Децата се скромни во барањата, а новогодишните желби веќе ги смислиле. Си замислиле реални желби, нешто што може да го имаат
Јас сакам да бидам готвачка. Не, сакам да бидам архитект. Јас сакам да бидам фудбалер. Порано сакав да станам готвачка, ама сега сакам да бидам балерина…
Вака разџагорени и со светнати очиња нè пречекаа пет дечиња кои од големата зграда на Домот за деца без родители сега се преселени во семејна куќа во Скопје, како дел од деинституционализацијата што се спроведува за подобри услови за тие деца.
Во куќата беа Ана, Ивана, Тања, Теодора и Виктор (имињата се псевдоними) со нивната воспитувачка Гордана Пановска. Со нив живее и Влатко, братот на Ана, ама тој сè уште беше во училиште.
– Повелете, повелете. Со тетка Фимка ви подготвивме колачиња, а ве чекаме и заедно да ја украсиме новогодишната елка, викаа гласно и со широки насмевки, гушкајќи ја директорката на ЈУ Детски дом „11 Октомври“, Соња Стамевска, со која го посетивме нивниот нов дом. Додека помалите нè водеа до нивната дневна соба, поголемите девојчиња го пробуваа капутот на директорката и се огледуваа да видат како им стои.
– Ако сине, пробувајте – вели Соња.
– Кој какво кафенце пие? – прашува Ана и ја користи пригодата да се пофали дека знае и да готви, а учела и со тетка Фимка и од воспитувачите.
Готвачката во домот подготвува храна секој работен ден, а за време на викендите тоа го прават воспитувачите и децата.
До 10 години може да ги лажете дека постои Дедо Мраз
Ги пробуваме новогодишните колачиња додека ни се претставуваат и ни ја покажуваат нивната куќа, која по сè асоцира на семеен дом.
Со деинституционализацијата Министерството за труд и социјална политика одбра неколку вакви куќи во кои сега се сместени по 5-6 деца, со кои постојано во смени работат воспитувачи и негувателка по потреба. Имаат своја готвачка, а воспитувачите се грижат и за тоа да стасаат навреме на училиште, на тренинг, на логопед, на терапија… Велат дека во новиот дом се среќни, се дружат, учат… како во вистинско семејство.
Дел од децата ги знаат нивните вистински семејства, родители или роднини, а социјални работници одлучуваат за средбите. Воспитувачите добиваат прашања за родителите и одговараат на нив, во согласност со возраста и потребите на детето.
Децата велат дека се среќни што се имаат меѓу себе и што ги имаат наставничките.
Во куќата е уште повесело како што се приближува Нова година, па сите, иако велат дека не постои вистински Дедо Мраз, се преокупирани со украсување и новогодишни желби, но не ги забораваат и секојдневните обврски.
– Ако имате дете до 10 години, можете да го лажете дека постои Дедо Мраз, убаво е тоа. Потоа и да сакате нема да ви верува – се усогласуваат во ставот.
Открив дека другарите од училиште ми подготвуваат роденденско изненадување
– Стануваме наутро, се подготвуваме, појадуваме и потоа доаѓа возачот и нè носи во училиште. Таму ни е убаво. Имаме многу другарчиња. Кога ќе се вратиме од училиште, ги сработуваме домашните задачи, работиме со нашите наставнички, ѝ помагаме на тетка Фимка во готвење – ни го раскажуваат набрзина Ана и Ивана (13 и 8 години) нивниот ден.
Гордана Пановска
Сите дечиња од оваа куќа учат во училиштето во кое оделе и претходно, додека биле во домот.
– Јас и Тања имаме по осум години и одиме во исто одделение. Во училиштето имаме многу другарчиња. Дознавме дека другарите од одделението тајно ни подготвуваат роденденска прослава, но не ни кажуваат ништо зашто сакаат да нè изненадат. На Тања ѝ е роденден во петок, а мене ми паѓа во недела, па прославата ќе биде или во петок или во понеделник. Ќе одиме во кино. Тортата ќе ми биде со еднорог. Знам зошто порано сум им кажувала на другарите дека сакам таква торта. И знам дека ја прават тие, ама украсна, од хартија. Најрадосна сум кога сум со другарите, и во училиште и со овие овде. Тие ми беа другари и кога живеевме во домот и убаво ни е заедно – ни раскажа Ивана.
