На голем одмор ја преминував Партизанска за во „Песталоци“ да играм џамлии со соучениците на брат ми, кој таму учеше. Тие беа постари од мене 3 години и подобро играа џамлии од моите соученици. За да не ме прегази некој автомобил при моите џамлиски авантури, мајка ми ме префрли во „Песталоци“

Кога бев дете, по завршувањето на цртаниот филм во 19:15 часот беше време за спиење. Јас и брат ми на крај од цртаниот ќе речевме тивко: „Ве молам, дајте ни уште еден“ и бевме пресреќни кога ќе ни се оствареше таа желба, а ние ќе добиевме уште три минути забава. Вака изгледал раниот детски ноќен живот на нашиот џез-пејач и може слободно да се каже вокален уникат во Македонија – Џон Илија Апелгрен. Тој повеќе од три децении на нашата сцена го одржува жанрот што не е карактеристичен за нашето поднебје, маестрално исполнувајќи ги најубавите џез-стандарди од светската музичка литература.

Во текот на неговата богата кариера, Апелгрен има настапувано на концерти со биг-бендови, симфониски оркестри и со помали џез-формации. Има снимено илјадници минути музика за Македонската национална телевизија и отпеано многу часови ревиска музика за новогодишните телевизиски програми. Едно време бил главен вокалист на „Биг бендот“ на МРТВ. Апелгрен за Деца.мк открива дел од неговото колоритно детство.

Примерен кон постарите, див и нескротлив на улица

Роден во Лондон во 1969 година, односно како што вели, на 24 дена пред последниот настап на „Битлси“, Апелгрен сепак го врзува неговото детство со Скопје, каде што се вратил со семејството во 1972 година. Вели дека како дете не бил плачко, туку напротив, секогаш насмеан и весел. Џон Илија бил зависник на џамлии и петкамци, игри поради кои мајка му го отпишала од првичното основно училиште „Коле Неделковски“ и го префрлила преку улица во „Песталоци“.

– Бев примерен кон постарите и комшиите, културен при контакти со роднини и пријатели на моите, но кога беше мое време за игра надвор, бев див и нескротлив. Роден сум без коса, а како бебе сум имал руса права коса. Потоа ми потемнила до црна и се извиткала, освен во еден период околу мојата 5. година кога повторно накратко ми била исправена, за потоа да ги добие вообичаените локни.

– Најдобро играв џамлии и петкамци. Играјќи џамлии или „на тепка“, ги имав собрано сите тогашни албуми со сликички. Ретко се симнував од велосипедот, но имав време и за фудбал зад зграда и за војни кои редовно ги водевме со другите маала. Многу среќа имав што ниеднаш не си ја дупнав главата во моите немирни авантури. Прво одделение почнав во ОУ „Коле Неделковски“. На голем одмор ја преминував Партизанска за да стигнам во „Песталоци“ да играм џамлии со соучениците на брат ми, кој таму учеше. Тие беа постари од мене 3 години и подобро играа џамлии од моите соученици. За да не ме прегази некој автомобил при моите џамлиски авантури, мајка ми ме префрли во „Песталоци“.

Имал дружина наречена „Црни браќа“ и си измислиле своја азбука

Учејќи емотивна зрелост, смисла за хумор и пожртвуваност кон семејството од неговата мајка, и како да се биде чесен, вреден и посветен на она што го работи од очувот Панос, Апелгрен за тоа негово „аналогно“ детство ќе каже дека е можеби најубавиот и најинтересен дел од неговиот живот, пред сѐ, поради безгрижноста. Тој уште во градинка склопил другарства што траат до денес. Нивната тогашна „банда“ се викала „Црни браќа“ и имале сопствен код на обраќање со цел другите да не ги им ги разберат муабетите.

– Од љубовната приказна на мајка ми и мојот очув осознав што е љубов. Претпоставувам дека двајцата беа авторитети за мене, но на различни полиња. Инаку, уште во градинка склопив другарства кои сѐ уште траат. Заедно учевме и во осмолетка. Во петто дружината ја нарековме „Црни браќа“. Имавме направено и сопствена азбука на која можевме течно да пишуваме и да читаме, а со цел другите од одделение доколку ни фатат порака, да не можат да ја разберат. Секако, „црните браќа“ денес живеат на три страни на светот, а сепак сме исто толку блиски како и пред 50 години.

– Ние израснавме во аналогно време, кога беа поважни други вредности како братство и единство, почит кон другите. Сега, во време кога материјалното го потисна духовното, кога криминалот и нечесноста се наградуваат, а чесноста се презира, предизвикот да се формира убав, емпатичен и морален човек е поголем. Нам веројатно ни фалеше повеќе избор на ТВ-програма, интернет и денешните компјутери, но денешните деца без струја не би знаеле како да се забавуваат и би биле сосема изгубени.

Бев одличен ученик и доволно ми беше да внимавам на часовите

Кога вујко му Стефан ќе засвирел некоја композиција на пијаното, малиот Џон Илија со солзи во очите му ги бакнувал рацете, воодушевен од музиката што ја создавал. Токму оваа случка ја навестила неговата опсесија со музиката, која подоцна му стана и професионална окупација. Секако, помогнал фактот што тој растел опкружен со уметници, предводени од неговиот дедо, славниот глумец, режисер и педагог Илија Џувалековски, а џез-музиката по која Џон е познат и која ја изведува веќе 35 години постојано се вртела на грамофонот дома.

фото: Живко Јаневски

– Обично желбите на таа возраст се инспирирани од силни впечатоци од филмови, цртани или случки во непосредна близина. Сакав да бидам детектив, кунг-фу мајстор и автомобилист, но една случка многу порано навестила што ќе ми го зароби моето внимание. Кога вујко ми Стефан ќе отсвирел композиција на пијаното кај него дома, јас како тригодишно дете сум доаѓал до него и со солзи во очите сум му ги бакнувал рацете одушевен од музиката што ја создал.

– Во осмолетка бев одличен ученик, не се сеќавам дека некогаш сум учел, доволно ми беше вниманието на часовите. Имав одлична меморија и тоа многу ми помагаше, но бев див по природа и затоа неколку пати ми се закануваа со бркање, а особено со посети кај школскиот психолог и педагог и сѐ тоа за активности за време на школскиот одмор или по завршување на часовите. Уметноста секогаш била дел од мојот живот. Уште како многу мал растев во средина полна со уметници од разни бранши, со пријатели на дедо ми и секогаш бев фасциниран од нивното знаење, од начинот на кој раскажуваа, ширината на нивниот светоглед. Се плашам дека во денешно време сѐ помалку има луѓе од таков ков. Имав среќа и во мене да тлее семејниот уметнички ген.

фото: Katt Von E



912

X