Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам девојче кое има 5 години и од мала е многу срамежлива. Ме загрижува што кога легнува да спие, дали преку ден или навечер, со испружени раце и нозе, целата се стега и се препотува. Не знам зошто прави така. А и откако се роди братчето, таа стана многу љубоморна и не дели ништо со него.
Како да ѝ помогнам да го надмине срамот, се плаши да каже нешто или да направи и секогаш ме бара да ѝ помогнам.
ОДГОВОР: Вашето петгодишно девојче во голем дел веќе го осозна светот на возрасните, но сѐ уште не располага со вештини за справување со него. Тоа што таа е несигурна и ве бара секогаш за да ѝ помогнете укажува на поголема психолошка зависност со вас, што не ѝ дозволува да биде независна, да ги тестира своите способности и да биде сигурна во себе. Тоа, пак, што се плаши да каже нешто, го манифестира телесно преку стегање на мускулите и телото и активирање на вегетативен нервен систем кој ги поттикнува потните жлезди да излачуваат повеќе течност од организмот.
Сето тоа не ја прави срамежлива, туку повлечена, плашлива и несигурна, особено во социјалната средина. За таа цел, најнапред советувам да користите техники на дишење. Потребно е да имате секојдневен тренинг со техниките на дишење, на пример, секое утро штом таа ќе стане, да користи дишење со одбројување. Тоа изгледа вака: детето зема воздух низ нос, испушта до крај низ уста и одбројува еден, потоа истото и два, па три и така до десет. Навечер или преку ден пред спиење, дишење со задржување кое ја го нарекувам балон. Значи, детето вдишува длабоко низ нос, задржува четири секунди во белите дробови и издишува низ уста силно, воздухот да прошушти низ забите.
Потоа, особено е важно телесно да се поврзете со неа, почесто и подолго да се гушкате, галејќи ја по грбот или по косата. Од особена важност е да стекне некаков ритуал на опуштање пред спиење. Тоа, секако, би била вежбата со дишење, чешлање на косата пред спиење, но и читање подолготрајни приказни за деца.
Уважете ѝ ги нејзините емоции, но и охрабрувајте ја. Таа мора и треба да слуша секојдневно од вас, возрасните, колку е способно дете, умно, мудро, колку е храбра и истрајна. Поткрепувајте го со зборови секое нејзино позитивно однесување и посочувајте ја секоја нејзина способност, вештина, талент што ќе го забележите. Јакнете ја нејзината слика за себе. Покажете ѝ на кој начин и колку сте вие ГОРДИ на неа.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912