Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на девојче кое за еден месец ќе полни 3 години и на бебе од речиси 8 месеци. Во периодот околу вториот роденден девојчето почна да има чести изливи на бес, лутина, викање, трескање од земја за ситници. Дури доаѓаше до повраќање и испукани капилари по цело лице од напор. Си го препишував тоа на тантруми, се имам изначитано на таа тема, за тоа дека не знае како да се справи со емоциите. Секогаш пробувам да ја препознаеме и именуваме емоцијата, да зборуваме како се чувствува и што предизвикува да се чувствува така, со разбирање, со мило, со песнички гатанки и гушкање, меѓутоа, не секогаш вродува со плод. Знам и да ја оставам да се исплаче, па потоа кога ќе се смири, да најдеме решение. Имам пробано и да го повишам тонот, малку да ја искарам со цел да согледа дека не е во ред таквото однесување. Но секогаш има спротивен ефект и секогаш уште повеќе вика и неизбежно повраќа. Затоа почесто се обидувам со разговарање, споредување ситуации, објаснување емоции, објаснување и објаснување во недоглед. Тука наидувам на проблем и сум несфатена од околината. Живееме во заедница. И речиси секогаш е проблем што детето било прегласно и што ќе се чуделе комшиите што толку се дерело. По природа не сум конфликтна личност и избегнувам да навлегувам во дебата зашто несомнено води до кавга, се гледа дека ставовите се различни и бесцелно е да се дебатира. Не можам да се пожалам дека ми се мешаат во воспитувањето и грижата за децата од ниту еден аспект и благодарна сум за тоа. Но постојано добивам критики и заклучоци дека погрешно ги воспитувам и дека детето всушност ме омаловажува мене како родител кога така вика и плаче, дека не ме слуша и дека морам да сум построга. Не можам да се согласам со тоа дека не ме слуша, баш напротив сè правиме со договор и се работи за исклучително интелигентно дете што си има ставови, знае што му се допаѓа, што не и сакам да ги почитувам.

Не сакам да изигрувам наредник против нејзина волја. Дали грешам со овој став? Има денови и моменти кога е невозможно да ја смирам додека сама не се смири и нема копче да ѝ го исклучам тонот. Како поинаку да постапам? Морам да опишам една мала случка, да доловам полесно за што сум загрижена. Се будиме сите четворица речиси во исто време и речиси еден час во кревет се скокоткаме, се галиме се смееме сè додека не дојде време сопругот да оди на работа. Вообичаено, сите расположени го испративме сопругот. Зедов да ги пресоблечам децата. Девојчето изрази желба да облече фустанче. Се согласив, но ѝ објаснив дека е ладно и мора да има хулахопки и блузичка со долги ракави под него или џемперче врз него. Не сакаше. Иако понудив десетина различни опции, иако објаснив дека надвор е ладно и дека сите носиме долги ракави. Иако ја отворив балконската врата да почувствува дека е ладно, одговорот беше не и хистерија. Цело време пробувам да сум најсмирена што можам, иако не е лесно, ѝ објаснив дека не е во право, дека мама не ѝ сака лошо, туку не сака да настине, дека џемперче не го расипува изгледот на фустанот и така бесцелно. Па го зедов бебето и заминав во друга соба да го оставам на свекрва ми за да можам сама да се вратам и да ја смирам. Кога се вратив во соба, беше смирена, не плачеше, но штом ме виде пак почна да вреска, само ја зедов, ја гушнав и чекав да се смири зашто гледав дека почнува да има нагони на повраќање. Во тој момент доаѓа свекрва ми и почнува да ми држи лекции како сум немала авторитет и како цело маало се чудело зошто детето викало и дека таа израснала деца без никој да ги чуе и ред други работи, а патем го зеде девојчето и му дозволи да остане во фустанчето со прерамки на -15 .. Зар треба да се дерам и јас погласно од детето или пак да го истепам за да имам авторитет? Зар да дозволам и недозволиви работи само затоа што е луто и вика? Дали грешам? Каде грешам и како да постапувам. Како да покажам дека сум во право кога сакам да воспитувам со разбирање, а не со насилство и како да покажам дека негодување е нормална фаза од растењето и дека не е само моето дете такво. Со мирен разговор не бидува. Несфатена сум и почнувам да се сомневам дали сум во право.

ОДГОВОР: Вие сте мајка на две малечки девојчиња за кои навистина се потребни огромна грижа и внимание. Близината на возраста на двете деца воопшто не ви ја олеснува, туку напротив, ви ја отежнува работата, помалото ви ја бара целосната грижа, но и поголемото си го бара вниманието на еден специфичен и типичен начин за возраста. Вашето мајчинство се наоѓа во една кризна ситуација затоа што повозрасното дете влегува во фаза на осамостојување и негација придружена природно со доста лутина и спротивставување, еден природен развоен егоцентризам. Вие дефинитивно не можете да се поделите и да давате целосно внимание на двете еднакво. Каква помош и поддршка барате? Дали барате воопшто? Знаете дека не е страшно да се побара помош, тоа не нè прави помалку мајки, тоа нè прави мајки кои се свесни за оптоварувањето и кои знаат дека не можат сами. Сепак, и вклучувањето на околината во поддршката треба да биде јасно договорено и преговарано. Ако сте ѝ го оставиле помалото дете на свекрвата, замолете ја да не се вклучува сè додека не најдете решение со повозрасното дете и сè додека не се смири ситуацијата. Или доколку вашата свекрва сака со вас да сподели некои искуства од воспитувањето, кажете ѝ дека го цените нејзиното искуство, но дека во моментов навистина не ви се потребни обвинувања, туку нешто што навистина можете да го примените. Оставете таа да одлучи и да ви каже како може да ви помогне.