И децата на воспитувачите им одат на гости
Децата не кријат дека се задоволни во куќата, а како што вели нивната воспитувачка Пановска, која беше на смена дента кога ги посетивме, тоа се гледа од нивното однесување.
– Денеска сум на смена од 7 до 19 часот. Појадувавме заедно, ги испраќавме на училиште, потоа имавме некои редовни обврски, како носење на терапии, на логопед, земање на децата од училиште, подготовки за ручек, заеднички ручек со децата, пишување домашни задачи, а денеска, еве, и пречек на гости – вели Пановска.
Воспитувачите понекогаш и своите деца ги носат во куќата за да си играат со Ана, Ивана, Виктор…
– Блиску се според возраста, се познаваат со овие деца тука и нема никаква пречка за нивна комуникација и дружење – вели Пановска.
Симпатии и другарски тајни
Овде ми е многу убаво, среќна сум, директно ни рече Ана.
– Мене најмногу ме радува што има кој да се грижи за мене, што имам другари кои ми ги чуваат тајните и што кога сум тажна, имам на кого да му ги кажам чувствата – не крие Ана.
Како другарството и споделувањето тајни да им се омилена тема, па веднаш почнаа сите во еден глас да кажуваат кој кому му е најдобар другар и на кого можат да му се доверат кога се тажни, кога се среќни, која им е симпатија.
– Тајна може да му се каже на тој што ти е најдобар другар, кој може да ти помогне. Ако ти треба помош, да им кажеш на другите, да ти помогнат – вреват сите во еден глас.
Но, најгласна беше Теодора:
– Јас им помагам на моите другари. На пример, да им решам некоја задача за домашно. Јас многу сакам математика и музичко. Сакам да решавам задачи и да пеам. И сама си измислувам песни.
Додека девојчињата раскажуваа за тајни, другарства и симпатии, Милан со очилата в рака сериозно следеше што зборуваме. Не му се зборуваше за симпатии, ама кога почнавме за спорт, за фудбал, веднаш се јави.
Не веруваат во Дедо Мраз, ама замислуваат желби
– Јас сакам да бидам фудбалер. Кога ќе пораснам, сакам да играм за Реал Мадрид, тој ми е омилениот тим – вели тој.
Да го оставевме, ќе зборуваше за фудбал цел ден, ама го прекина воспитувачката кога го потсети да ги носи очилата.
И девојчињата се скромни како него, а новогодишните желби веќе ги смислиле. Си замислиле реални желби, нешто што може да го имаат.
– Никогаш не сум посакала Дедо Мраз да ми донесе таблет, компјутер или мобилен телефон, бидејќи знам дека не може да ми донесе такво нешто. Си посакувам да ми донесе нешто што може да се има брзо. Кога бев мала, посакував кукла. Сега посакувам нешто што не е скапо, некоја алка, некое ѓерданче – вели Елена и признава дека сака да се дотерува.
Теодора сака телефон и часовник, а Тања срамежливо се надоврза: „Јас не сакам скап подарок за Нова година. Нека биде нешто евтино, ама да ме израдува“.
Виктор не издржа пак да го сврти муабетот на фудбал: „Јас сакам топка, да тренирам. Имам мобилен телефон и на него ги следам натпреварите на Реал Мадрид“.
На Ана, пак, новогодишна желба ѝ е да биде среќна во училиште и да има добри оценки.
Си ги кажаа желбите иако велат дека не веруваат во Дедо Мраз, дури ни помалите.
– Јас мислам дека Дедо Мраз е таткото. Јас мислам дека додека децата спијат, родителите стануваат, таткото се облекува како Дедо Мраз и излегува надвор да им купи подароци на децата и ги става под елката. И наутро кога ќе станат децата од спиење, им велат дека дошол Дедо Мраз и оставил подароци под елката – вели Тања.
