Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 6-годишно девојче, со типичен развој. Има многу прашања за смртта, умирањето. Вечерва решив да ви пишам поттикната од нејзината игра. Нацртала цртеж и ми објасни дека тоа е нејзин некролог. Ја прашав каде видела, ми одговори – на телевизија. Ми објасни дека сакала да го уплаши татко си, а потоа ќе му кажела дека се шегувала.

Често нè прашува дали ќе умреме, вели „Не сакам да умрете“. Инаку, премногу е емотивна, тажни песни ја тераат на плачење. Тоа се епизоди, инаку е весело дете.
Прашањето ми е дали јас грешам нешто. Се трудам да одговорам за смртта, ама без многу помпа, за гробиштата како за дом на умрените. Не знам дали грешам, ама сакам да знае дека постојат тие работи, а не како што бевме растени ние, во стаклено ѕвоно. Двајцата сме на возраст од 47 години, па растргнати сме меѓу воспитувањето од она време и сегашното каде што се потенцира јас, па јас. Каде што се сите најумни, најубави, каде што ги нема скромноста, вистината…

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Како родители честопати се соочуваме со вакви „тешки“ теми и прашања, најмногу затоа што не знаеме секогаш да им ги објасниме на нашите деца, поради тоа што и за нас самите се енигма или поради сурова реалност која сакаме да ја скриеме или заштитиме од нив. Убаво е што вашето дете го изразува сето она што го чувствува, наоѓа начини да ги истражува емоциите, да го нацрта она што го видела и проживеала со цел да му го соопшти некому, најчесто вам и со вас да најде начин да разбере што всушност значат сите тие големи теми од животот. Загубите и смртта се неоповиклив дел на нашето секојдневие, и секој од нас се соочува или се соочил со значајни загуби. Сигурно и вие сте имале прашања за смртта, само не се сеќавате дека сте им ги поставиле на вашите родители и дали вашите родители реагирале на грижлив начин како што реагирате вие.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Самата нејзина привлечност до вака длабоки и егзистенцијални теми укажува на дете кое е сочувствително, кое е емотивно богато и сензитивно. Тоа е навистина убав квалитет кој сте го поддржале во нејзиниот развој. Во вашето прашање се согледува убавата врска што ја гради и има со вас, затоа што ви се обраќа за објаснување на она што ја мачи, така што без многу помпезности и во моменти кога ќе се појави оваа тема, само продолжете да ја истражувате заедно (од каде си слушнала, што си слушнала), дозволете да ве праша (што е она што сакаш да го знаеш за смртта?) покажете дека прашањата ѝ се навистина вредни, но бидете искрени во однос на наоѓањето на одговорите (ја гледам твојата храброст да поставиш прашања кои и возрасни не ги поставуваат, и гледам како сакаш да ги разбереш оние работи што не се толку видливи, а сите сме ги преживеале на некаков начин) раскажете ѝ го вашето искуство (на загуба, и како сте се чувствувале, но и како сте ја одболувале загубата). Најзначајно е да се донесе тоа чувство дека е нормално да се зборува за смртта и да ја интересира што смртта значи, затоа што ова прашање е сосем нормално за некои деца.

Не пишувате во вашето писмо дали вие или ваш близок поминува низ некоја загуба, дали отворено ги коментирате тие настани пред неа, не обрнувајќи внимание дека можеби ве слуша и бележи сè што разговарате. Велите дека од телевизија ја добила информацијата, но ако се осврнете околу себе, таа информација може многу лесно да проциркулира до неа од каде било. Значајно е да го најдете начинот со неа како да разговарате за вака сензитивните теми, да ѝ понудите поддршка и разбирање, но и сигурност дека сè е ОК, дека мама и тато се тука со неа, и дека е нормално понекогаш да ја исплашат вакви информации или разговори. Стравот секогаш го носи непознатото, затоа направете ја смртта учителка во вашата релација, а не замислен непријател од кој сите треба да се штитите.

Друг системски фактор кој исто така влијае врз разбирањето на сензитивноста на децата е нивниот број и редослед. Согласно тоа, разбираме дека можеби ова дете ви е прво и единствено бидејќи не носите фигура на друго дете. Тоа значи дека таа е многу чувствителна на вашите емоционални флуктуации и многу повеќе е вознемирена кога се навестува некакво ваше преживување. Таа со годините е на место на една позначајна сепарација со која се вклучува во уште поголема социјализација без вас. Од друга страна, родителите на едно дете се исто така поопсервативни и почувствителни на промените кај единственото дете и знаат да дадат повеќе значење на сите нејзини преживувања, понекогаш и дополнително да ги искомплицираат, да ги анализираат премногу или силно да се насочат на нивно разрешување, бидејќи мирот на детето е наша ултимативна цел како родители. Тоа значи дека и таа со годините се одделува од вас, и значајно е тоа да го прави со дозвола и сигурност и со многу љубов и разбирање. Како што таа ве има само вас, така и вие ја имате само неа. Така што понекогаш работите знаат да се отежнат во таа толку поврзана тројка.

Претпоставувам од информациите во прашањето дека сте станале родители во подоцни години, кога веќе имате значително искуство од животот, вашите сфаќања како и вашите стравови и грижи се многу покомплицирани отколку на помладите родители. Сепак, честитам на разбирањето што ѝ го нудите да може да ги канализира сите чувства и грижи со цела доверба дека го имате целосниот арсенал да ја разберете и да ѝ го понудите она што единствено и неповторливо доаѓа од вашиот однос. Така што, дишете, сè е во ред, сè е во рамките на „нормалното“ однесување и интерес на детето. Детското љубопитство, вклучително и за вакви теми, е нормален аспект на развојот, и на проширување на сфаќањата за животот и светот.

Секако доколку опседнатоста на детето со смртта според вас навистина е сè поприсутна, тогаш предлагам да се исконсултирате дополнително со детски психолог или психијатар, или да направите посоодветно родителско советување за да утврдите како да разговарате и како да дејствувате во однос на она што ве загрижува.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X