Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Нашата ќерка пред некој ден наполни 6 години и оди во градинка. На речиси 4 години првпат почна да зборува, отпрвин по 2 збора, па да повторува, а сега може да се каже дека има приближно 150 збора. Препознава и ги кажува предметите, животните, препознава луѓе, децата од градинка ги кажува сите по име. Но од неодамна почна да нѐ штипе и нас и децата во градинка, па не можеме да најдеме начин како да го спречиме тоа. (Напомена, посетува логопед).

ОДГОВОР: Малите деца се соочуваат со многу комплексен опсег на емоции, но сѐ уште немаат развиени јазични вештини или вокабулар за точно да ги изразат своите чувства. Нивната фрустрација произлегува од вистинската желба да ги пренесат своите внатрешни искуства, но сепак се чувствуваат ограничени од нивните ограничени вербални способности. Децата постојано бараат потврда и признание за своите емоции, исто како и возрасните.

Добро е што таа ве следи и ве разбира кога ѝ се обраќате, па на тој начин можете да воспоставите комуникација и да ги разберете нејзините основни потреби. Но речиси секогаш отстапувањата во говорот се рефлектираат и во доменот на однесување и функционирање со околината. Детето не е во состојба да се изрази на соодветен начин, станува свесно за сопственото отстапување, а чувството на беспомошност и фрустрација се зголемува и се манифестира во вид на отпор или бес.

Помогнете му на вашето дете да ги подобри своите јазични вештини со рефлектирање на она што го сака, како се чувствува и со вклучување во активности за развојот на говорот и вокабуларот. Ова може да вклучува заедничко читање книги, разговори, играње и именување и повторување и правење реченици.
Охрабрете ја да игра и преку други креативни средства за самоизразување како: боење, сликање, работа со ситни материјали итн. Многу е добро што веќе посетува логопед кој работи со неа, а и ви помага и ве насочува на кој начин вие дома да работите.

Воспоставете структурирана рутина дома за да обезбедите конзистентност и предвидливост за вашето дете. Да има редовни оброци, време за спиење и играње, време за во градинка, на тој начин таа ќе расте во средина со јасни очекувања и граници.

Пофалете ја и наградете кога прави нешто добро. Во исто време поставете правила на однесување – да не штипе, граници за тоа што смее, а што не смее и бидете доследни во воспитувањето. Тоа не значи да бидете групи и да викате.
За напредок е потребно време и секое дете се развива со свое темпо. Со љубов, трпение и разбирање и многу вежбање, ќе го поддржите растот и развојот на вашето дете.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X