Дали сцените од врсничкото насилство станаа дел од нашето секојдневие? Додека вознемирувачките снимки ја потресуваат јавноста, се поставува прашањето – како да се спречи агресивното однесување кај децата?

Семејниот терапевт и психијатар Борјана Савиќ за „РТС“ вели дека сè потекнува од семејството, како и дека родителите се тие што треба на детето да му дадат љубов, сигурност, да ја градат неговата самодоверба и самопочит. Укажува на тоа дека е важно да се издвои време за децата и да се разговара со нив. Нагласи дека децата треба да се насочуваат на спортски активности бидејќи во коренот на агресивното однесување на децата е бесот кој не умеат да го канализираат.

–  Доколку родителите покажуваат каков било вид насилно однесување, тоа може да се манифестира и кај децата, може да имаат психички проблеми или самите да станат насилници или во некој момент да бидат жртви на насилство – објаснува Савиќ.

Таа истакнува дека насилството е широк поим и дека постои физичко насилство, кое некако најмногу го забележуваме и кое е забележливо, но претходно почнува емоционалното насилство и насилството преку социјалните мрежи. Додава дека некои истражувања покажале оти обично на физичкото му претходи емоционалното и сајбер-насилството – каде што децата преку друштвените мрежи се вознемируваат едни со други.

На прашањето каде грешат родителите, Савиќ вели дека тие треба на детето да му дадат љубов, сигурност и да ја изградат неговата самодоверба.
– Веројатно повеќето родители и сакаат така да постапат кон своето дете, но во зависност од тоа од какви семејни модели и тие самите потекнуваат, најчесто применуваат многу слични модели на оние што родителите ги применувале на нив – наведува Савиќ.

Важно е да се издвои време за децата

– Децата не сакаат да разговараат кога ние ги прашуваме, тие имаат свој момент кога сакаат да разговараат и кога имаат потреба да кажат дека нешто им е тешко. Родителите би требало во тој момент да остават сè и да разговараат со своето дете, да изградат однос на доверба во кој детето може да им каже за сè што му се случува – истакнува Савиќ.

Таа укажува на тоа дека со воспитувањето мора да се почне од најрана возраст и дека навиките што им ги всадуваме на децата се дел од воспитувањето.

– Поставувањето граници е нешто што е неопходно за детето да знае што му е дозволено, а што не – вели Савиќ. Исто така, додава дека системот на награди и казни е нешто што вообичаено се применува во воспитувањето, само е прашање кој е видот на наградата, а кој на казната. Кога се работи за конкретен пример за тоа што треба да се направи кога ќе видиме дека нашето дете удира друго дете, Савиќ вели дека е важно да се вклучат стручни лица во советувањето.

– Треба прво да се обидете да ги раздвоите, да се разговара и со едното и со другото дете, да се запознаете со другите родители, да се вклучат стручни лица во советувањето. Во рамките на училиштето постојат тимови за насилство во кои покрај наставникот има и психолог и педагог, кои се едуцирани да помогнат – наведува Савиќ.

Смета и дека треба да се подигне повисоко статусот на учителите, наставниците и професорите и авторитетот што тие го имаат како педагози кои не само што ги учат децата за науката, туку и ги воспитуваат.

– Тоа е поширок проблем, тешко дека може еден учител сам да го направи тоа. Меѓутоа, интересно е што во училиштата каде што е низок прагот на толеранцијата на насилство, каде што има и одредени превентивни програми во смисла на борба против насилство, насилството е многу помалку присутно. Тоа значи дека одредени мерки можат да се преземат. Само треба да се освестиме дека овој проблем го достигна тоа ниво, па потоа да преземеме одредени чекори – вели Савиќ. Таа нагласува дека е важно децата да се насочуваат кон спортски активности бидејќи не знаат да го канализираат бесот што го имаат во себе.

– Во периодот на пубертетот и адолесценцијата, кога работи хормонскиот систем, кога имаат вишок енергија, некаде мора и да ја потрошат. Секако, речиси сите спортски активности се групни, друштвени и пожелни за децата да се вклучат во такви работи – заклучила Савиќ.



912

X