваа метода сè уште не е можно да се решат некои посериозни и потешки ортодонтски неправилности.

За да се постави протеза, потребно е забите да се здрави, а оние што не се, мора да се излекуваат пред да се стави протезата. Некогаш, пред да се започне со ортодонтска терапија, потребно е да се извадат некои заби. Порано децата се срамеле да носат протези и им било многу тешко да ги прифатат, но денес трендовите се малку поразлични и може да се каже дека фиксните протези стануваат многу популарни кај тинејџерите. Широкиот избор на материјали и бои во голема мера придонесува за полесно прифаќање на протезите од страна на децата.

Автор: Наташа Пејчиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top