Гледајќи им го детството, осаменоста во толпа, речиси без никаква поконструктивна (без оглед на возраста) комуникација, технологијата која ја уби емотивноста, нешто и не ме привлекува да го менувам моето за детството на сегашните деца – вели познатиот радио и ТВ-водител Драган Б. Костиќ

Живеел во куќа во која имало седум семејства, а 24 деца, горе-долу на иста возраст. Во дворот постојано имало врева „до небо“ и мајки што викаат од секој прозорец. На улицата на неговото детство во лето на жешкиот асфалт фудбал се играло дури под светилките на уличните бандери. Дома се прибирале на полноќ.

– Деца, деца, деца… еден тон. Денес кога ќе минам по улицата, не среќавам ниту еден човек, а не пак деца! – вели нашиот познат радио и ТВ-водител Драган Б. Костиќ, кого го потсетивме на неговото прекрасно детство.

Вели дека бил традиционално воспитано дете, палаво и љубопитно. Во домот имало семејна хиерархија.

– Почит кон таткото, кој се чекаше да се врати од работа за да се седне на маса за ручек. Со исклучок кога сум одел попладне на училиште, па сум добивал од ручекот. Сум горел од желба за секакви сознаниjа. Кога моите другарчиња учеа да читаат кирилица, на осум години читав и тоа течно латиница. Ме носеа по одделенијата во училиштето како урнек. Литература ми беа латинските Х-100 криминални романи, Светец, Лун крал на полноќта.

Со роденден му почнувал распустот

Обично најблиските знаат да ни раскажуваат какви бебиња сме биле, дали сме плачеле, јаделе, дали сме биле палавковци. Костиќ „вели кој да ги знае што зборувале за мене“, едноставно не обрнувал внимание.

На две, четири и пет години

– Сум растел во некој свој свет. Ама многу комуникативен, постојано во движење. Па во хороскоп сум близнак, зарем можело да се очекува нешто друго?

За него и за неговите другари најзначаен период бил летото, а тој има роденден баш на 10 јуни – на почетокот на распустот. Вели дека растел во време кога постоеле четири годишни времиња, речиси стриктно одредени. Препознатливи и по гардеробата од мантили, капути, јакни, маички.

– Најпрепознатлив беше летниот период. Почнуваше на денот на мојот роденден, 10 јуни, крајот на училиштето, секогаш одбележуван на речиси истоветен начин: куси панталончиња, бос, фудбал на асфалт, на улица по која можеби на два-три часа поминувал еден автомобил. Во целата улица (поранешна „Димитрије Туцовиќ“, сегашна „Ристо Шишков“, која оди од Владата до фонтаната во парк), само еден единствен автомобил – светлокафеаво фиќо на некој Борче кој беше маркетинг-директор во ОХИС или Алкалоид, со регистрација СК -16-10. На веќе жешкиот асфалт фудбал се играше дури под светилката на уличните бандери, два тима со по единаесет деца, а двојно повеќе чекаа на тротоарот како подобри екипи. Деца, деца, деца… еден тон. Денес кога ќе минам по улицата, не среќавам ниту еден човек, а не пак деца!

Во прво одделение

Играта џамлии за копчиња кои ги ваделе од навлаките на перниците

Костиќ живеел во куќа на аголот на „Димитрие Туцовиќ“ и „Ленинова“, во која имало седум семејства, а 24 деца, горе-долу на слична возраст.

– Треба да се има фантазија за од денешен агол да се замисли малиот двор на куќата во кој играат овие деца и барем уште толку од комшии… Врева до небо, мајки гракаат од секој прозорец (татковците се на работа), се играат џамлии на копчиња (кои си ги испосекол од секоја навлака на перници или јоргани по дома, па кога мајка ти ќе го забележи зулумот, се симнува во двор да си ги бара копчињата кај оние од кои си ги зијанил). Нивните мајки од прозорци си ги бранат децата што плачат бидејќи мајка ти речиси насила им ги собрала шарените копчиња. Лудница! Сите тие деца уште во средношколските денови се расфрлаа насекаде, поплавата во 1962 и земјотресот во 1963 си го сторија своето. Многумина од нив се раселија, оние што останаа (како мене), своите другари ги бараа во други средини во кои животот нѐ одвлече. Денес, ретко среќавам некои од нив, и тоа сосема случајно. Ако ги препознам – раскажува Драган.

