Ја поканивме Сара Костадиновска, дипломиран уметник од одделот за поп и џез-пеење, дипломиран харфист, специјализант од одделот композиција, наградуван артист и композитор, самостоен уметник и автор, или едноставно пејачката Сара Мејс, на еден школски времеплов
Веднаш ја прифати нашата покана и почна да се присетува на училишните денови. Започнавме од почетокот, со спомените од нејзиното осново училиште „Блаже Конески“ во Скопје. Таа открива дека нејзината љубов кон музиката се јавува уште тогаш.
– Бев одлична ученичка, музичко ми беше омилен предмет, заедно со мојата наставничка по музичко Љубинка Лазаревска. Освен музичко, многу сакав биологија, хемија и граѓанско, а најлоша бев во физика 🙂 – вели Мејс.
Првата симпатија
– Првата симпатија ја паметам, се разбира, нему му ја напишав првата песна :). Имавме 7 години, тој ѝ беше постар брат на мојата најдобра другарка Марија, со која се дружиме до денес – одговара таа низ смеа.
Кога завршила основно, повеќе од јасно било дека нејзиното понатамошно школување ќе биде во насока на музичкото образование, па се запишала во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Бидејќи целата настава таму е поврзана со музика, во средно таа немала омилен предмет.
– Навистина учев со голема љубов и страст, ме интересираше сè. Контрапункт, хармонија, солфеж, историја на музика, форми, композиција, хор… – објаснува Сара.
Дали препишуваше и дали бегаше од часови?
– Од часови бегав само кога бегавме сите (цел клас). Инаку не, немав причина, интересно ми беше на часовите. Имав супер професори, ја обожавав проф. Слаѓана Кавај (професорката по контрапункт), многу научив од проф. Дамјан Темков (професор по композиција) за љубовта кон музиката, компонирањето како алтернативен универзум и сл., класната Весна Беличанец, професорката по харфа Елена, професорките Цвета и Татјана Цанева по солфеж, проф. Зоран Џорлев, проф. Ока, проф. Панче Јосифоф и други. Препишував само по англиски и италијански, за другото учев 🙂 – ни раскажа таа.
Дали си добила кец?
– Кец сум добила еднаш на тест, од класната зашто му кажував на другар 🙂 – ни откри Мејс.
Во средношколските дeнови најдобра другарка ѝ станала Теа Богатинова.
– Секако дека сè уште се дружиме и гледаме, само што сега со уште две другарки сме, нашите ќерки Илина и Една :)))))))- вели Сара.
Факултетот ѝ бил во Софија, Бугарија, односно „Нов бугарски универзитет“. Одбрала да се запише таму поради тоа што сакала да ѝ предава професорката по харфа Малина Христова. Таа е една од најреномираните уметници и педагози за харфа на овие простори, ученичка на големата Вера Дулова, основоположник на руската техника во харфизмот, а за еден инструменталист, нема поважно нешто од професорот по инструмент.
– Малина ми беше како мајка. Од неа премногу научив. Не само техника и музика, туку и животни лекции – објаснува Мејс.
Таа вели дека на Универзитетот во Софија имало врвни професори, уметници, како професорот по композиција, нејзин, животен гуру, Стефан Драгостинов, се присети и на доц. Арнаудов, проф. Чендова, проф. Камелија Тодорова, проф. Ангел Заберски и други.
Зошто харфа?
– Харфата ја одбрав затоа што беше мојата најсилна љубов, иако малку се мислев помеѓу харфа и композиција, ако останев тука, композицијата дефинитивно ќе беше мојот избор -открива Сара.
За време на студентските денови нејзиното друштво било составено од музичари (класичари, џезери, рокери и диџеи), режисери, глумци, балерини и еден економист. Во тој период времето најмногу го поминувала со Сандре (Александар Бахнов) и Ива. Ги спомена и местата што тогаш биле тренд за излегување, како „Sofia Live Club“, „Studio 5“, „Mixtape“, „Тукан“, „Строеж“, по некоја дискотека во студентскиот град…
– Без двоумење можам да кажам дека едни од најубавите делови и спомени од животот ми се од тоа време, тие студентски денови. Излегувавме ретко, ама квалитетно! (хаха). Одевме редовно по театри, редовни бевме во Националниот музички театар „Стефан Македонски“ во Софија, на свирки, концерти („Еј-си Ди-си“, Стинг, Џеси Џеј, Дилајла и други) и домашни журки. Искрено, ми фали целото друштво, многу – рече таа.
Среќна е што го одбрала тој факултет затоа што имала големи предизвици, но од друга страна, пак, имала можност да учи од големи имиња. Да треба повторно да одбере, повторно би го одбрала истиот пат за образование, но дали постои нешто што би сменила?
– Ништо. Да трае уште малку повеќе. 🙂 Да поднаучам и џез-хармонија (хаха) – вели Сара.
Моите ученици не ги споредувам со мене
Сара Мејс е професор по пеење во поп-одделот во музичкото училиште „Пијано форте“ во Скопје.
– Се трудам да ги анализирам моите ученици индивидуално и да им давам совети и насоки согласно нивната индивидуалност, глас и артистичност, а не да ги споредувам со себе. Секој човек е различна индивидуа, а токму тоа е интересно и убаво во пеењето и изведбата. И не само пеењето како гранка, туку во уметноста воопшто. Не ми се допаѓа кога некои се обидуваат да личат на други луѓе и го губат уникатното во себе. Им споделувам искуства и музики и изведувачи што треба да ги проверат (преслушаат).
Фото: приватна архива
912