Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 5,5 месеци, се врти сама на стомакот, се пружа по играчки и ги фаќа, иако сѐ уште не ги држи убаво. Почнавме со дохрана и веќе ја отвора устата за јадење. Во принцип е мирно бебе и не е плачлива, ноќе спие и по 5-6 часа. Единствен проблем е што веќе од третиот месец постојано ја ниша главата. Забележав дека кога сака, може да ја задржи, на пример, кога ќе се загледа во нешто, кога ѝ носам лажица накај устата, но поголемиот дел од времето ја ниша.
ОДГОВОР: Во оваа возраст бебето спушта предмет за да го гледа родителот како го подига. Гледа од каде паѓа предметот и каде ќе падне на подот, го следи движењето на усните на возрасниот и се обидува да го повтори.
Почнува да изговара консонанти како „м“ и „б“. Го погодува предметот ако му биде покажан само дел од него или го бара со очите во насоката во која е скриен. Префрла предмет од рака в рака. Може да го држи шишенцето со две раце. Развива подобра контрола над трупот, главата и вратот. Ја подигнува главата и ја држи додека лежи на стомак. Подигнато в раце „како авионче“, телото го држи цврсто. Легнато на грб ги зема стапалата и ги принесува кон устата. Ова се начелно некои развојни очекувања за бебе од шестмесечна возраст, доколку она што сте го забележале кај бебето ве загрижува, посетете го вашиот педијатар.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912