Направете ја сојузник, а не непријател. Истото и таа треба да го избере во релација со вас.

Дали сте разговарале со сопругот за ситуацијата со девојчето и за непримерната реакција и вмешување на околината, поточно на критиката од вашата свекрва во справувањето? Каков е неговиот однос за ова? Дали имате однос на разбирање и дали тој се активира во решавање на овие прашања, барем во однос на комуникацијата со неговото семејство? Вие не можете и не сте способни сами да ја менаџирате семејната комуникација на повеќе нивоа. Тоа навистина генерира огромна вознемиреност кај вас, огромна несигурност и ве одвлекува од поадекватно исполнување на вашата приоритетна улога во моментов, мајка на две мали девојчиња.

Другото прашање е односот со вашето дете и нејзината поекспресивна и полута природа. Не разбрав дали ова ви пречи или сметате дека е нормално за овој период? Доживувам во вашето прашање како нешто да ве колеба во однос на разбирањето на нејзиното однесување. Претпоставувам тука голема улога игра и вашата перспектива, поточно како треба да изгледа моето дете и колку смирено треба да е тоа. Она што го потенцирате е дека многу од овие размислувања се наметнати од околината и е нешто со кое и самите секојдневно се борите. Сепак, не сте докрај јасни каков е вашиот став и покрај ваквите размислувања. Ваквите размислувања и ставови секогаш ќе ги има, особено кога вршиме така значајна улога, и секогаш ќе има „поголеми родители“ од вас. Сепак, останува прашањето како тоа ви влијае, дали ве прави понесигурна мајка и ве тера да заземете одреден неавтентичен однос кон вашето дете. Какво е вашето мислење и став во однос на изливите на лутина на вашето дете?
На 3 години, лутината е природен начин детето да се издвои од другите и да покаже свој став. Лутината е гласот на независноста, издвојувањето, почетната моќ и влијание над околината. Во вашиот случај, вашето девојче има доста изразен став за работите околу себе, особено за оние што се однесуваат на неа, па ѝ потребно да бидат уважени на некаков начин. Според она што го презентиравте како пример, забележувам дека лутината се јавува кај неа секогаш кога нешто ѝ е во фокус, а кога некако е ограничена да го добие. Колку поголема фокусираност на она што ѝ е потребно, а ограничено, толку поголема лутина доколку не го добие. Очигледно е дека вашето девојче има многу јак фокус, иако не секогаш знае зошто токму тоа ѝ е потребно.

Еве нешто што би можеле да промените:

Од родителите одобрена околина – Како вашето дете пристапува токму до фустанчето со прерамки? Најверојатно ѝ е во фокус и лесно може да посегне по него. Или друг пример: Ставате леѓен со вода во зимски услови и очекувате детето да не посегне по водата, затоа што е ладно? Значи потребно е да ја креирате околината на некаков одобрен избор. Вашето дете на тригодишна возраст сè уште не разбира кои се последиците на слабото облекување, дали ќе настине и сл. Значи, ја организирате соодветно нејзината околина за што и да побара да е адекватно да го земе или има.
Она што ми остана во фокус од вашето прашање е како се доведува до екстремно интензивна лутина со психосоматски реакции на повраќање. Реакцијата на повраќање е природна реакција на превозбудено тело кое се обидува да се ослободи од стресот, поточно тоа е обид телото да се ослободи од емоцијата однатре кон надвор. И не треба воопшто да ве плаши затоа што повраќањето креира многу поголем страв за неа отколку за вас. Кога лутината е интензивна, тогаш детето влегува во посебна состојба на афект и сите информации однадвор тешко допираат или нема капацитет да ги изрегистрира. Во тој случај, не се обидувате да ја убедите, туку креирате повторно безбедна средина за изразување на гневот, гледате да не се удри, не дозволувате вас да ве удира, но покажувате одредена присутност и ја намалувате/контролирате вашата вознемиреност. Ова, верувајте, не е секогаш поради вас, тоа е нејзин процес низ кој поминува. Во овој случај вие сте ѝ поддршката, седнати до неа на нејзино ниво, за кога и да ѝ е потребно да може да посегне по вас… Таа најверојатно ќе посегне кога ќе ѝ се испразни емоцијата од телото, и тогаш ќе ѝ треба прегратка, друго стабилно тело на кое ќе се препушти. Особено на тригодишна возраст, говорот на телото сè уште има огромен удел во регулирањето на лутината, присутноста, достапноста и поддршката на возрасниот. Вие впрочем со тоа што дишете спокојно до неа, ја учите и како да ја регулира емоцијата со дишење, нешто што е многу битно кај вакви интензивни реакции, со кои и детето знае да се преплаши. Во моменти на обид на повраќање, не спречувајте ја, туку повторувајте: „Сè е во ред, нека излезе, мама е тука.“ или „Сè е во ред, ќе помине, полека диши, мама е тука“, користејќи ритмичен и смирувачки глас. Можете да ја земете нејзината рака, да ја ставите на вашите гради или во вашиот скут и да дишете заедно со неа, ако може да воспоставите контакт со очи супер, ако не, не е неопходно, битно е дека сте заедно. А кога е смирена, можете да ѝ воведете некои вежби за дишење со вас, кои би ги препознала во вас во вака стресни ситуации и би ги примениле заедно…
Многу е важно да гледате дека овие изливи не ве прават недоволно добра мајка и не можат веднаш да се средат. Потребно е време, детето да научи како да ги регулира, и за тоа е потребен присутен и стабилен возрасен, а не исплашен и вознемирен кој само ќе долева масло на оганот и ќе ја пролонгира или храни нејзината интензивна реакција. Помалку зборување и објаснување, но повеќе свесно присуство и контакт само тогаш кога детето го бара…

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X