Како дете бев пргава, љубопитна, неисцрпна и распеана. Знам дека им беше тешко на моите да ме остават да седам мирна на едно место. Дедо ми пробуваше да ме смири со задавање задачи, со тоа што ако успеев да седам на столот триесет минути, без да мрднам или да прозборам, ќе ми купеше сладолед, раскажува Јелена

Не е ни чудо што актерката Јелена Јованова е динамична и енергична на театарската сцена, а и на ТВ-екраните. Што друго да очекувате кога уште како мала ја лажеле со сладолед да седи мирна барем 30-ина минути. „Водата стои, таа не стои“, се зборовите на нејзините родители кога опишуваат какво дете била Јелена, но и сега.

Нашата етаблирана глумица е родена во Бања Лука, а инаку е порасната во Штип, град кој сè уште го споменува со восхит и вели дека многу му должи. Нејзините родители се запознале и долго време пред нејзиното раѓање првин живееле во Загреб, каде што е роден нејзиниот брат, но подоцна решиле да се преселат во Штип. Јелена покажувала афинитети кон уметноста уште како мала, а започнала со глума во средношколските денови.

– Родена сум во Бања Лука. Пораснав во Штип и многу му должам на тој град! Основно училиште завршив во „Гоце Делчев“. Бев одличен ученик, секогаш седев во последна клупа, секогаш подготвена за одговор, иако многу ретко самоиницијативно кревав два прста. Важно ми беше да знам дека сум подготвена, па кога ќе ме прашаат, ќе ме прашаат. На прашањето за подготвеност, уште сум таква – вели Јелена.

Ја поткупувале со сладолед за да седи мирна

Нема голема разлика во тоа како Јелена се опишува себеси какво дете била и кога тоа го прават нејзините родители. Епитетите се повторуваат и најчесто гравитираат околу „љубопитна“, „пргава“, „распеана“ и слично.

– Како дете бев пргава, љубопитна, неисцрпна и распеана. Знам дека им беше тешко на моите да ме остават да седам мирна на едно место. Дедо ми пробуваше да ме смири со задавање задачи, со тоа што ако успеев да седам на столот триесет минути без да мрднам или да прозборам, ќе ми купеше сладолед. Од друга страна, пак, ако ги прашате моите родители за мене, како од пушка ќе ви ја кажат фразата: „Водата стои, таа не стои“. Тоа е точно за мене, а и таа карактерна особина сè уште ја имам. Лекциите што како мала ги научив и сè уште си ги повторувам се: „Побрзај пополека! Сѐ што лета не се јаде! Трпение спасение! Не е страшно ако погрешиш, човечки е!“ – додава Јелена.

Најмногу уживав во крадење цреши

За живо дете какво што била Јелена, не треба да се праша двапати кои ѝ биле омилени детски игри. Доволно било таа да е на улица со другарите и секоја игра што вклучувала многу трчање за Јелена била број еден. Таа имала голем круг на другарчиња од тој период, но со текот на годините некои се имаат иселено низ Европа и светот, така што нивните контакти се сведени само преку социјалните мрежи.

– Како дете најмногу сакав да играм криенка, потоа многу сакав да возам велосипед низ маало, а возбудата беше уште поголема кога ќе отидев во некое друго маало, па ќе возев по тие улички. Исто така, во долгите топли лета слатко „хоби“ ми беше крадењето цреши од туѓи дворови. Во тоа најмногу уживав. Пссссст, не кажувајте никому. Како друштво бевме мешана банда, и тоа: Ана, Џими, Билијана, Дани, Мики и Стефи. Поздрав до нив ако нè читаат. Стевче, мирно ти небо другар. Некои од нив се преку барата, а некои низ Европа. Освен по социјалните мрежи, во живо одамна се немаме сретнато – се сеќава Јелена.

Не бевме со главите в телефон

Јелена е растена во ерата кога сè уште немало паметни телефони, така што договорите за дружба се ковале еден или неколку дена претходно. Притоа сите си стоеле на договорот, а збирното место им било добро познато.

– Кога бев дете, се договаравме неколку дена претходно за средба во толку часот и секој си остануваше на договорот. Немавме мобилни да се допишуваме, да презакажуваме. Ѕвонев кај другарките на врата за да ги повикам да си играме. Додека ги чекаш да се подготват, си муабетиш со нивните родители, а неретко ќе ти се посреќи да те почестат и со добар колач. Сите се разидувавме обично кога ќе се огласеше некоја свирка, која за секое дете беше уникатно договорена од дома. Фора беше тоа. Знаевме кого го викаат да си оди и веднаш ни се расипуваше расположението, бидејќи знаевме дека еден по еден ќе нè извикаат сите. Кога бев дете, разговараме! Многу! Не бевме со главите в телефон како ноеви, правејќи се нешто што не сме. Бевме многу поискрени со себе и со другите – кажува Јелена.

Ми се менуваа желбите и соништата, остана само актерството

Кога била дете, се знаело, во девет часот морала да биде в кревет. Авторитет во куќата биле двајцата родители, така што немало прекршување на правилата. Таа како мала, а како и многу други деца, имала многу желби и соништа за тоа што ќе биде кога ќе порасне. Сето тоа брзо ѝ здосадувало, само љубовта кон глумата ѝ останала.

– Еднаков авторитет сè уште ми се и мајка ми и татко ми! Добро и вешто ги поставиле темелите за таквиот однос, кој до ден-денес стои. Се знае, девет часот е време за кревет! Отсекогаш сум била благословена и среќна што имам родители кои слушаат кога им зборувам, кои се присутни и спремни за поддршка. Би сакала да бидам таков родител за своето дете. Како дете, ми се менуваа желбите и соништата. Многу брзо знаеше да ми здосади едната замисла за во следната секунда да посакам да сум нешто друго. Само за актерството не развив имунитет и тој вирус сè уште позитивно ме тресе. Карактеристиката што ја имав како дете, а ми помогна подоцна во градењето како актер е потребата постојано да си играм и да одам во истражувањето докрај, сè додека не ми здосади, за потоа да го преиспитам нештото и уште повеќе да го усовршам! – вели Јелена.

фото: приватна архива/насловна Мартин Трајановски



912

X