На луѓето често им е потребен некој лек за да знаат дека здравствената состојба ќе им се подобри. Поради страв, понекогаш го губат и разумот…

Инспирацијата за пишување на оваа тема ја добивам секојпат кога мојот син ќе се разболи. Така беше во последните неколку дена. Од градинката не ме изненадија со повикот дека Јаков има температура 38,5 степени бидејќи ми изгледаше многу чудно утрото. Ноќта се будеше, но не се жалеше на никакви болки, ниту имаше температура, па го однесов во градинка. Инаку е активно дете, а сега беше мирен и топол. Таков е само кога е болен. Знам дека ме чекаат непроспиени ноќи, но уживам во моментите на прегратки и нишкање.

Не се радувам на донесувањето одлуки. Ибупрофен или парацетамол? На секои три или на секои шест часа? Мајка сум која чита книги за да решава дерматитис или лекување со пробиотици и масла. Мајка сум која живее сама со синот, па во моментите на замор и паника нема кој да ми рече: „Дај малку одмори се и диши, сѐ ќе биде во ред“. И како таква мајка, секогаш размислувам и комбинирам дијагнози и терапии уште пред да посетам лекар.

Од деновите кога не бев мајка, се сеќавам на приказна како докторите не направиле ништо, а детето имало 40 степени. Им се лутев на тие педијатри во тој момент. Како можеле да бидат толку невнимателни? Во медиумите кружеше приказна за страшна трагедија кога дете починало од грип. Повикана била докторката која им препишала антибиотик. Јавноста заклучила – единствената што реагирала и помогнала, добила казна. Патот до пеколот е поплочен со добри намери. Тогаш сфатив дека на луѓето често им треба некој лек за да знаат дека ситуацијата ќе се подобри. Знаев дека и докторката погрешила бидејќи мојот педијатар никогаш не препишал антибиотик, а претходно да не побара од нас да одиме во лабораторија и да направиме крвна анализа. Често велеше дека не гледа ништо и нѐ праќаше дома со капки за нос. Не бев задоволна бидејќи моето дете беше болно и му требаше лек.

Но, не е сѐ во антибиотиците!

Колку повеќе се информирав, толку повеќе бев сигурна дека и бактериското воспаление некогаш е подобро да се преболи без антибиотици. Тешко е да се гледа детето додека има 41 температура, но барем имаш капки за нос. Иако, јас тие капки уредно ги подготвував во фрижидер и неотворените ги фрлав бидејќи го користев стариот, добар физиолошки раствор. Почнав да го менувам своето мислење за педијатарот. Прво мислев дека е невнимателна, па почнав да мислам дека е храбра и искусна.

Овој пат нашите проблеми беа тоа што дијагнозата ја поставуваше дежурниот педијатар во другата смена, па ни даде две можни дијагнози, кои по анализите беа исклучени. Нашата докторка беше збунета и не знаеше што да прави со нас. Нѐ испрати во специјализирана поликлиника. Една од дијагнозите се лекуваше со антибиотик. Препорачаа нова крвна слика. Во поликлиниката докторот врз основа на старите анализи дијагностицира трета дијагноза, без никакви нови испитувања. Мајката лавица тогаш веќе беше надвор од себе. „Дајте ми лек!“, врескаше од мене. Мојот „Балтазар“ во главата го анализираше лекарот, зошто кога му поставив едно обично прашање, тој одговараше спротивно од она што го чув во лабораторија, па со тоа мојата доверба во него беше разнишана. Бев толку лута што не беше искрен, што не верував ни во неговата дијагноза. Зар е толку тешко да им се каже искрено на родителите каква е ситуацијата, да се потрошат две минути на разговор, кои значат живот? Моето детето цело време ослабнуваше, имаше температура и состојбата не му се подобруваше. По три дена одење на лекар, немавме ниту дијагноза ниту лек! Тоа ме исцрпи повеќе од температурата. Како мајка се чувствував неуспешна во намерата да му ја олеснам болеста на моето дете. Тогаш се запрашав дали би ми било навистина полесно ако на болеста ѝ дадевме име? Со себе расчистив дека во случај на бактериско воспаление на моето дете со тек на време ќе му биде подобро. По четири дена температурата се намали, уште пред да добиеме потврда за дијагнозата.

Можеби би било различно кога сите вклучени педијатри би биле сосема искрени, а можеби би полудувала секако, бидејќи не даваат лек, а моето дете има температура. Кога детето нема покачена температура, јас сум разумна и образована мајка, но кога има – „дајте ми лек!“

Автор: Данијела Миклец, мајка, учителка, сопственик на „БЕзаБУ



912

X