Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Здраво имам ќерка 13 месеци. Моментално имаме проблем на кој наидовме неодамна и не знаеме како да дојдеме до решение. Проблемот е во тоа што не сака да се успие доколку татко ѝ е во соба. Таа сама се успива од нејзиниот 6. месец. Од 8-месечна возраст спие сама во своја соба. Преку ден не бара никого за успивање, ја ставам во нејзиното креветче во нејзината соба и самата се успива. Исто така и навечер, само што тогаш и јас сум присутна во соба додека да испие млеко и да заспие. До пред еден месец тоа не беше никаков проблем, го правеше и со татко ѝ кој ѝ е омилен (преку ден не смеам да ѝ се приближам, целосно е занесена во играта со него), но сега кога ќе се обиде тој, таа почнува да плаче барајќи ме мене и не сака да се смири до моментот дури не се појавам. Проблемот е во тоа што јас за месец дена треба да почнам на работа и ќе морам да работам и ноќна смена. Ве молам за совет!

Прашува: Ана

ОДГОВОР: Стекнувањето навики за спиење кај секое дете е различно. Вие пишувате дека таа до пред еден месец немала проблем со заспивање со кој било од двајцата родители. Како растат, децатаа ги менуваат развојно навиките кои ги стекнуваат , па и за заспивање. Како вашето дете расте, така тоа ги дели улогите на родителите: „Тато е интересен, преку ден ме забавува, а мама е нежна за заспивање“. Моето прашање до вас е колку можеби не сте проговориле гласно: што ќе правиме кога ќе почнам да одам на работа? Колку таа ве има слушнато и покажува реакција на непуштање? Месец дена е мал период за менување навики, но секако и период во кој полека сите заедно ќе ги менувате семејните навики и ќе има резултати.

Ви предлагам и покрај нејзините јасни пораки, да не се приближите на времето кога преку ден се забавуваат со тато, вие заедно барајте го начинот каде сите тројца ќе го поминувате времето: игра, дневна прошетка, гледање омилена детска емисија или пеење детски песни, одење до блиското игралиште или играње со играчките. На овој начин вие полека ќе влезете во нејзиното поделување улоги, светот на тато е за забава и за игра. Таа ќе стекнува искуство дека може да игра и со вас, не само со тато.

Навечер, кога е време за заспивање повторно заедно сите тројца да бидете вклучени во разговор за тоа како го помина денот, читање приказни или слушање приспивни песни. Така, вие тројцата ќе поминувате време заедно, а тато ќе влегува во времето кое е само за мама „со мама заспивам“. Ова време додека сте тројцата заедно, вие можете да правите кратки излегувања пример: „Да се напијам вода или да го стоплам млекото.“ Така ќе оставите простор таа да останува со тато, но кратко. Со тек на време, тие излегувања може да ги продолжувате временски. На пример: „Вие лежете, јас да се истуширам или сл“. На овој начин таа ќе стекнува искуство да заспива со тато.

Бидете доследни, трпеливи и поттикнувајте го чувството на сигурност кај вашата ќерка. Тие се многу важни за усвојувањето на здравите навики за заспивање со кој било од родителите.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X