Децата се мали луѓе. Иако родителите се возрасни и многу може да ги научат своите деца, тоа не значи дека треба да се игнорира она што децата го зборуваат и да се потценува нивното мислење. Напротив, децата треба да се слушаат и да се почитува кога ќе речат „не“.

1. „Не, не сум гладен!“

Сите ние сме мразеле кога нè присилувале да седиме пред полна чинија со храна, а не сме биле гладни. Денес истото им го правиме и на нашите деца. Притоа, сите чувствуваме колку храна ни е потребна. Се разбира, ако јадело слатки, па затоа не може да го изеде оброкот, тоа е вредно за вниманието на родителите, но во сите други ситуации детето може само да одлучува дали ќе јаде и колку ќе јаде. Така воедно ќе учи и за здрав однос кон своето тело и чувството на глад и ситост.

2. „Не, не ми треба помош околу јадењето!“

Се разбира дека ќе го исечеме месото на парчиња и ќе чекаме малку да се олади за детето да може да почне да јаде. Но, во еден момент ќе престанете бидејќи детето само ќе научи да го прави тоа, барем така би требало. Немојте да го пропуштите тој момент бидејќи, на пример, во неговата осма година одеднаш би можеле да се изненадите дека детето уште бара ваша помош околу хранењето.

3. „Не, сакам и можам сам да се облечам!“

Прво не знаат сами, а потоа не сакаат сами – така родителите ги сфаќаат нештата. Но, помеѓу тие диви фази долга е и фазата на премин на обидување од страна на детето да научи и самото да го совлада облекувањето чевли или маица. Во таа фаза децата се несмасни и бавни, но и полни со ентузијазам и волја. Ако тогаш не им ја дадете помошта и не го поддржите нивниот ентузијазам, тие неминовно ќе се претворат во лица што постојано ќе велат „не можам“.

4. „Не, престани да ме скокоткаш!“

Некогаш скокоткањето е на работ помеѓу радоста и болката. Треба да знаеме кога се радува, а кога протестира. Ако дојде до тоа детето да каже: „Не, престани!“, би требало веднаш да престанете. Така детето учи дека може да има доверба во вас и дека нема да ги преминувате границите.

5. „Не, не сакам сега да се галам!“

Слично е со галењето, прегрнувањето и бакнежите. Децата некогаш едноставно не сакаат да ги допираат, стискаат, бакнуваат. Кога ќе ве одбие, секогаш послушајте го и не сфаќајте го тоа лично.

6. „Не, не сакам да го пробам тоа!“

„Ајде качи се на лизгалката, ти си сега голема!“ Можеби сте изговориле ваква или слична реченица, но ако детето нешто не сака, тогаш не треба да го присилувате. Тоа самото ќе почувствува кога е подготвено да се качи на лизгалка и да се спушти и кога тоа искуство ќе му овозможи забава и радост.

7. „Не! Се плашам!“

Никогаш немојте да ги потценувате стравовите на детето, да се однесувате како да не се важни, дека се глупости и дека не треба сериозно да ги сфаќате. Кога ќе дознаеме дека детето се плаши од нешто, треба сериозно да пристапиме и да се обидеме да разговараме со него. Обидете се да избегнете присилна конфронтација со стравот бидејќи така стравот може дополнително да порасне.

Автор: И.Ш.



912

X