Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми е четврто одделение и можам да кажам дека досега се нема вклопено во одделението. Дружењето со врсниците од класот не ѝ оди уште од старт. Настојувам почесто да разговарам со неа на оваа тема. Речиси помирено соопштува: „Со другарката што малку си поиграв вчера, денес се скаравме.“ Секое дружење трае еден-два дена. „Сите мене ме обвинуваат, сите ме задеваат и кога не сум крива“ – секогаш е нејзиниот одговор. Учителката ми кажува дека секогаш и со сите се инаети. Никогаш не прифаќа да биде поразена, ниту некој друг да биде во право. Наспроти училиштето, најдобро функционира со другарка од маалото (една год. поголема) и кога би можеле, и 24 часа би биле заедно. Секогаш имаат идеи како и со што да си играат. Кога се работи за учењето, како во училиште така и дома, секогаш има различна концентрација.

Некогаш за многу кратко време совладува доста добро непознат материјал, некогаш нема никаков резултат. Јас ја надгледувам и помагам околу домашното. Не одбива обврски околу учењето. Чита и вежба онолку колку што ќе ѝ зададам како обврска. Во училиште е обратно. Знае да ескивира и да не заврши ништо од обврските (да препише само еден ред од таблата, да реши само една задача и да предаде сосема празен тест со едно одговорено прашање). Тоа што самата не можам да си го објаснам е дека материјалот што вчера сме го научиле солидно и без проблем, денес станува поим за кој првпат слуша и тешко ѝ да го сфати (без разлика дали е математика, природни науки, македонски…).
Живее во проширено семејство (мајка, татко, брат, баба и дедо). Не би рекла дека дома ѝ сѐ допушта да прави што сака, но кога се работи за нејзина желба (дали играчка, јадење или некоја реализација) секогаш е упорна да го добие она што го сакала и она што знае дека не може да го добие. Кон секој од членовите си има посебен однос. Реагира таму каде што смета дека ќе добие.

ОДГОВОР: Пишувате дека вашата ќерка има тешкотии со учењето и со склопувањето пријателства со другарчињата од училиште. За учењето би ве советувала да побарате совет од матичниот лекар за да направите прегледи и тестирање за нејзиното памтење. Околу учењето со вас и нејзиното одбивање во училиштето, претпоставувам дека на вашата ќерка ѝ е полесно кога учи индивидуално еден на еден, а во училиште се повеќе деца и учителката работи со многу деца.

Ви предлагам да поразговарате со учителката за нејзиниот контакт и социјализација со децата од одделението и да проверите дали можеби децата ѝ префрлаат за нејзиното недоволно познавање на материјалот што го учи во училиште. Кај вашата ќерка најверојатно се јавува отпор и таа не знае како да се однесува.

Сигурно многу сака да другарува со децата, а истовремено и прави отпор што не ја прифаќаат таква каква што е.


Разговарајте повеќе со неа, бидете присутни без критикување. Повеќе истакнувајте ги убавите карактеристики и пофалувајте ја. Не споредувајте како може дома да игра, а во училиште не. Кога ќе сака да биде по нејзино и да добие по секоја цена нешто, кажете ѝ: „Јас слушам дека сакаш да добиеш…, јас гледам дека сакаш или не сакаш да ја завршиш активноста.“ Со неа секогаш зборувајте од прво лице, а не „ти тоа го правиш“ или „не можеш“. На пример: „Јас гледам дека ти треба повеќе труд или помош.“
Нормално е да изгради различен однос со секој член од семејството. Ваше е да направите заеднички договор, да имате исто однесување и став за нејзините барања кога ќе видите дека сака да добие нешто по секоја цена. Бидете упорни и истрајни.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X