На прашањето колку е различно неговото детство од денешното, вели: „Уффф! Како не! Во сѐ!“

– Од чувство за приврзаност, начин на минување на слободното секојдневие, љубопитството да се дознаат многу нешта. И фантазијата, која ги надополнуваше неможностите во нивното сознавање, достапно на сегашните генерации. Но без возбудата на откривањето „што има зад следното брдо“? Денес сѐ е на дофат, но реков, без возбудата на потрагата и откривањето.

Растел со строг татко, неговиот збор бил закон

Костиќ растел со брат, кој е помал од него шест години. Вели дека тоа е разлика која не овозможува некаква дружба.

– Кога јас играв џамлии на копчиња, мајка ми го лулкаше в раце. Кога јас почнав да се интересирам за стрипови, музика, девојчиња, тој почнуваше да игра џамлии на копчиња. Реков, никаква возраст за дружба. Само обврска да го чуваш.

Бидејќи растел во традиционално и хиерархиски поставено семејство, неприкосновена глава во семејството бил татко му. Вели дека бил прилично строг, немал многу време за децата, бил посветен на професијата.

Томи, брат му на Драган, татко му и Драган

– Беше графички работник, типограф по струка, но секоја друга графичка дисциплина му беше ептен позната. Занаетот го печел покрај дедо ми (чие име го носам), кој во 1919 г. ја направил една од првите печатници во Македонија. Неговиот збор беше закон. Строг. И премногу. Животот во младоста и не му бил нешто многу наклонет. За време на Втората светска војна, на седумнаесет години бил интерниран од Скопје во Германија во работен логор. Затоа дисциплината на која се научил таму му беше основа за нашето воспитание – раскажува Костиќ.

Во кревет се одело по гледањето на цртаниот филм на црно-бел РИЗ телевизор (со ногарки), во седум часот. Исклучок имало во петок и сабота, но затоа пак летно време пред куќа се седело до полноќ.

Фото: Роберт Атанасовски

Татко му сакал да стане доктор, па инженер.

– Запишав машински, ама по првата година му кажав дека тоа не е за мене. Не му беше драго, ама мораше да се согласи. Како дете, сакав да бидам цртач на стрипови (и бев години потоа, и тоа добар), ама љубовта кон музиката, радиото беше посилна.

Земјотресот ги расипа спомените, но децата брзо закрепнуваат

Драган бил одличен ученик, учел во „Христијан Тодоровски-Карпош“, во одделот за српска настава.

– Моите ме запишаа таму за да научам да зборувам српски бидејќи не знаев ниту збор, па роднините низ Србија не ме разбирале што зборувам. Петто одделение продолжив македонски во „Његош“, па се случи земјотресот. Училиштето се урна, бев една година во Ниш, потоа назад во Скопје во „Коле Неделковски“ каде што завршив осмо и потоа во гимназијата „Јосип Броз“, која беше кај поштенската гаража. Какви спомени? Прекрасни, безгрижни… кои земјотресот ги расипа. Но, децата брзо закрепнуваат.

Го прашуваме Костиќ, од денешен аспект, што би сакал да има, а го немал кога бил дете?

– Гледајќи им го детството, осаменоста во толпа, речиси без никаква поконструктивна (без оглед на возраста) комуникација, технологијата која ја уби емотивноста, нешто и не ме привлекува да го менувам моето за детството на сегашните деца. Но, исто така се сомневам дека тие би сакале да се менуваат со моето. Откажувајќи се од сите привилегии на сегашното време. Сѐ во свое време. Детството особено.



912

X