Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 4 години. Отсекогаш била приврзана за мене, но во последниов месец тоа е претерано и преизразено. Порано знаеше да ја причуваат баба ѝ и дедо ѝ на неколку саати, но со спиење досега не е разделена од мене. Во последниов период ако отидам до тоалет, таа хистерично почнува да плаче, иако татко ѝ е со неа во дневната соба. Кога одам да се бањам, таа сака да седи на веце-шолјата само за да биде до мене. Неодамна имавме семеен собир каде што беа сите познати (баба ѝ, дедо ѝ, тетка ѝ), луѓе со кои секојдневно е опкружена, но кога станав од масата да земам чаша и ме изгуби од вид, почна хистерично да плаче по мене како да е крајот на светот. Ова ни создава проблем и за во градинка, секое утро се држи за мојата нога и буквално не можеме да ја одвоиме со учителките. Ве молам за помош, како да постапам?
ОДГОВОР: Споделувате дека вашата четиригодишна ќерка отсекогаш била приврзана за вас, а во последниот период не може без вас. Кога новороденчето ќе ја напушти утробата, прва и најзначајна фигура со која создава приврзаност е мајката бидејќи тоа е психолошки и биолошки зависно од неа, но со текот на растењето таквата приврзаност од зависност станува здрава поврзаност која придонесува за независност во светот на детето.
Тоа би значело дека детето кога размислува за себе, може да се види одвоено, односно како посебно суштество од родителите, самостојно и способно да прави одредени нешта. Она што децата во оваа возраст сѐ уште ги држи зависни од одредена родителска фигура може да потекнува од многу фактори. На пример, темпераментот на детето и неговата психобиолошка природа; интровертните деца подоцна се одвојуваат од родителите, а некои никогаш поради родителскиот наклон и забрана за осамостојување, потоа воспитниот стил, особено доколку е презаштитнички наклонет, неурамнотеженоста на воспитните стилови на двајцата родители, сепарационата анксиозност како последица од преживеан стресен или трауматичен настан итн.
Во тој контекст, би ве советувала да се обидете да ја најдете причината што придонесува за сето тоа и да работите на неа, причината ќе ви го покаже патот до нејзината самостојност и независност, која секое дете ја посакува без разлика на неговиот темперамент.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912