Во текот на првата година вашето бебе ќе помине низ многу пресвртници. Можеби една од највозбудливите е препознавањето и реагирањето на сопственото име. Едноставно не можете да го контролирате тој излив на радост што доаѓа кога вашето малечко ќе ја сврти главата кон вас откако ќе го повикате по име.

Препознавањето на имињата се потпира на „рецептивниот јазик“, кој вклучува обработка на изговорените зборови и звуци. Можеби звучи сложено, но можете да очекувате вашето малечко да ја совлада оваа вештина неколку месеци пред својот прв роденден.

Кога бебињата си го препознаваат името?

Повеќето бебиња си ги препознаваат имињата на возраст од 4 до 9 месеци. Кога вашето бебе ќе ја совлада вештината, може да забележите дека постојано гледа во вас – или реагира на некој друг начин, кога и да го повикате.

Родителите веројатно ќе видат и некои други пресвртници кај бебињата поврзани со јазикот. На пример, околу 4 до 6 месеци вашето бебе може да почувствува промени во вашиот тон кога разговарате со него, според Американското здружение за говор-јазик-слух.

И почнувајќи некаде по 7 месеци возраст, тие ќе го насочуваат своето внимание за да видат од каде доаѓаат различни звуци. Центрите за контрола и превенција на болести велат дека повеќето бебиња погледнуваат кога ќе го кажете нивното име до 9-месечна возраст.

Меѓутоа, важно е да се забележи дека доенчињата развиваат различни јазични вештини во различно време, вели д-р Кристен Кук, педијатар во болницата „Асеншн Ол Сејнтс хоспитал“ во Висконсин, САД. Ова значи дека на вашето бебе може да му треба подолго време за да го препознава и да одговара на своето име, и во многу случаи тоа е сосема во ред. За сите грижи известете го педијатарот.

Како да му помогнете на вашето бебе да го научи своето име

Многу родители со нетрпение го чекаат денот кога нивното бебе ќе го препознае сопственото име. Можете да им помогнете на бебињата да ја совладаат оваа пресвртница со неколку различни стратегии:

Повторувајте го нивното име – често повторувајте го името на вашето бебе во секојдневниот разговор, гледајќи кон него секогаш кога го правите тоа.

Разговарајте со вашето бебе – иако вашето бебе не разбира што зборувате, разговорот со него и менувањето на вашиот тон му помага да научи да комуницира.

Раскажувајте ги вашите постапки – дали некогаш сте се нашле во ситуација како му објаснувате мали нешта на вашето бебе? Оваа нарација всушност е од корист за нивниот развој. „Дури и вербализирањето на секојдневните задачи, како менување пелена или ставање на детето на седиштето во автомобил, го изложува детето на јазикот колку што е можно повеќе“, вели д-р Кук.

Читајте и пејте – читањето и пеењето го изложува вашето бебе на проширен вокабулар. Покрај поддршката за јазичните вештини, исто така тоа го зајакнува целокупниот развој на мозокот на бебињата.

Работете на експресивни јазични вештини – за да ги совлада рецептивните јазични вештини (како препознавање на името), вашето бебе треба да вежба и експресивни јазични вештини.

„Експресивниот јазик се однесува на способноста да се комуницира, преку гестови или со користење изговорени зборови“, вели д-р Кук. Во суштина, ова значи дека секое мало гугање, џагор, насмевка (па дури и солзи) не се само симпатични – тие се и елементите кои ги градат јазичните вештини на вашето бебе.

Кога да се јавите на лекар

Секое бебе се развива со различно темпо. Сепак, добро е да го посетите докторот ако бебето не реагира на своето име до 9 месеци возраст.

Вашето бебе може бавно да ја достигнува оваа пресвртница. Но, различни фактори, исто така, може да го спречат вашето дете да го препознае своето име, вклучувајќи проблеми со слухот, доцнење во развојот или нарушувања од спектарот на аутизам.

Д-р Џонатан Мејнард, педијатар во болницата „Провиденс мишн“ во Калифорнија, ги советува родителите да изразат загриженост за развојот на јазикот кај нивниот педијатар за време на редовните посети. Тој, исто така, ги охрабрува да одат редовно на прегледи, со цел долгорочни придобивки за нивното дете.

„Неопходно е да се оди на сите рутински посети. Тоа им дава на педијатрите можност да го следат развојот на детето и да одговорат на какви било прашања што може да ги имаат родителите“, заклучил тој.

Автор: Холи Гарсија

Извор



912

X