Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Во последниов месец имам проблем со ќерка ми која има 10 години. Води инает за сѐ и за секој совет што ќе ѝ го дадам. Но, последниве две недели почна да зема туѓи работи. Како да постапам?

ОДГОВОР: Немам многу информации за вашето дете, ниту за вашиот однос со неа. Што се однесува до земањето туѓи работи, секогаш треба да се обрне внимание која е целта и што добива детето со тоа, кои се емоционалните аспекти на мотивацијата што ја поттикнала да го изврши тој гест.
Децата на нејзина возраст често почнуваат да крадат поради потребата од внимание (дури и да е негативно).
Поради тоа, треба да разговарате за тоа што се случило. Да разберете, без да обвинувате или да го санкционирате делото, каква порака ви испраќа детето со таа постапка.
Разговорот треба да биде отворен, краток, едноставен и соодветен на нејзината возраст.

Децата често крадат од различни причини, да добијат нешто за себе за кое сметаат дека на тој некој друг му дава моќ, да ги казнат родителите, да им угодат на врсниците, да се забавуваат или да имаат чувство на контрола итн.

Пробајте да размислите што е тоа што можеби го сака, а не се осмелува да го каже? Дали нешто ѝ пречи? Каков ѝ е односот со другарчињата? Дали нешто се случува дома што ја мачи?
Нагласете ги последиците од ваквите акции: „Не си среќна кога некој ќе ти ги земе работите, нели? Па, истото важи и за другите.“
Доколку се повтори делото, тогаш може да дојде до одредена санкција – да се извини, а потоа да го врати она што го зела.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X