Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 2,5 години и не сака да се облекува, постојано плаче кога треба да се пресоблече или облече за спиење. Пробав со игра, со објаснување, со лутење, никако не постигнав ефект. Ја оставам во соба додека не се облече и тоа не помага зашто таа си седи без проблем. Се прашувам дали ги тестира границите или нешто се има уплашено. Дали јас правам нешто погрешно?

ОДГОВОР: Драга мајка, како родители често пати имаме очекувања од децата кои бараме веднаш да ги исполнат. Така и вие, очекувате и барате од вашето дете самостојно да се облекува и соблекува. Во тој поглед ве советувам да ги проследите следниве три нешта. Најпрво потрудете се и направете добра и објективна процена за тоа какви се моторичките способности и капацитети во моментов на вашето дете.

Дали вашето дете може да одговори на вашето родителско барање или пак не може да одговори и тогаш тоа преминува во притисок кој кај детето предизвикува фрустрација и чувства со кои не може да се справи и да ги обработува. Тоа би значело дека барањето да се облекува само треба да биде природно, во согласност со возраста и способностите на детето, а не да преминува во притисок кој би правел емоционални импулси.

Потоа разгледајте ја доследноста на барањето од повеќе семејни аспекти. На пример, доколку вие барате и инсистирате на самостојно облекување, тоа треба да го бараат и другите членови од семејството бидејќи во спротивно детето ќе ги тестира границите и ќе бега од обврската која му е товар.

И на крај, проследете дали доволно ја поддржувате, охрабрувате и мотивирате. Доколку како родител сакате да воспоставувате семејни правила во домот, потребно е да ги вклучите елементите што ги споменав. Поддржување, охрабрување, мотивирање.
Направете табела во која заедно би нацртале насмеано и среќно лице кога се облекува сама, а доколку одбива да се облекува сама, нацртајте тажно лице. Договорете се како ќе ја наградувате за секое самостојно облекување и запишано среќно лице. На пример, тоа би можело да биде чоколадна паричка, прошетка во парк итн. Играјте облекување кукли. Набљудувајте го нејзиното однесување додека го прави тоа. Играјте менување улоги. Таа нека биде мајка, а вие ќерка. Одглумете го пред неа нејзиното однесување. Разговарајте во врска со тоа. И на крај, имајте многу трпение.

Сепак, вашето дете има само 2,5 години и вие сте на почетокот во родителскиот процес. Ви посакувам заедно да учите една од друга, да уживате и да растете.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X