Во училиште сите се добри ученици, сакаат да учат, велат нивните воспитувачки, а секое дете има свои афинитети.
Сите се едногласни, најмногу сакаат пица и слатки работи, ама тетка Фимка не ги остава без разновидна, вкусна и здрава храна. Милан пак ужива во пилешки прсти.
– Не може благо колку сакаш и кога сакаш. Тука ни подготвуваат благи работи и тоа го јадеме за време на ужината. Многу убаво ни готват тука. И ако ни остане од благото, утредента си го дојадуваме – додава Ана и нафрла дека сака да биде готвачка во некој познат ресторан во Париз.
А кога таа го спомена Париз, веднаш почнаа да „летаат“ желбите кој каде сака да патува: девојчињата во Франција и во Италија, а Виктор во Шпанија.
Со овие деца не секогаш е игра. Нивното детство не е едноставно, како што не е едноставна ниту работата со нив, вели директорката Стамевска. Грижата до нивното полнолетство е на Домот за деца без родители и на центрите за социјална работа. Стамевска вели дека во моментов во новите мали групни домови во надлежност на „11 Октомври“, имаат 21 дете од градовите Битола, Скопје, Куманово, Пробиштип, Крива Паланка, Берово и Гевгелија.
Со децата работат стручни работници – социјални работници, социолози, педагози, едукатори.
Соња Стамевска
Потребни се многу љубов, разбирање и професионалност
– Не е едноставно. За да се работи оваа работа, со овие дечиња, треба да се има љубов, да се работи со желба, со емпатија, затоа што ова не може да се работи стриктно во рамки и по правила. Ова е нешто посебно зашто треба да се вложите себеси, да дадете дел од себе и не можете да не однесете дел од работата дома затоа што станува збор за деца. На децата треба да им дадете сè што им е потребно – грижа, љубов, така што многу пати не само што си одиме дома со еден дел од она што го правиме тука туку и живееме со тоа дома. На пример, ако има некое болно дете, кога ви завршила смената, сте му го предале на колегата и сте си отишле дома, но не можете дома да бидете рамнодушни и да си кажете – му го предадов детето на колегата, мојата смена заврши. Секогаш се јавуваме да прашаме како е, комуницираме, се координираме. Сигурно дека нема да кажете дека ви завршила смената ако ви се јави колегата што го презел детето за да праша нешто, да се консултира, да се координирате – ни раскажа Стамевска.
Таа се надева дека во иднина сосема ќе се намали бројот на деца што влегуваат во институциите за нивно згрижување и дека сосема ќе се напушти некогашниот концепт на колективното живеење во големи институции.
Порано плачев…
– Најтешко прашање што ми го поставуваат е за нивното семејство. Да одговорите на тоа треба да сте умешни, да знаете да го споите она што треба да им го дадете како информација и да не ги повредите, да се водите од моментот како да одговорите. На почетокот, првите месеци, плачев. Дали кога прашуваат за нивните семејства тоа го прават во емоционална ситуација или дека ги интересираат факти, зависи од детето, но во која и да е ситуација, не е лесно – вели Стамевска.
Ја радува што многу голем дел од работата е исполнет и со многу радости и со позитивни емоции, и додека работат со дечињата и кога тие ќе пораснат и ќе заминат да создадат свој дом и семејство.
– Најмногу ме радува кога децата што поминале кај нас по долги години нема да нè заборават, кога ќе оформат дом, семејство и свој живот и ќе ни се јават да прашаат како сме, кога ќе ни пратат слика од нивното семејство, од нивните деца…
Кога пристигнавме во куќата сè беше украсено освен елката. Нè чекале за заедно да го сториме тоа.
Се испративме со убави желби, да ги следи сета убавина на овој свет.
– И не заборавајте, до 10 години може и да помине приказната за Дедо Мраз – потсети Ана.
Фото: Борче Поповски
912